Oops! It appears that you have disabled your Javascript. In order for you to see this page as it is meant to appear, we ask that you please re-enable your Javascript!

Филм на сестрите Митевски во официјална конкуренција во Берлин

0

Филмот „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ на режисерката Теона Стругар-Митевска е избран во официјална конкуренција на престижниот филмски фестивал во Берлин, со што по пауза од 25 години (по „Пред дождот“ во Венеција во 1994) македонски филм повторно ќе биде во главна селекција на филмски фестивал од А категорија.

Премиерата на филмот во Берлин ќе биде на 10 февруари, соопштија денеска на прес-конференција продуцентката и една од актерките во филмот Лабина Митевска и директорот на Агенцијата за филм на РМ Горјан Тозија, кој рече дека Берлиналето е мошне рестриктивен фестивал, избирлив и тежок да се влезе во официјалната селекција и дека успехот се должи на квалитетот на филмот.

-На црвениот тепих бевме пред точно 25 години во Венеција. Мислам дека е премногу чекање четврт век за македонската кинематографија повторно да го доживее ова и треба да сме сите заедно горди. Се надевам дека ова ќе му ги отвори вратите на македонскиот филм, тој да биде присутен и за него да се зборува, особено во ова време кога мора да зборуваме за Македонија насекаде. А најдобро тоа го умееме и можеме преку културата, посебно преку филмот, рече Лабина Митевска на прес-конференцијата.

Го избрале и агентот за дистрибуција на филмот – францускиот „Пирамид“, кој ги откупил правата за светска дистрибуција и на 24 април 2019 ќе ја почне кинодистрибуцијата во Франција. Филмот ќе биде трет (по „Пред дождот“ и „Јас сум од Титов Велес“) што ќе се прикажува во француските кина. Кога ќе биде македонска премиера ќе одлучат дополнително и ќе соопшат по прикажувањето на филмот во Берлин.

„Господ постои, името ѝ е Петрунија“ беше сниман во февруари и март минатата година во Штип, а постпродукцијата е работена во Франција, Белгија и Словенија. Насловната улога (Петрунија) ја игра Зорица Нушева. Филмот раскажува за млада невработена девојка од Штип, која на Водици решава да се фрли по крстот. Но кога успева да го фати, почнуваат и нејзините проблеми затоа што е жена.

Она по што е интересен новиот филм на Митевски е дека целиот технички тим е женски.

Покрај Зорица Нушева и Лабина Митевска, во актерската екипа се и: Мони Дамевски, Суад Беговски, Стефан Вујисиќ, Џевдет Јашари, Виолета Шапковска, Андријана Колевска, Петар Мирчевски, Бајруш Мјаку, Илија Волчевски, Никола Кумев, Игор Тодоров, Ненад Ангелковиќ и Владимир Тулиев.

Share.

About Author

Остави коментар

Powered by themekiller.com