Крсте Роџевски со њујоршкиот ол-стар бенд доаѓа на ОФФ фест

0

Македонскиот композитор, гитарист и пејач Крсте Роџевски, по африканската дива Фатумата Дијавара, е второ потврдено име кое ќе настапи на Офф фест. Роџевски повеќе од дваесет години живее и работи во Њујорк. Тој заедно со својот њујоршки ол-стар бенд ќе одржи ексклузивен концерт во рамките на годинешниот фестивал.

Настанот е закажан за 3 јуни во МОБ, а во оваа пригода тој ќе настапи со некои од највозбудливите музичари од првата лига на њујоршката џез-авангарда: Мери Халворсон (гитара), Кирк Кнафке (труба), Томика Рид (чело), Мајкл Бланко (контрабас) и Тома Фуџивара (тапани), практично јадрото од екипата солисти со кои тој изминативе неколку години соработуваше при создавањето и снимањето на неговите композиции.

Концертот во Скопје ќе претставува македонска концертна премиера на музичкиот материјал на Роџевски од неговите три албуми: „Batania“ (2015), „Bitter Almonds“ (2017) и „The Rabbit And the Fallen Sycamore” (2018), што добија одлични рецензии и пофалби од светската музичка критика, а последниот беше избран за еден од најдобрите албуми во 2018 година според реномираните списанија „Даунбит“ (Downbeat) од САД и „Вајр“ (Wire) од Велика Британија.

Роџевски своите почетоци ги бележи во деведесеттите години во Битола, заедно со група музичари од која подоцна ќе произлезат Фолтин и Љубојна. Пошироката публика го познава по музиката од филмовите „Сенки“ и „Бикини Мун“ на Милчо Манчевски, „До Балчак“ на Столе Попов и „Војната заврши“ на Митко Панов, како и по соработката со Дуке Бојаџиев на неговиот албум “Love Is The Way”.

Настапот на африканската дива Фатумата Дијавара, пак, е закажан за 5 јуни, исто во МОБ. Целата програма на 18. издание на ОФФ-Фест, што ќе се одржи од 3 до 8 јуни во Скопје, ќе биде објавена во текот на следната недела.

Share.

About Author

Остави коментар

Skip to toolbar

Powered by themekiller.com