Мусала

0

Викаат еднаш годишно оди некаде и направи нешто што никогаш не си го направил. Мусала ми е дамнешна желба, а секогаш нешто друго излегувало во последен момент. И викендов конечно одлучив, одам на највисокиот врв на Балканот.

По кусата обиколка на Боровец, кој многу ми се допадна, легнав да спијам и да одморам за она што не чека наредниот ден. Станав некаде пред 4 часот наутро, во бунило, колку да се средам и тргнам. Поголемиот дел од групата беше весела и насмеана, со челните батерии на глава, храбро оддалечувајќи се од појдовната точка и влегувајќи во шумата.

Јас не знаев каде се наоѓам, мозокот и телото уште ми спиеја, само одев и го гледав ѕвезденото небо над нас кое ветуваше убав ден. А кога ѕвездите ги заменија првите сончеви зраци, имав прилика уште еднаш да ја видам прекрасната Рила, која за разлика од минатиот пат кога требаше да одиме на Маљовица, беше многу погостопримлива.

Одевме долго, најголем дел од времево во снег, кој беше натежнат над многубројните борови и даваше изглед на една вистинска зимска бајка. А после некое време, ете ја пред нас, се појави Мусала. Немаше потреба да ми каже некој, знаев дека тоа е врвот, огромен, величествен и гордо исправен над сите останати. Застанав да го гледам, да му се восхитувам, како што секогаш гледам на врвовите, како што секој ден одејќи на работа го гледам мојот Љуботен. Знаев дека не чека уште многу долг пат, но ќе издржиме, како и секогаш досега, зашто такви сме ние планинарите-кога ќе зацртаме некоја цел, нема сила што ќе не натера да се откажеме.

Стасавме до првиот планинарски дом, Мусала, каде застанавме да направиме куса пауза и да се освежиме, зашто знаевме дека не чека долг пат. А оттаму, јак успон нагоре, до следниот планинарски дом. По патот убавини на сите страни, да не знаеш каде попрво да се свртиш и да фотографираш. Сретнавме планинари од многу земји кои веќе се симнуваа надолу и со сите пријателски поздрав и насмевка, чиниш се знаеме со години.

Се приближуваме и кон заклон ,,Еверест”, нозете веќе се тешки ама нема предавање, нема откажување, веќе сме блиску до целта. Влеговме внатре, домот прекрасен, собите горе со најубавиот поглед кон планината, топло, убаво. Извадивме се’ од ранците, секој секому нудеше храна, вода, освежување. Повторно истото чувство на единство и блискост со овие драги луѓе со кои имаме толку многу километри поминати заедно.

Мусала се гледа се’ појасно, се’ поблиску ни е, на дофат. Го напуштаме домот и тргнуваме да ја поминеме последната фаза. Луѓето што се симнуваат не тешат ,,нема уште многу, ајде”. Стигнуваме до сајлата. Почнуваме да качуваме нагоре, теренот е лизгав, снегот го отежнува движењето, на моменти не знаеш каде да ја ставиш ногата. Но одиш, упорно одиш и по некое време, ете го добро познатото обележје на врвот, ете го и планинарскиот дом. Стигнавме! Радост кај сите, прегратки и честитање, милион емоции во воздухот. Погледот од горе фантастичен, чисто небо, а сите околни врвови ги гледаш и сфаќаш дека си над сите нив 🙂

Спустот ми беше малку потежок со оглед на тоа дека се лизгаше, па со помош на другарите кои ни подаваа рака и не задржуваа успеавме безбедно да се спуштиме до ,,Еверест”. Од таму, фативме некоја друга патека, па поминавме покрај реки со силен водотек и огромни камења, ги видовме заледените езера по патот и ни се отвори уште една, нова страна на Рила. Падна и магла, почна да студи, но веќе ништо не можеше да ни го наруши доброто расположение. Знаевме дека што и да се случи, не чека топол чај во локалните кафанчиња во Боровец и автобусот за дома.

Стасавме во хотелот каде преноќивме, споделивме уште некоја радост и импресии, секој од свој агол раскажа како го доживеал врвот, ама сите бевме подеднакво среќни што во еден момент од тој ден бевме горе, а Мусала ни дозволи да ја видиме во едно прекрасно издание.

Од техничките карактеристики, врвот се наоѓа на 2.925 м.н.в., а се совладуваат нешто повеќе од 1.600 м.н.в. Според некои пишувања, името му произлегува од „Мус Алах“, или „место за молитва“, „врв за молитва“, и името е дадено за време на турското ропство. А бидејќи планините се нашите храмови, сметам дека името е многу соодветно и баш му прилега. Фала, Мусала.

Share.

About Author

Калина Велевска

Остави коментар

Powered by themekiller.com