Љубовта и хуманоста се најмоќната енергија што го движи светот!

0

Деновиве во рацете на штитениците на Јавната установа Завод за заштита и рехабилитација Бања Банско-Струмица, се најдоа подароците и реквизитите што за нив беа набавени од средствата собрани за време на одржувањето на хуманитарната поетска манифестација „Со Босоногата по патот на Светлината“.

Како медиум кој смета дека со заеднички сили може да се помогне филантропијата да биде дел од визијата за подобра иднина за сите, порталот „Мис“ со пригоден текст еднаш веќе го доближи овој хуманитарен настан до одреден број читатели. Но, притоа ветивме дека кога ќе дојде време, со нови моменти ќе биде доиспишан и преостанатиот празен простор резервиран за овој проект.

-Ја реализиравме и заокруживме Манифестацијата на најдобар можен начини – на задоволство на сите партиципиенти. Слободно можам да речам дека хуманитарниот момент на Манифестацијата одѕвони далеку и допре силно до душите на Поетите, Писателите, Уметниците, Музичарите и сите останати кои се обединија и докажаа дека љубовта и хуманоста се најмоќната енергија која го движи светот! Оттаму и моето чувство дека хуманитарната мисија се уште трае. Mанифестацијата ја сфаќам само почеток на една мисија која со аманет од сите не треба да престане – вели Ружа Спасовска, во конкретниов случај- човекот алфа и омега во правењето добрина, за да им се помогне на овие луѓе во невоља.

-Проектот е реализиран како продукт на човекољубието на поети, писатели и уметници, музичари, граѓани…Како Вие се најдовте во оваа приказна?

-Се започна пред една година, при мојата средба со дечињата и повозрасните лица со телесен инвалидитет и попреченост во физичкиот развој, згрижени во Заводот за заштита и рехабилитација Бања Банско-Струмица, на Меѓународниот Драмски Фестивал „Игри без маска” за лица со и без хендикеп, организиран од Здружението на граѓани „Свет на различни а еднакви”. За време на неколкудневното дружење и траење на Фестивалот, на кој јас учествував во својство на волонтер, доживеав преродба на мојата душа. Како резултат на воспоставениот, а необјаснив флуид и заради изродената љубов кон НИВ, јас си ветив дека еден ден ќе им се оддолжам на Розе, Јана, Дарко, Игор, Вецка, Деса, Царка, Зулејха, Биљана… На заедничко задоволство, моето ветување се исполни! – со евидентен изблик на радост од очите раскажува Спасовска.

 

-Важите за жена со импулсивен карактер и борбен дух, од која во секое време извира позитивна енергија, но за да се организира една масовна и успешна манифестација каква што беше „Со Босоногата по патот на Светлината“, потребно е човек да има пред се позитивно опкружување?

-Потополно сте во право. Набрзо по упатениот повик кон Поетите, Писателите и Уметниците, кои по вокација некако ми беа и најблиски, почнаа да пристигнуваат првите пријавени песни за учество, а воедно започна и собирната акција на донирани книги, уметнички слики… Од сите градови се одзваа поети, писатели, литературни клубови, музичари, но и хумани граѓани кои ја поздравуваа иницијативата за ваква хуманитарна мисија. Луѓето несебично испраќаа огромна љубов и желби за успех, но најмногу од се испраќаа искрени желби за добро здравје и среќа на штитениците на Заводот, во чие име и се организираше манифестацијата со хуманитарна мисија. Одзивот беше толку силен, што верувајте ми, моето човечко срце, едвај издржуваше да ја понесе сета таа љубов, таа застрашувачки силна љубов упатена од од многу страни и во исто време за да им ја пренесе на Розе, Јана, Вецка, Деса, Дарко, Зулејха, Игор, Царка, Биљана, Добривое и на сите останати во Заводот! Од сите страни имаше повици и покани – „А кога и во нашиот град ќе се одржи Хуманитарната манифестација?!!” … Не можев да одолеам на тој ураган од љубов!. Прифаќајќи ги тие силни повици и покани, после секоја одржана поетска вечер, односно спроведена хуманитарна акција, веднаш се зафаќав со организација на идентична хуманитарна средба во друг град. Така, наместо во предвидените со програмата три града, манифестацијата се одржа во седум градови. Но, тука не запре хуманитарната мисија. Останаа нереализирани поканите од уште неколку градови како Куманово, Битола, Валандово, Струга… Заради физички возможното, во овие градови остана хуманитарната мисија да продолжи да живее и да се реализира во наредно време – појаснува Спасовска.

-Заслуживте многу повеќе од обично признание за тоа што од петни жили се трудевте да дарувате, ширите и умножувате безусловна љубов, која секогаш и искрено доаѓа од срцето?

