Сашко Велков со нови соло проекти (ВИДЕО)

0

Се вели убавите нешта секогаш одат во пар, па така и маестро Сашко Велков (инаку еден од основачите на оркестарот Дрим тим) реши во првата половина од оваа година да изненади со два нови соло проекти. Првиот е всушност неговото најново инструментално дело, кое, вели, е работено со мерак и многу љубов и е посветено на неговиот драг колега, девер и другар Далибор Минов, кој, за жал, прерано го напушти овој свет. Вториот, пак, е балканската музичка вечер каква што досега не се одржала на нашите простори и која ќе биде вистински музички деликатес наменет за сите вљубеници во звукот на хармониката.

-„Majestik accordion“ е моето најново инструментално дел кое го работев малку подолго, но едноставно она што сакав да го добијам си бараше малку повеќе време и работа. Музиката и аранжманот се мои, мастерингот е на Љупчо Соколовски, додека видеото го работев со Столе Стоилов од Флај видео продукција. Станува збор за мое, авторско оро кое е правено во српски стил со фигури од балканското подрачје. Се надевам дека на публиката ќе ѝ се допадне проектот кој, пред сè, е правен со многу љубов и емоции – вели маестро Сашко Велков, кој периодов освен на промоцијата на „Majestik accordion“ работи и на Балканската музичка вечер закажана на 20 март во Кочани.

-Идејата да се одржи ваква музичка вечер и кај нас ја имав одамна. Првично требаше да бидеме само хармоникаши, но во разговор со колегата, маестро Пламен Димитров од соседна Бугарија решивме да го поканиме и големиот маестро на виолина Георги Јанев, кој е меѓу најдобрите на Балканот. Почетокот на вечерта е најавен во 20 часот и тоа со настапот на мојот наследник, мојот син Давид кој ќе се претстави пред публиката со околу 20-минутен настап. Иако е млад наградите веќе доволно зборуваат во која насока се движи неговата кариера. Потоа вечерта со својата виртуозност и присуство ќе ја збогати и маестро Милан Завков, кој ќе се претстави во ревијалниот дел и во придружба на Стојанче, клавијатури, и Гале, тапани. Ова е навистина реткост да се имаат гости од ваков ранг на едно место и ќе биде интересно и да се види и чуе сè што подготвуваме и, секако, делот за кој всушност ќе биде резервиран и крајот од вечерта, односно нашиот заеднички настап кој ќе биде своевидно натсвирување мое, на Пламен и Георги – вели маестро Велков.

Балканската музичка вечер ќе се одржи на 20 март во ресторанот „Амор“ во Кочани со почеток од 20 часот. Влезниците веќе се пуштени во продажба и интересно е дека повеќе од половината веќе и се распродадени.

Слушнете го последното музичко дело на Велков:

 

Share.

About Author

Остави коментар

Skip to toolbar

Powered by themekiller.com