3П-ЧЕ

0

Овој текст им го должам на Марио и Андреја, па еве го една година и шест месеци подоцна 🙂

Лани, некаде на крај на април, Маки имаше еден статус каде кажува дека со другар му Андреја имаат план да поминат една трансверзала што никој не ја поминал, по патишта непроодни, каде не стапнала човекова нога и тоа веднаш го разбуди мојот авантуристички дух и се разбира посакав да сум таму со нив. Веднаш го прашав дали би можела да бидам дел од ,,тимот” и на моја голема радост добив потврден одговор. За први мај, наместо скара и музики, ќе одиме на тура од Гоствар до Прилеп, преку планини. Претходно имав одено на долги тури, но никогаш на тридневна, со ранецот полн со храна и облека, со шатори, вреќи и подметачи, што беше дополнителен предизвик.

11209388_10206500387819077_4506083363061181448_n

Тргнавме во рани зори од домот на Андреја во Гостивар и се упативме кон првата точка, планината Сува Гора. Имавме мапа на телефонот и некој ,,отприлика” план каде треба да се движиме, ама уште во првата етапа со Маки направивме грешка и се искачивме некаде на 1.800 метри, додека Андреја си одеше од долу и ја заобиколи планината, по што се најдовме сите заедно долу, на патот кон втората одредница, Порече. По патот имавме само една цел, а тоа е да стигнеме до селото Растеш, од каде планот е да се упатиме и преноќиме во село Белица. Времето предвидено за стигнување во Растеш беше околу 12 часа, а сите дилеми и прашања ги одговаравме само со прашањето-,,да стигнеме до Растеш, па ќе знаеме.” 🙂

Се движевме низ прекрасни предели, пиевме вода од извори и селски чешми, уживавме. По патот наидовме и на снег и на патишта кои навистина не беа одени со години, а нашите чекори беа први, па затоа и не можеше ниту да претпоставиме дека за 12 часа само ќе влеземе во Порече и дека сме далеку од главната цел за тој ден, толку зборуваното село Растеш. За наша среќа, тој крај е толку убав, со густа борова шума, со чист возух и предели кои го одземаат здивот, па уморот скоро и да не го осеќавме. Јас лично се вљубив во селото Битово, во прекрасната природа со која е опколено и пејзажите распослани пред нас. А од таму, на само неколку километри, како што ни потврдија и мештаните, се наоѓа нашата прва цел, па итавме да стигнеме и да видиме што ќе правиме понатаму, со оглед на тоа што веќе пешачиме скоро 14 часа, а Белица ни е далеку. И кога веќе почнавме да ги губиме силите, Растеш ни понуди една добра забава, што ни го подигна духот и не охрабри да продолжиме понатаму. Имено, спуштајќи се кон селото, слушнавме многу гласна музика што ечеше, па побрзавме да влеземе и да видиме од каде доаѓа тој звук. Нашата претпоставка беше дека ќе начекаме некоја селска слава или можеби свадба и ќе се приклучиме на веселбата. На наше големо изненадување и смеа, музиката доаѓаше од еден дечко кој седеше на средсело свирејќи на синтисајзер и пеејќи песни, додека четворица пријатели седеа на гајби од пиво, ги празнеа флашите и пееја заедно со него. Тоа беше сцена од филм, нереална епизода од нашето патување, на која и ден денес се потсетуваме со насмевки на лицето. Откако ги прашавме колку време имаме до Белица и како да стигнеме, еден од дечките рече-па може да стигнете ако фатите авион 🙂 Белица навистина беше многу далеку, но некаде после 17 часовно пешачење и поминати околу 45 километри, стигнавме во селото и откако се поздравивме со нашите пријатели велосипедисти кои правеја велосипедска тура што исто така ги донела тука, се струполивме да преноќиме зашто не чекаше уште еден долг ден пред нас.

