Oops! It appears that you have disabled your Javascript. In order for you to see this page as it is meant to appear, we ask that you please re-enable your Javascript!

Кекеле Турс

0

Кога се’ оди наопаку и си затрупан со милион грижи и навидум нерешливи проблеми, не ти останува друго освен да си одиш и да ги оставиш, па што биде нека биде. А најубавите бегства за мене секогаш се некаде горе, меѓу боровите, кај што никој нема да ми суди и да ме препрашува, туку ќе ми дозволи заедно да си молчиме и да си постоиме во тој миг, во тој бескрајно голем и убав простор.

Така некако изгледаше мојата одлука викендот да го поминам во Копаоник, со другарите од ,,Папрадиште”, со кои одамна не сум била на тура. Тргнав во петокот после работа, без никакви очекувања, само со ранецот на грб. Стасавме доцна во ноќта, уморни но среќни што повторно ги гледаме старите пријатели и што сме горе, на околу 1.700 местри надморска височина, далеку од градот, смогот, алармите за загаденост на воздухот.

Утредента станавме и по појадокот ја стартувавме нашата планинарска прошетка кон вториот највисок врв во Србија, Панчичев Врв. Густата магла не дозволуваше убаво да ја истражиме природата и патеката по која се движевме, но сепак бевме среќни и расположени бидејќи сме заедно, на (за повеќето од нас) нов, непознат терен. Снег, магла, ниту еден зрак сонце по ,,Небеске Столице”.  Дојдовме до успонот, еден и единствен, кој не траеше долго и кој не донесе директно до врвот.

Како и на Солунска Глава, Панчичев е врв кој не можеш да го искачиш до крај, бидејќи има воена база и движењето понатаму е забрането, па стасавме само до дозволените 1.976 метри, направивме некоја фотографија и почнавме да се спуштаме по друга, поснежна стаза. Надолу им раскажував како кога бев малечка татко ми имаше голема желба да ме научи да скијам и ме носеше на Шапка и Маврово, но тоа секогаш завршувало со ,,тато, мокри ми се кондурите и ладно ми е, сакам назад во Скопје”. Тоа често знае да ми го спомне и да се позафркава со мене, велејќи ми ,,ќе им кажам јас на тие твоите планинари што сега одите по снегови каква плачка беше како мала.” 🙂

Полека се приближувавме до центарот на Копаоник, каде беа одморалиштата, а снегот почна засилено да паѓа. Морав да застанам и да фотографирам некој од објектите што ми се допаднаа, иако ми мрзнеа прстите од силниот ветер. Потоа сите се засолнивме во еден локал и како и секогаш, си разговаравме за планините. Како и многу пати досега дојдовме до заклучок дека која и да е причината поради која сме тргнале на планина, она што не задржува ,,горе” и што прави целата работна недела да ни поминува во правење планови за наредниот викенд е иста кај сите. Истата љубов, истиот спокој, истото чувство на слобода.

Кога се вративме во планинарскиот дом каде бевме сместени, по ручекот и дружбата, дел од групата легна да одмори, дел се боревме со уморот и да одлучивме да останеме будни за максимално да го искористиме времето. Некој предложи да се вратиме во ,,Ало Ало”, па една мала група отидовме натаму. Локалот е прекрасно украсен, со голем број елементи направени од дрво и црвени панделки што ја разгорува новогодишната еуфорија уште во ноември.

А кога се вративме во домот, сите веќе беа будни и спремни за она што не очекува. Коче беше првиот диџеј кој ја загреа атмосферата, а по него Јуца ја презема таа улога и направи одлична журка со прекрасната музика од ,,тоа време”, кога немало граници и поделби и кога ,,во светот постоело едно царство во кое царува другарство.” 🙂

Игравме, пеевме и се забавувавме, кој валцер, кој оро, кој сам во својот филм. А потоа Влатко ја зема гитарата, па сите надвиснати над него ги читавме текстовите на песните кои ги свиреше и пеевме заедно. Серџ даваше интонација, а сите после некоја чашка мислејќи дека сме музички идоли со цело грло пеевме и се смеевме. Во тие моменти сфатив колку ги сакам овие луѓе и колку ги сакам планините што не спојуваат и прават да заборавиме на сите проблеми со кои секојдневно се соочуваме.

Наредниот ден уште некоја кратка прошетка низ скијачкиот центар, чај, пакување и влегување во црвеното комбе на Golden Fly Tours, управувано од нашиот возач Жарко (Кекеле). На почетокот беше многу убаво, имаше смешни муабети, сериозни муабети, животни мудрости, приказни за бунтовничките духови и колку е важно да се избориш за себе и за своите идеали и никогаш да не ги заборавиш… а некаде пред ,,Предејане”, Игор не извести дека започнува наградната игра каде тие ќе ни поставуваат прашања, а сите кои ќе ги одговорат точно и бидат извлечени ќе добијат некаква награда. Беше многу смешно гледајќи како се радуваме како мали деца и си помагаме меѓусебно со одговорите, а имаше и прашања кои ни предизвикаа смеа, како тоа ,,која е регистрацијата на комбето”? 🙂

Сепак, кулминацијата ја достигна одговорот на Ангел, на прашањето ,,како се вика туристичката агенција со која патуваме”, на што неговиот одговор беше ,,Кекеле Турс.” 🙂 Се разбира, ова нема да им биде смешно на оние што ќе читаат туку само на оние што беа присутни во комбето во моментот, но сепак беше еден од оние работи што прават да се држиш за стомакот од смеење и не можеш да сопреш.

А на крај, главната награда беше бесплатен превоз и сместување на следното патување организирано од агенцијата и на моја огромна радост, Игор го извлече и прочита моето име 🙂 Бев многу возбудена и среќна, бидејќи и самата знам колку животот ми добива друга димензија кога патувам, па не можев да ја скријам среќата на лицето, а Игор само ме погледна и рече ,,ете, колку малку ни е потребно за да бидеме среќни” 🙂

Дечки, од срце ви благодарам за таа среќа и за сите убави моменти.

До следна прилика,

Калина      

 

Share.

About Author

Калина Велевска

Остави коментар

Powered by themekiller.com