Oops! It appears that you have disabled your Javascript. In order for you to see this page as it is meant to appear, we ask that you please re-enable your Javascript!

„Магоа“ ги открива тајните скриени во објективот на Лазар

0

Ви го претставуваме младиот и талентиран Лазар Зафировски. Активно фотографира веќе две години, а ги усоврши своите вештини на Академијата за визуелни уметности „Џолев и уметностите“ – Сивус едукативен и развоен центар во Скопје. Откако заврши еден циклус во своето дружење со фотоапаратот, реши своите дела да ги понуди пред јавноста. На 6 декември во галеријата „Акантус“ ќе ја отвори својата прва самостојна изложба. Еве што дознавме за него во нашиот краток разговор.

Што те мотивраше да почнеш да се занимаваш со фотографија?

-Како и секој човек што бара начин да се искаже и да го пополни своето време, јас сфатив дека тоа сакам да го правам преку фотографијата.  Почнав прво да фотографирам со мобилен телефон, но кога ова хоби сериозно ме заинтригира, решив да купам и апарат. Со фотографијата доловуваш моменти, начин на твоето гледиште на нешто или на некого, сликовито го доловуваш она што го чувствуваш или сакаш другите да го почувствуваат.

Од каде најчесто добиваш инспирација за своите фотографии?

-Мојата инспирација потекнува од секојдневните искуства и емоци. Исто така музиката има голема важност, па заедно со искуството и емоциите ги создаваат моите дела. Некогаш нема повод, едноставно се создава приказна на самото место.

Колку е битна фотографијата во твојот живот?

-На почетокот фотографијата ми беше само хоби, но со текот на времето сфатив дека тоа е нешто што ме исполнува и нешто што сакам да го усовршам и „работам“.

Дали професионално се занимаваш со фотографија?

-Да, работам во „Елена Лука“ и „Фешнел“ , каде што секојдневно фотографирам. Благодарение на нив, секојдневно се надградувам професионално и навлегувам повеќе во оваа област. Ова повеќе ми претставува задоволство и пасија бидејќи постојано уживам додека си ги завршувам своите задачи.

Што те наведе да направиш прва самостојна изложба?

-Всушност, тоа е многу интересна приказна. Идејата започна кога барав уникатно место да го прославам својот 23-ти роденден. Искрено, не сакав тој роденден да биде обичен како и сите останати (во кафуле или кафеана), па поради тоа решив да истражам други опции за невообичаени родендени. Истражувајќи, најдов интересно изложбено место, за кое што сметав дека би било погодно да се претставам себе си со моите дела, а воедно и да го прославам таму мојот  роденден.

Досега имам учествувано на повеќе заеднички изложби, но решив дека сакам да направам самостојна изложба каде што би се изразил со мои дела, ќе се стави акцент на конкретна тема и посетителите ќе можаат да ме запознаат подобро преку моите фотографии.

Кажи ни нешто нешто повеќе за изложбата?

-Изложбата ќе биде отворена на 6 декември во 19 часот, во галерија „Акантус“ ( Дебар Маало) и ќе трае до 11 декември. Името на изложбата е „Магоа“ и се состои од портретни фотографии и актови кои посетителите, доколку им се допаднат, можат да ги купат во самата галерија. Поконкретни информации ќе останат во тајност, така што ве поканувам да дојдете на изложбата и да ги видите моите дела.

 

 

 

Share.

About Author

Остави коментар

Powered by themekiller.com