ВАНЕСА МЕЈ ЌЕ ГО ОТВОРИ 59-ТО „ОХРИДСКО ЛЕТО“

0

Годинешното 59. издание на фестивалот „Охридско лето“ ќе биде отворено со концерт на светски познатата уметничка, британската виолинистка Ванеса Меј. Таа на Античкиот театар на 12 јули на свеченото отворање на Фестивалот ќе настапи заедно со уметниците од Оркестарот на Македонска филхармонија и вокалните солисти од МОБ, под диригентска управа на бугарскиот диригент Иван Кожухаров.

На денешното претставување на програмата на годинешното фестивалско издание директорот на „Охридско лето“ Наташа Поповиќ истакна дека привршуваат организациско-техничките подготовки за манифестацијата, најавувајќи богата и квалитетна уметничка понуда со врвни уметници.

-Низ 40-те фестивалски денови вљубениците во уметноста ќе имаат прилика да уживаат на фестивалската сцена каде ќе се слави врвната уметност. Покрај светските уметници, почит и белег ќе дадеме и кон нашите македонски уметници, истакнати поединци и творци од областа на уметноста. На сцената на Античкиот театар, во предворјето на црквата „Св. Софија”, во црквата „Св. Софија”, на Долни Сарај и во Центарот за култура ќе се одржат преку 40 културни настани, рече Поповиќ.

Што се однесува на музичкиот дел на „Охридско лето“ селекторот Васо Ристов истакна дека и оваа година со понудената програма и екслузивните уметници, Охрид повторно ќе стане вистинска културна метропола и како и досега, ќе привлече бројни посетители кои доаѓаат од други земји и тоа само заради годинешните ѕвезди и квалитетната програма понудена на „Охридско лето“.

Притоа тој како посебни уметнички доживувања ги посочи концертите на рускиот виолончелист Денис Шаповалов, албанската сопранистка Инва Мула, која ќе настапи заедно со македонскиот тенор Ѓорѓи Цуцковски и сопранот Дешира Крлиу, пијано-дуото Гелебешеви, српскиот виолинист Стефан Миленковиќ, ансамблот „Дорицо“ од Италија, гудачкиот квартет „Асасело“ од Германија, како и Камерниот оркестар од Државната филхармонија од Бријанск, Русија. Уште дел од музичката програма се и словенечките уметници, виолончелистот Клемен Хвала и кларинетистот Дарко Брлек, албанската флејтистка Јонела Големи, руската пијанистка Виолета Егорова од Русија, како и нејзиниот колега и сонародник, Александер Гаџиев…

Како посебен музички настан селекторот Ристов го најави и роденденскиот концерт на „Охридско лето“ на 4 август со виртуозите на гитара, уметниците Влатко Стефановски и Мирослав Тадиќ.

Драмскиот дел на „Охридско лето“ оваа година содржи осум претстави што, како што во видео-пораката пред медиумите појасни селекторот Александар Поповски, би сакал да бидат посветени на починатиот режисер Горан Стефановски посочувајќи го како „човекот којшто е заслужен за генерации и генерации театарски уметници“.

На „Охридско лето“ оваа година разновидна драмска програма, со претстави од Словенија, Хрватска, секако претстави од Македонија, од Казахстан од Турција, од Португалија и од Србија.

Share.

About Author

Остави коментар

Skip to toolbar

Powered by themekiller.com