11149316_10206500403699474_111833231574270758_n

Вториот ден започна одејќи по целосно непознат терен, само по течението на Беличка река, која се надевавме ќе не однесе до Црешнево, селото од каде преку Бел Камен требаше да се упатиме кон Крапа. Кога влеговме низ шумата, Маки и Андреја мораа да интервенираат со сечење на дел од гранките, бидејќи беше невозможно да се помине, а после долгото одење и талкање во непознатото, спроти нас се појави Црешнево. Интересното беше тоа што иако на мапа изгледа како овој пат да е прав и брзо се поминува, од селото не двоеше огромен, висок дол кој требаше да го спуштиме и повторно да го качиме за да стигнеме до целта. Одевме долго, патот проследен со еден куп згоди и незгоди, песни и по некоја карактеристика за секоја планина, село или масив раскажана од Маки, кој покрај тоа што е одлично друштво за на планина е човек и од кој можеш многу на научиш. Патот постојано не носеше нагоре-надолу, а по минување на Локвица и Крапа, тргнавме да ја качуваме последната етапа за тој ден, делот над Зрзе. Ми дојде некоја чудна сила, па тој дел прва го поминав и додека ги чекав момците да се качат горе, стоев високо на планината и од спроти ја видов најубавата глетка било кога на планините. Сонцето продираше со сите свои зраци низ облаците и на некој посебно убав начин ги осветлуваше планините во далечината.

Дечките пристигнаа, не чекаше најтешкиот спуст дотогаш, низ многу стрмен камен дел, па потоа повторно непроодна шума, и по час и половина одење, стигнавме до манастирот Зрзе, едно од моите омилени места. Монасите не понудија со чај и убав разговор, a jaс отидов да купам бележници за книги за Марио и Андреја, за да им останат за спомен од нашето патување. Отец Тихон не ми дозволи да ги платам, туку одбра три за тројцата и ми ги даде како благослов, а потоа и ме праша – што те тера да го правиш ова, од каде сила? И тогаш му раскажав за онаа глетка со сонцето и планините и му кажав дека за тие моменти и за тие слики вреди целиот умор, целиот товар што го носиш на грб, сите тешкотии со кои се соочуваш на патот.

11141150_10206500384058983_1828889316509079825_n

Денот го завршивме во Костинци, селото на Андреја, каде по изминати 80-тина километри за овие два денови, легнавме да закрепнеме и одмориме. Наредниот ден беше најлесниот дел од патувањето, одевме од Костинци до Прилеп, а таму не пречека нашиот другар Никола, кој не однесе до манастирот св.Архангел Михаил, а потоа и во локална меана, за со по една ракија да го прославиме нашиот успех и трасираниот пат од околу 100 километри. Турата ја насловивме 3П-ЧЕ, од причина што минува низ трите области чие име започнува на буквата П: Полог – Порече – Пелагонија, а мене лично ми претставуваше почеток на идејата за повеќедневни тури и поминување низ што повеќе места со целиот живот спакуван во ранецот кој си го носиш на сопствениот грб.

Она што за мене беше најимпресивно од ова патување се емоциите кои ги понесов со себе враќајќи се со возот за Скопје и потсетувајќи се на сите драги луѓе кои одејќи низ селата ни се понудија да ни помогнат, кој со јадење, кој нудејќи ни превоз, кој со морална поддршка, која многу значи во тие моменти. Луѓето не гледаа и ни се радуваа, не постоеше отуѓеноста што постои во градот, постоеше една топлина и милост што навистина многу ме трогна. После ова патување уште повеќе ми се зголеми желбата да истражувам, да ги посетувам тие напуштени предели заборавени од светот, разрушени куќи што во себе кријат еден куп спомени и што зрачат со ностагија, од каде младите си заминуваат, а старите се прашуваат кому ќе му го остават сето она што го граделе со години.

11119131_10206500400699399_6785762186459511994_n

А на моите другари, ова е една скромна благодарност за укажаната доверба да појдам со нив, да бидам дел од ова прекрасно патување и дожуивување, за тоа што ме чуваа и пазеа додека бевме таму и поттик за сите идни планови што чекаат да бидат реализирани.

До следна прилика,

Share.

About Author

Калина Велевска

Остави коментар

Powered by themekiller.com