Драмски се прости од Горан Стефановски

0

Со петминутен аплауз заврши денешната комеморација во Драмскиот театар во чест на неодамна починатиот македонски драмски писател Горан Стефановски на која присуствуваа негови колеги, претставници на семејството и пријатели.

Професорот на Факултетот за драмски уметности Русомир Богдановски изрази сочуство до семејството, но и до бројните македонски, балкански и светски писатели.

-Зборот занает го претпочиташе пред зборот уметност, затоа што занаетот може да се предава и да се учи. Велеше дека уметноста е она што преостанува од занаетот. Учеше дека драмата прво се прави, а потоа се запишува. Кога драмскиот писател ќе замисли акција тогаш започнува создавањето на драмата. Драмите се прават затоа што тоа се занаетски структури. Структурата е секогаш помоќна од зборот во драмата. Повеќе сакаше Факултетот за драмски уметности да се нарече факултет за драмски занаети – рече професорот Богдановски.

Академик Ѓорѓи Старделов од МАНУ посочи дека Стефановски го смета за најзначајната појава во повоената македонска книжевност.

-Стефановски не ги создаваше драмите, туку тој ги откриваше драмите. Слично како Блаже Конески кој вели за песната „Тешкото“ дека не ја напишал туку ја открил, дека таа била напишана, создадена – истакна Старделов.

Сочуство до семејството, до пошироката академска, уметничка и писателска јавност за загубата изразија и од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, нарекувајќи го Стефановски една од најмаркантните личности на нашето време.

Share.

About Author

Остави коментар

Skip to toolbar

Powered by themekiller.com