Придружникот на Груевски зел боледување за да отпатува во Унгарија

0

Царинскиот службеник Александар Трајковски, кој завчера беше фотографиран во Будимпешта заедно со бегалецот Никола Груевски, зел боледување од работа, односно од Царинската управа. Трајковски исто така е советник и во Гази Баба од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. СЈО го гони Трајковски за сторено кривично дело насилство, но досега нема побарано мерки за претпазливост, односно не му е одземен пасошот. Тој в понеделник треба да се појави на судењето за случајот „Насилство во Центар“.

„Од 5 декември 2018 година користи боледување, уредно пријавено во согласност со интерни акти на Царинската управа. Исто така, информираме дека царинскиот службеник во изминатиот период немал подолги отсуства од работа ниту, пак, реализирал службено патување во Унгарија“, велат од Царинската управа за „Макфакс“.

Неофицијално, Александар Трајковски завчерутро со лет на „Визер“ заминал за Будимпешта во посета на Груевски. Вчера, Трајковски постојано беше недостапен на мобилниот телефон, а завчера на „Вибер“ кусо им одговори на новинарите што го бараа: „станува збор за грешка“. Од Царинската управа велат дека ќе ги проверат наводите што се објавени во медиумите, а нивните надлежни служби ќе го испитуваат случајот. Од МВР не одговорија на прашањата дали Трајковски ќе биде повикан на разговор за случајот со бегството на Груевски. Јавното обвинителство вели дека случајот е во предистражна постапка и затоа не може да кажат дали ќе го повикаат Трајковски на распит.

Обвинителката Вилма Русковска изјави дека Обвинителството за две недели ќе излезе со првичните резултати од предистражната постапка за бегството на поранешниот премиер.

Последно, Трајковски оранизира и протести со слоганот „Слобода за Никола Груевски“ по што достави и барање до претседателот Ѓорге Иванов да запре прогонот што се води врз ВМРО-ДПМНЕ.

Share.

About Author

Остави коментар

Skip to toolbar

Powered by themekiller.com