СПЕЦИЈАЛНО ЗА МИС: БРУНО ПАНКОВСКИ СВЕТСКО, А НАШЕ!

0

  • Бруно Панковски е име што полека но сигурно се пробива во светот на дизајнот. Кажи ни нешто повеќе за себе, од каде љубовта токму за дизајнот, за „играње“ со компјутерот?

Најнапред, благодарам за огромниот комплимент, се надевам дека е така. Отсекогаш сум ја имал таа пасија кон убави работи, естетика, колорит, музика и слично. Незнам дали е повеќе до гените или до хороскопот, но и двете насочуваат кон истото.

Првиот контакт со, ајде општо да кажеме артот, започна во средно училиште кога се роди во мене желбата за гитара. Свирев во средношколски бендови со кои ги имав најдобрите моменти во тие години, а исто така тоа беше периодот кога полека почнуваше да ме привлекува и самиот дизајн.

Кон средината на средношколските години, јас и моите најблиски другари, со кои и ден денес, без престан се дружиме, формиравме еден менаџерски тим за забави низ Скопје наречен “Urban Nightlife Skopje”, за кој полека но сигурно почнав да ги изработувам сите плакати и флаери за тие забави, но во тоа време, на аматерски начин и без никаква едукација на тоа поле. Моите родители го забележаа тоа, ме набљудуваа како се однесувам во таа област која се повеќе ме привлекуваше како што наближуваше запишувањето на факултет. Кога дојде моментот на одлука за насоката во моето факултетско образование, не знаев каде точно да се насочам, впрочем како и речиси секој студент во светот. Тука настапија моите родители, кои ми ја предложија опцијата за студии по графички дизајн, поради моето дотогашно дружењесо таа професија, така што првиот студентски ден беше денот кога официјално започна мојата кариера на тоа поле. До ден денес сум многу задоволен, а воедно и благодарен на моите родители што ме насочија на вистинскиот пат.

  • Meѓу првите твои трудови кои излегоа во јавноста беше дизајнот за најновиот албум на Дарио, но и брендирањето на новоотвореното кафуле „МИГ 21“. Беше ли строг како клиент Дарио или ти даде слобода во креирањето?

Да, тоа се меѓу првите проекти кои јавно излегоа како најкомерцијални. Знаете како, соработката помеѓу дизајнер и клиент, не е многу поразлична и помеѓу татко и син. Двајцата имаме некои различни мислења, вкусови и гледишта на работите, но очигледно на крајот сеси дојде на свое место како што треба. Некогаш попушта тој, а некогаш јас, се во интерес на проектот и на обостраното задоволство. Како и да е, со своите идеи и визии,  двајцата придонесовме за и двата проекти да изгледаат уникатно и оригинално какви што се денес.

 

 

 

 

 

 

 

 

  • Кога и каде ќе можеме да видиме некои нови твои креации?

Јас сум всушност присутен на повеќето социјални мрежи, така што на секоја од нив го промовирам секој мој нов проект, но колекцијата на моите најдобри дизајни/проекти може секој слободно да ги погледне на моето официјално онлајн портфолио каде што се детално презентирани сите проекти, а некои и текстуално опишани.

 

  • Главниот причина за ова интервју беше всушност фактот што во последно време си ангажиран околу една сериозна компанија, за која изработуваш иновативна апликација. За што се работи?

Точно така, овој период најголем фокус и приоритет ми е токму тој проект кој е всушност остварување на мојата иновативна и уникатна апликација TICKET (ТИКЕТ).

 Оваа апликација е наменета за било која фирма во светот која нуди услуги на клиенти во своите продажни салони. Имено, во салоните е поставен апарат на кој најпрво избирате каква услуга ви е потребна, а потоа добивате ливче со вашиот реден број. Мојот прв потенцијален клиент за оваа иновација е компанијата Македонски Телеком, за која што е и адаптиран самиот дизајнот на апликацијата.

