НАСМЕВКИТЕ НА ЛИЦАТА СЕ НАЈДОБРАТА ПОТВРДА ЗА УСПЕШНАТА РЕАЛИЗАЦИЈА НА МАНИФЕСТАЦИЈАТА „АНТЕВО ПЕРО“

0

Неодамна во Скопје и Лазарополе се одржа дводневната меѓународна културно поетска манифестација „Анте Поповски-Антево перо“. Во разговор за МИС, своите првични впечатоци за настанот ги сподели еден од подвижниците на манифестацијата, Жорж Поповски, син на великанот на македонската поетска мисла Анте Поповски, во чија чест и беше организирана споменатата манифестација.

Тој не го криеше задоволството од успешно реализираниот проект, кој како што рече, и бројните посетители, но и луѓето кои на еден или друг начин беа инволвирани во неговата релизација го запаметиле како исклучително позитивно доживување што им се случило во последно време. Насмевките на лицата на овие луѓе за Жорж се најдобрата потврда дека иако времето било кусо, оваа иницијатива и идеја се реализирани успешно.
– Не случајно е речено дека кога нешто премногу и искрено се посакува, цел Универзум помага тоа и да се оствари. А токму таков беше случајот со манифестацијата која е повод за нашето денешно дружење. Во најтесното семјество на Анте Поповски но и неколку Антеви и наши долгогодишни искрени пријатели и соработници, кон крајот на 2017 година како никогаш претходно, посакувавме, Манифестацијата Антево перо конечно да се најде на мапата на културни настани што се одвиваат под патронат и со поддршка на Министерството за култура на Република Македонија. Но, не затоа што не бевме подготвени во случај работите да тргнат наопаку, Манифестацијата да ја реализираме со сопствени средства, туку пред се поради тоа што бевме свесни дека чествувањето на еден автор со благослов на ресорното Министерство, недвојбено има поголема тежина и поинаков призвук! Со прифаќањето на предлогот на програмската Комисија – манифестацијата Антево перо да си најде место во годинешната програма на Министерството, ние како организатори добивме силен ветер во грб, бидејќи беше постигнат двоен ефект. Од една страна поспокојно можевме да се зафатиме со предизвиците за успешна организација и реализација на Манифестацијата, а од друга страна, со овој гест, кој ние во семејството максимално го цениме, беше исправена една голема неправда, што кон мојот татко ја направија одделни претходни состави на Комисиите, отфрлајќи ги од само ним познати причини предлозите за трајно одбележување на неговото дело! – вели Жорж Поповски.

Според него, мошне значаен фидбек дало и самото име или поточно творештво на Поповски, кое со магнетна привлечност мотивирало, испровоцирало или пак инспирирало ни помалку ни повеќе туку 65 поети (меѓу кои имало и искусни творци но и почетници, романтичари но и скептици, млади и оние „во години“, кои творат на македонски јазик) да се пријават на Конкурсот за нагрaдата Антево перо. Повеќето од нив биле со намера, ако е можно да се искачат на самиот поетски Олимп,во конкретниот случај олицетворен во признанието Антево перо, а некои пак за првпат да споделат искуство и да се најдат во друштво на поафирмирани поети.
– Нека ми биде простено ако грешам, ама ваков интерес досега е незапаметен и за многу пореномирани манифестации со повеќедецениска традиција, што нашето задоволство дополнително го направи поголемо. Во една таква силна конкуренција, како жири комисија сепак бевме едногласни и одлучивме првиот лауреат на нововостановената книжевна награда Антево перо да биде современиот македонски поет Славе Ѓорѓо Димоски, кој зад своето име претходно ги има заверено најзначајните домашни поетски признанија-наградите „Браќа Миладиновци“ и „Ацо Шопов“, но и неколку меѓународни. Стихозбирката „Кумова слама“ на Димоски се издвои од сите пристигнати ракописи како најзрело поетско писмо, во дослух и со поезијата на Анте Поповски, а промотивниот примерок на авторот му беше врачен на првиот ден од Манифестацијата во Центарот за култура во општина Ѓорче Петров.

Во име на почит кон највисоките поетски вредности а заради стимулирање на најдобрите пријавени автори на Конкурсот, решивме годинава по исклучок (кој може натаму да стане и правило), да ги прогласиме Михаил Свидерски и Марина Мијаковска за поети – придружници на наградениот поет, за што им беше врачено соодветно признание, симболички поврзано со ликот и поетското дело на Анте Поповски. Комисијата со радост констатираше дека и придружниците на наградениот поет во многу апсекти се врвни поети – наследници на Анте. И не само тоа: многу од стихозбирките кои пристигнаа, а нивниот број (65) покажува колкав е пиететот кон поетот Анте Поповски, се навистина продолжување и оживување на оној водотек за кој сите, по напуштањето на поетот на овој свет, се плашевме дека ќе пресуши – додава нашиот соговорник.
Поетовиот син Жорж уште предочи дека во рамките на програмските активности на манифестацијата, што се одржале во родното село на поетот Лазарополе, биле реализирани поетско читање и посета на паркот на поезијата, а била основана и Академија Анте Поповски. Заложбите на Академијата ќе бидат и во насока на заштита на Библиотеката на Анте Поповски во село Лазарополе и ставање на расположивиот книжниот фонд во поширока функција, но и поставување на спомен плоча на куќата во која живеел и творел поетот. На основачкиот состанок било одлучено членовите да имаат официјален мандат и обврска во рамките на нормативно – правните акти на Академијата, да се грижат за заштита на ликот и делото на Анте Поповски, преку натамошен растеж и афирмација на меѓународната поетска манифестација „Анте Поповски-Антево перо“.Било зацртано и продлабочување на соработката со Општина Ѓорче Петров, како и со Месната заедница од село Лазарополе, со цел успешно приведување кон крај на започнатиот зафат за реновирање и разубавување на паркот на поезијата на мијачкиот крај во селото и негово заживување преку организација на поетски читања, како дел од манифестацијата.
И првиот и вториот сегмент на претставувањето биле успешно реализирани, за што сведочат бројните позитивните одгласи во медиумите и културните кругови, смета Жорж, кој додава дека честитки до лауреатот на наградата и до организаторите на манифестацијата упатиле и поранешниот добитник на „Златниот венец“ на СВП Љубомир Левчев, бугарскиот поет, преведувач и ликовен уметник Роман Кисјов и проф. д-р Миодраг Врчаковски.
Се планира следното издание на манифестацијата да биде збогатено со одржување на работилници за креативно пишување и ликовно творештво во Скопје и Лазарополе, подготовка на аудио и видео материјал со најзначајните акценти од програмата, како и реализација на музичко – сценски и поетско- ликовни содржини.

Share.

About Author

Остави коментар

Skip to toolbar

Powered by themekiller.com