Казината и обложувачниците си одат од училиштата

0

Казината и спортските обложувачници што се во близина на училиштата, факултетите, библиотеките и градинките ќе мора да бидат дислоцирани барем 500 метра подалеку од нив. Ова е најважната новина во предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за игри на среќа и за забавните игри кои идната недела влегуваат во собраниските клупи.

По барање на пратениците на ДУИ, за нив најпрво идната недела ќе се расправа во Комисијата за финансирање и буџет, а потоа ќе се бара поддршка од пратениците.

Идејата е да се тргне коцкањето како општествено зло од младите, иако дилемите се дали овие мерки ќе придонесат навистина во елиминирањето на горливиот проблем. Трендот е да се следат Албанија и Косово, каде што објектите за коцкање се надвор од градовите.

„Потребата од дорегулација на оваа материја се наметна од секојдневните проблеми со кои се затечени граѓаните, општините и самата држава. Оддалеченоста, односно неуреденоста на кој простор треба да се наоѓаат деловните простории за приредување на игрите на среќа, е голема празнина и истите многу често имаат несоодветна местоположба до градинки, училишта… Со предлог-законот се уредува ова прашање за кое постоеја многу граѓански интервенции и иницијативи на здруженија за дислокација на обложувачниците и казината. Притоа, се уредува и начинот на користење на средствата за финансирање на спортот, односно се зголемуваат износите со цел искористување на средствата добиени од посебните давачки од игрите на среќа за создавање на услови за спортски активности, кои треба да бидат насочени кон создавање на здрави навики на граѓаните за сметка на порочните навики кои се веќе стекнати со големата раширеност на субјектите кои приредуваат игри на среќа“, нагласуваат пратениците Ејуп Алими и Реџаил Исмаили, кои се поднесувачи на измените.

Колку ќе ја чини државата евентуалното затворање на казината и на обложувачниците не е пресметано, имајќи предвид дека тие уплаќаат дел од добивката како данок.

Податоците велат дека во последните пет години во обложувачниците и казината се завртеле 1,4 милијарда евра. Тоа е приходот, а добивката е 56,5 милиони евра. Македонските граѓани само во спортските обложувачници лани уплатиле 200 милиони евра. Управата за јавни приходи, пак, минатата година од персонален данок на добивка, кој го плаќаат самите приредувачи, собрала 38 милиони евра.

Сепак, финансискиот удел е неспоредлив во споредба со стотици разорени семејства, уништена иднина и другите негативни импликации што одат заедно со коцкањето како порок и страст. Прашањето е дали предлог-законот ќе го донесе потребниот ефект.

Share.

About Author

Остави коментар

Skip to toolbar

Powered by themekiller.com