Идејата за оваа апликација ја добив многу едноставно, од едно несакано искуство како што обично и сите идеи во светот се имаат создадено. Отидов за првпат во еден од салоните на Македонски Телеком да се информирам за одредени нивни услуги, го земав тикетот со мојот реден број и единствено што ми преостанаше е да го чекам својот ред. Мојот број беше 45, а на ред беше бројот 26, а сигурен сум дека чекањето на долги редови во едно место е ноќна мора на секој човек. Затоа решив да прошетам низ трговскиот центар, но основен проблем ми беше што во ниеден момент незнаев колку брзо се движи редот, па така на секои 5 минути морав да се враќам назад. Колку и да се трудев, на мојата трпеливост и дојде крај, па едноставно се откажав од понатамошното чекање, затоа што ме очекуваа многу други обврски. Тоа е клучниот момент кој ме доведе до идејата за една ваква апликација, за која сум дефинитивно сигурен дека ќе им помогне на сите корисници на било која компанија со ваков вид на услугa.

Целта на оваа апликација е целосно да го анулира овој проблем.

Со самото вклучување на апликацијата имате 3 чекори:

  1. Го внесувате вашиот реден број од тикетот од салонот
  2. Ја селектирате локацијата на салонот во кој се наоѓате
  3. Избирате колку броеви однапред сакате да добиете известување, пред да дојдете на ред.

По ова, вие слободно и безгрижно можете да прошетате, да шопингувате или да се напиете кафе во најблиската околина, без да го пропуштите својот ред. Идеално, нели?!

 

Од оваа апликација нема да имаат придобивки само корисниците, туку и вработените во салонот, поради тоа што просторот ќе биде многу попрегледен и растеретен, а вообичаената нервоза и задушливост ќе се сведе на минимум, на задоволство на сите.

  • Ќе ти отвори ли овoj проект нов прозорец во твојата кариера?

Ако ова се оствари, сигурен сум дека ќе ми овозможи побрз напредок, но како и да е, овој проект е само почеток на етапата од мојата кариера, во која што започнувам со реализација на моите иновации. TICKET е всушност мојата втора иновација, бидејќи првата е онаа која е наменета за Instagram, a може да се види на следниов линк.

 

  • Колку има простор кај нас за работа на полето на новите технологии, односно колку има простор за да се работи комплетен производ, а од друга страна, до кога ќе работиме само како подизведувачи за други, поголеми нарачатели?

Реално, има многу простор и шанси за работа на ова поле во Македонија. Допрва доаѓа ерата на дизајнот, програмирањето, 3Д и останатите компјутерски струки, а тука се и шансите за outsource соработка со надворешни клиенти и фирми. Младите луѓе кои во денешно време велат дека нема работа, најверојатно не се обиделе доволно за да ја пронајдат својата шанса, која сигурно некаде ги чека.

Во врска со ставањето крај на работењето само како подизведувачи и започнување со работа за себе, тоа е веќе прашање на идеја, самодоверба, храброст и издржливост.

Ако имате одлична идеја која недостига на денешниот презаситен пазар и доволно самодоверба и храброст, тогаш единственото нешто што ве двои од успехот е челичната издржливост.

 

 

НАПОМЕНА!

Со оваа објава на идејата за апликацијата “ТИКЕТ” јавно, согласно важечките законски норми во Република Македонија, истата се смета за заштитено авторско право. Правните и физичките лица не смеат да ја користат, кодираат, копираат или употребат оваа апликација или идејата за апликацијата и идеја слична на презентираната, без претходна согласност на нејзиниот автор Бруно Панковски. Доколку тоа се случи, истите може да сносат одговорност, согласно законите за повреда на авторското и материјалното право.

WARNING!
With this published announcement of the idea for the application “TICKET”, in accordance with the legal norms of Republic of Macedonia, it is considered as a protected copyright. Legal and physical persons are not allowed to use, code, copy or implement this application or idea for the application or an idea similar to this one, without the prior consent of its author Bruno Pankovski. If that happens, they can be held accountable under the laws of a violation of copyright and substantive law.

Share.

About Author

Остави коментар

Skip to toolbar

Powered by themekiller.com