Олдтајмерџиите од Стојаково се подготвуваат за Индија

0

Кога олдтајмерџиите од Стојаково подготвуваат изненадување, тогаш светот навистина треба да се подготви за изненадување. Нашите национални херои од летово, кои го пријавија своето патување со стар Renault 4 до Ница и Азурниот Брег со обична објава на фејсбук, што спонтано прерасна во еден од главните летни настани, многу пошироко од рамките на автомобилската сцена, повторно ќе патуваат. Авантуристичкото дуо Ѓорѓи Николов и Џоко Шуклев веќе извесно време имаа најава за изненадување, но кој ќе се надеваше: Светло синото Renault 4, произведено пред четириесетина години, овојпат ќе вози до Мумбаи, Индија.

Нашите најпознати олдтајмерџии најавуваат „По стапките на Мајка Тереза и Александар“

Можеби токму скромноста е одликата што ја привлекува јавноста да ги следи авантурите на олдтајмерџиите од Стојаково. Тие најавуваат дека „мисијата која следува ќе биде доста покомплексна, но во исто време и повозбудлива.“ Никој не зборува за спектакл, сензација, историски потфат, а токму за тоа се работи.

Николов и Шуклев поаѓаат по стапките на Мајка Тереза и Александар, со крајно одредиште на потфатот во Бомбај, денешен Мумбаи, во Индија. Патувањето во двете насоки е долго 19.000 километри, низ седум држави: Грција, Турција, Грузија, Азербејџан, Иран, Пакистан и Индија. Бидејќи станува збор за потфат од крајни граници, патувањето ќе биде проследено со неопходната логистика. Во тимот се планирани механичар, камерман, медицинско лице и шофер, кои ќе го следат македонското Renault 4 со друго возило. На тоа следат уште резервни делови, медицински материјал, како и храна и вода, доколку мисијата заталка во пустината во Пакистан.

Стартот се планира за 23-ти март, секако од Стојаково, за враќањето да следи на 1-ви мај, точно за време на одржувањето на вториот неофицијален панаѓур на Стојаково, кадешто јавноста ќе може повторно да ги поздрави македонските херои.

Повик до националните телевизии и до македонските компании да придонесат за реализација и публицитет на единствениот потфат од овој вид досега

Постои причина зошто сличните потфати, кои произлегуваат од средините што се поблиску до срцето на Европа, секогаш се проследени со имиња на големи компании и марки. Овој историски потфат на нашите олдтајмерџии бара соодветна финансиска поддршка. Џоко и Ѓорѓи ценат дека трошоците за патувањето би се движеле меѓу 12.000 и 15.000 евра, вклучувајќи подготовка на возилото, обезбедување визи за сите членови на екипажот, организација на сместувањето и покривање на самите трошоци за пат.

Секако дека авантура од овој обем и значење заслужува да биде проследена со видеоснимка. „Поп-ѕвездите“ со Renault 4 упатија повик до националните телевизии, за да пуштат свој камерман во екипажот. Тоа е многу подобар исход од класичниот случај во нашите средини, кога странски телевизии го препознаваат вредниот публицитет и ја преземаат „славата“. Ова, едноставно е единствена шанса досега, Македонија да известува директно за свои достигнувања, место да пренесува соопштенија за туѓи потфати, од туѓи авантуристи, кои му значат на некој друг.

Share.

About Author

Остави коментар

Skip to toolbar

Powered by themekiller.com