Зад брава главните актери за давање пасоши на лажните Бугари во Македонија

0

Лажните потврди за бугарско потекло на Македонци и жители на други земји надвор од ЕУ ја тресат бугарската политичка сцена. По апсењето на шефот и на генералниот секретар на државната Служба за Бугарите во странство, како и на дваесетина други лица во Софија, Ќустендил и Плевен, властите соопштија дека почнале истрага против државните службеници кои наплаќале и по пет илјади евра на државјани на Македонија, Украина и на Молдавија за лажна потврда, со која потоа се добивале бугарски документи. Постои сомнеж дека на тој начин неделно се издавале од 30 до 40 пасоши на лица кои немале никакво бугарско потекло, а често станувало збор и за криминалци. Бугарски експерти предупредија дека со тоа се доведува во опасност и европската безбедност бидејќи е можно со европски пасош да се стекнале и терористи, објави ТВ Алфа.

-Притворените се осомничени дека како организирана група се занимавале со фалсификување на документи, ја злоупотребувале службената должност и примале поткуп – изјави бугарскиот заменик јавен обвинител Иван Гешев.
Бугарските медиуми наведуваат дека уапсениот шеф на државната Служба за Бугарите во странство Петар Харалампиев, е кадар на движењето „Обединетите патриоти” кое гравитира околу бугарското ВМРО на заменик премиерот Красимир Каракачанов. Додаваат дека главниот извор на финансии на оваа партија било продавањето бугарски пасоши на Македонци преку две компании за превод и легализација, а дел од експертите велат дека Каракачанов има лична одговорност за скандалот и би требало да си поднесе оставка. Од друга страна „Обединети патриоти“ велат дека Харалампиев не е член на ниту една од партиите во нивната коалиција , туку само е лидер на граѓанското движење ”БГ патриоти”.

Share.

About Author

Остави коментар

Skip to toolbar

Powered by themekiller.com