Македонски филмови догодина на фестивалот „Санденс“

0

Документарниот филм „Медена земја“ и играниот „Ловци на вештерки“ се вклучени во официјална конкуренција на „Санденс 2019“, кој на крајот на јануари ќе се одржи во Јута, САД.
„Медена земја“ е во режија на Љубомир Стефанов и Тамара Котевска, продуцент на филмот е Атанас Георгиев, а негова е и монтажата. Филмот обработува тема за животот не една жена која живее сама со мајка и во централна Македонија, во сосема примитивни услови и произведува мед од диви пчели…Таа е последната жена одгледувач на диви пчели во Европа, која сака да ги спаси пчелите и природниот баланс на планетава.
„Ловци на вештерки“ е малцинска копродукција меѓу Србија и Македонија, семејна приказна, која жанровски се движи помеѓу авантура, научна фантастика и семеен филм. Тоа е приказна за Јован, момче од десет години, кое е родено со делумнa церебрална парализа. Неговиот живот е условен од оваа ситуација. Преку својата имагинација Јован бега во светот на фантазијата, во која, непречен од својата физичка попреченост, тој е слободен да направи сè и да биде оној што сака, еден вид суперхерој.
Филмот е во режија на Рашко Миљковиќ, сценариото е напишано од Марко Манојловиќ и Милош Кречковиќ, а во него играат: младите Михајло Милавиќ и Силма Махмут, како и Јелена Докиќ, Милутин Милошевиќ и нашата светски позната актерка Јелена Јованова.
Филмот се реализираше со поддршка на Филмскиот центар на Србија, под-програмата МЕДИА на Креативна Европа, Агенцијата за филм на Република Македонија, Министерството за образование на Република Србија, како и градот Белград.
„Санденс“ е еден од најпрестижните филмски фестивали во светот и е на рамниште на Берлински фестивал, „Кан“, „Бафта“, „Глобус“ и фестивалот во Венеција. Фестивалот, кој постои од 1981 година, е основан од Роберт Редфорд и ќе се одржи од 24 јануари до 3 февруари 2019 година е еден од најголемите филмски фестивали oд А категорија.

Share.

About Author

Остави коментар

Skip to toolbar

Powered by themekiller.com