Венко Андоновски: Драматуршка грешка (На Горан Стефановски)

0

Познатиот македонски писател и колумнист на „Нова Македонија“, професорот Венко Андоновски, на својот пријател Горан Стефановски му посвети стихови насловени „Драматуршка грешка“. Песната во Редакцијата на „Нова Македонија“ ја испратил утрово, просследена со следниве зборови: „Бог да го прости. Уште еден великан помалку“.

Венко Андоновски

ДРАМАТУРШКА ГРЕШКА

На Горан Стефановски

Ноќва, електроните се вртат обратно,

а времето тече како дидаскалија

во драмите на Тенеси Вилијамс:

синкопирано, аритмично, бавно.

Тече времето како река

од утоката кон изворот.

Сè е обратно, како во огледало,

и сè се враќа на свое место,

оти сè се израмнува со себе.

Кај си тргнал бе така, Горане,

распојасан ко Задрогаз,

кај си тргнал гол, без тело,

без сенка, со диво месо во грлото,

со нова, совршена драма под рака,

и што ти треба тоа,

совршениот режисер да го бараш таму

зар малку ти беа и Унко и Љубиша

и Дебелото и Ацо овде

И што се насмевнуваш така,

како да сакаш да кажеш

дека сето ова овде не било

ништо друго освен една обична

драматуршка грешка, фелер во заплет,

во кој ние остануваме а ти не сакаш повеќе?

Кај се видело бре, Горане, добра драма

во која главните си одат во дидаскалија

а споредните остануваат без реплики?

Кај си тргнал бе пријателе, така сам,

гол и без тело, и што ти треба сето ова?

А ти само се смешкаш со онаа твоја насмевка

на најрелигиозен скептик,

како сега да сме излегле од муабет,

од „Кај бате“ со Ферид и Цветан,

и како да си фаќаме секој свој пат

и ми се чини, или стварно велиш:

Дома, каде на секој добар мајстор

и чесен човек му е местото“.

28 ноември, по полноќ

Share.

About Author

Остави коментар

Skip to toolbar

Powered by themekiller.com