-Едноставно се случи моќна енергија од Љубов која ја движеше хуманитарната манифестација, за потоа да се преточи во несопирлива река од љубов, желби, емоции. Во таа несопирлива река партиципираа и самите штитеници на Заводот рамо до рамо со сите нас, учествувајќи со рецитали на поезија на Розе Мојсовска и Трајанка Блажевска (постхумно). Учествуваа и не следеа во сите градови, освен во Скопје од оправдани причини, заради нивно театарско гостување во Србија. Сето тоа го правеа со радост и широки насмевки на лицата. Тоа беше и мојот основен мотив- низ тие нивни насмевки да се почувствуваат еднакви со нас различните од нив, да и докажат на широката јавност дека иста душа носат од Бога дадена, еднаква на нашата, со исти потреби и желби. Да, ние различните од нив, затоа што тие со самото раѓање во несовршено тело, се благословени и издигнати на многу повисоки духовни скалила од нас.

-Но, кажете ни нешто повеќе за куриозитетот кој дополнително ја одбележа оваа манифестација и кој се уште предизвикува симпатии и одобрување, од страна на јавноста, особено на социјаланите мрежи?

-Веројатно мислите на петте избрани песни на Трајанка Блажевска (постхумно) кои ја одбележаа хуманитарната манифестација. Поетот живее и по смртта заедно со неговите песни… Трајанка беше со нас на сите поетски вечери со нејзините песни на кои никој не остана рамнодушен, а беа доживеани со силни емоции до солзи. За пренесените емоции од песните на Трајанка заслужни беа рецитаторите од Заводот- Јана, Дарко, Вецка, Зулејха и Десанка, кои ги заслужуваат сите пофалби и честитки! По којзнае кој пат ќе речам -се случи љубов возвратена, ТИЕ станаа промотори на авторските дела на Поетите и Писателите… Авторските дела стигнаа во домовите на хуманите луѓе кои донираа парични средства. Така се потврдија стиховите од мојата сихозбирка „Босонога кон Светлината” – додава Спасовска.

-Велите Трајанка Блажевска, но во каква корелација е името на оваа поетеса со Јавната установа Завод за заштита и рехабилитација Бања Банско-Струмица?

-Ќе сторев неправда ако не побаравте да ви Ви допојаснам. Поетесата Трајанка починала пред 2 години. Таа на свои 18 години се разболува од „мултиплекс склероза” која брзо напредува. Од 2006-та година, по смртта на нејзината мајка, а заради потребата од придружно лице, таа е принудена својот живот да го продолжи во Заводот Бања Банско. Не се предава и продолжува да пишува поезија…Твори и ги создава стихозбирките “Од мојата душа”, посветена на мајка и, “Изворот на копнежите” – љубовна поезија. Во стихозбирката пак “Носталгија”, од страна на авторот е пресликан судбински предодредениот живот и прикриениот оптимизам, борба и неповлекување пред животот и тогаш кога мора да се прифати неговата неменливост… и тогаш кога мора да се прифати животот онаков каков што е! – посочува Спасовска.

-Придобивките и позитивните ефекти од реализацијата на овој проект се повеќестрани: се подигна свеста на јавноста, која дозна нешто повеќе за постоењето на Заводот во Македонија. По сите сознанија засега ова е прва и единствена Меѓународна манифестација со хуманитарна мисија, организирана од фелата на поетите и писателите во Македонија и Балканот?

-Искрено, пред да се зафатам со предизвикот, се изненадив колку јавноста не знаеше за постоењето на Заводот и за лицата со посебни потреби, негови штитеници. Безброј пати во мојата комуникација, пред, за време на Манифестацијата (и се уште објаснувам), дека постои Завод за заштита и рехабилитација Бања Банско во кој живеат неговите штитеници, односно дека не станува збор за Бањата со термални води во Банско, која е во близината на Заводот и дека постојат и ТИЕ, штитениците на Заводот!

Масовноста пак говори дека очигледно сме успеале да испратиме силна порака за нашата примарна цел-да се натпреваруваме во правењето добрина, која за наша среќа и радост силно одекна и меѓу хуманите луѓе во соседството. Се пријавија учесници од Црна Гора, Србија, Хрватска, а најмногу од соседна Бугарија, околу 20 учесници. За да се знае точниот број на директни учесници и други луѓе кои со свои ангажмани придонесоа за успешност на манифестацијата „Со Босоногата по патот на Светлината”, потребна е детална статистичка анализа која ќе бара многу ангажирано време. Јас би рекла дека имаше околу 200 учесници, а тоа значи дека Мисијата е многу успешна. Респект драги мои поети, писатели и уметници…! Ви се поклонувам и ВАМ и на СИТЕ кои и се придружија на Босоногата! Неможејќи поединечно и поименично на сите да се заблагодарам, ќе порачам да сте ми живи и здрави и нека живее мисијата која ја започнавме – со исполнетост во душата завршува Спасовска.

Жорж Поповски

Share.

About Author

Остави коментар

Skip to toolbar

Powered by themekiller.com