Русковска вели дека се собрани дел од доказите за бегството на Груевски

0

Гостувајќи во емисијата „Правда и неправда” на 1 ТВ, првиот човек на Обвинителството за организиран криминал и корупција, Вилма Русковска, изјави дека веќе се собрани дел од доказите за бегството на поранешниот премиер Никола Груевски. Таа истакна дека е неблагодарно во предистражна постапка да се лоцира одговорност за бегството на Груевски и додаде дека е потребно време да се утврди кога и на кој начин избегал од државата.

– Како Обвинителство ако ја лоциравме одговорноста, немаше да бидеме во предистражна постапка и ќе поднесевме наредба за спроведување на истрага. Не можеме да си дозволиме шпекулација. Сепак сме сериозна институција и ако лоцираме вина било лична или на институција, тоа ќе го кажеме ама тогаш кога ќе имаме докази. Многу е неблагодарно во предистражна постапка да се каже дека ја лоциравме вината – рече Русковска, прашана дали првично може да каже каде затаиле институциите во случајот со бегството на Груевски бидејќи во јавноста веќе се лоцира одговорноста во МВР, СЈО или во Агенцијата за разузнавање.

Во однос на Агенцијата за разузнавање, Русковска потсети дека оваа инситутиција е под надлежност на претседателот на државата и упати на одговори кај Агенцијата за тоа дали тие имале некоја информација.

Во коментар на реакциите за пуштањето од домашен притвор на пратениците кои учествуваа во гласањето за уставните измени и дали Обвинителството влегло во „политички игри”, Русковска подвлече дека таа лично дала негативно мислење за пуштањето на Крсто Муковски од домашен притвор.

– Лично дадов негативно мислење, а како се случи неговото излегување е веќе работа на судот, а не на Обвинителството – рече Русковска.

За другите двајца пратеници, рече дека нуделе гаранции и оти за нив сакала и претходно да даде позитивно мислење но оти тоа не се случило за јавноста да не добие впечаток дека се пуштаат поради актуелните политички случувања во тој период.

Share.

About Author

Остави коментар

Skip to toolbar

Powered by themekiller.com