Рецепти за супи и чорби (IV дел)

0

ЧОРБА ОД ЦЕЛЕР СО ПРЖЕНА СЛАНИНА

Две главици целер се лупат и се сечат на тенки коцкички. Во тенџере се става една лажица путер, се додава исечениот целер, малку се пропржува на путерот и се налеваат 2 литра супа од коски или обична студена вода. Чорбата се вари додека целерот не омекне. Десетина минути пред ручекот се става во чорбата 1 дл кисела павлака, во која е разматено едно лажиче брашно и се остава да врие уште неколку минути. Се зема сува чадена сланина и се сече на тенки резанки, па се пржат во врело масло додека не поруменат. Вака испржената сланина се става во чинија, се налева од чорбата и се служи.

РАГУ – СУПА

Се зема ¼ килограм телешко месо од бут, се сече на ситни парчиња и се става да се свари. Во тенџерето се додава китка зеленчук за супа ситно исечен. Сето ова се остава да се вари додека не омекне месото. Одделно се става малку путер во друго тенџере и кога ќе се растопи, се додаваат 2 – 3 лажици брашно и се пропржува малку, но да остане бело. Се става запршката во чорбата и се остава да врие уште половина час.
Пред ручек, се зачинува чорбата на следниов начин: се мати една жолчка, се додава 1 дл кисела павлака, сок од лимон и сето тоа добро се меша и се додава на чорбата.

ЈАГНЕШКА ЧОРБА

За 4 лица доволно е да се земе 750 грама јагнешко месо и една јагнешка глава. Јагнешкото месо се сече на парчиња и се става заедно со главата да се вари. Кога ќе зоврие, се додава по вкус разен зеленчук, магдонос, 1 главица кромид и неколку зрна црн пипер. Чорбата никако не смее да врие на силен оган. Кога ќе омекне месото се вади од чорбата се сече на ситни парчиња и се враќа назад во тенџерето. Се запржува со запршка од 1 лажица путер и 2 лажици брашно, и на врв на ножот црвен пипер. Кога ќе се стави запршката, се остава уште половина час да врие чорбата. На крајот се зачинува со 1 жолчка, 3 лажици кисела павлака добро изматени.
По желба во чорбата може да се додаде и ориз.

ЧОРБА ОД ЈАГНЕШКИ ЦРЕВА

Јагнешките црева се мијат во неколку води, се сечат на ситни парчиња и се ставаат во тенџере да се варат. Може да се додаде по желба додека се варат и јагнешка глава. Одделно во тенџере се пропржува една китка млад кромид, ситно исечен. Кога ќе биде напола пржен се додаваат 2 лажици брашно, па се пржи се додека не стане румен. Се додава малку црвен пипер и се додава запршката во чорбата. На крајот се зачинува со добро измешана жолчка, кисело млеко и оцет. Кога ќе биде се готово, се става ситно сечен магдонос.

ЧОРБА ОД МОЗОК

Во тенџерето ставено на оган се ставаат две лажици маст и две лажици брашно. Брашното се пржи неколку минути и се додава еден исчистен телешки мозок, па малку се пропржува на запршката. Се налева со говедска супа или супа од коцки и се додава ситно исечен магдонос. На чорбата и се додава сол и црн пипер по вкус и се остава да се вари. Кога ќе биде готова, се вади мозокот, се изгмечува и се враќа во тенџерето. Чорбата се зачинува со една жолчка, 3 лажици павлака и сок од половина лимон.

БОРШЧ

1 кг. говедско месо, 150 грама свежа шунка или суво месо, 3 главици кромид, 500 грама зеленчук(моркови, праз и репа), 1 мала главица зелка, 500 грама цвекло, 2 – 3 домата, 45 грама оцет или сок од лимон, сол, црн пипер по вкус.

Месото исечено на поголеми парчиња се вари во 4 литра вода. Кромидот се сече ситно, а останатиот зеленчук се сече на резанки. Кромидот се пропржува во малку масло, се додава исечената на парчиња зелка, па потоа сето друго останато. Кога се убаво ќе се пропржи се става во супата. Пред да се изнесе на маса, се закиселува. Се служи со кисела павлака.

ШКЕМБЕ ЧОРБА

Се зема 1,5 кг. Телешко шкембе и убаво се мие во повеќе води и се лупи. Се става во еден лонец да се вари заедно со една китка магдонос, 1 китка целер, 1 пакетче црн пипер во зрна, пашканат, 3-4 моркови, неколку чешниња лук и ловоров лист. Кога шкембето ќе биде варено, се сече на ситни парчиња и се враќа во процедената течност. Се запржува со 2 ;лажици брашно и мала лажичка црвен пипер. На крајот се додава ситно сечен магдонос.
Се служи со додаток кој се пригпотвува на следниов начин: се гмечи една исчистена главица лук, се додава малку сол, 2 лажици масло и оцет колку сето ова да се покрие. На крајот се става ситно сечен магдонос.

ГЕРМАНСКА ЧОРБА ОД КОМПИРИ

Потребно (за 5 лица): 2 шолји компири исечени на коцкички, 1 мал морков исечен на кругови, 1 мал целер исечен на ливчиња, 1 праз исечен на помали парчиња, 1,5 л. бистра супа (може од концентрат), 1 лажиче сол, црн пипер, мајоран, 2 лажици путер, ¼ шолја брашно, 1 лажица исечкан магдонос.
Начин на приготвување: Се ставаат компирите, морковите и празот во студена супа, се посолуваат, се става црниот пипер и мајоранот. Се остава да проврие, па се вари на тивко, додека компирите и зеленчукот не омекнат.
Се исцедува супата во друг лонец, компирите и зеленчукот се пропасируваат и се враќаат во исцедената супа. Се прави румена запршка од путер и брашно, се разредува со студена вода, се става во супата и се вари десетина минути. На крајот се додава магдоносот и се служи.

    ДОДАТОЦИ ЗА СУПИ И ЧОРБИ

ТАРАНА ЗА СУПА

На штицата за месење, се става просеаното брашно, се прави мала вдлабнатина, се додава едно јајце, сол и толку вода за да може да се направи тврдо тесто, кое нема да се сука, туку само тврдо да се замеси. Готовото тесто се ренда на ренде и веднаш се рапростира на даската за месење да се суши. Па кога е сосема суво, се става во супата да се свари. Ова се користи во бистри супи.

КНЕДЛИ ОД ГРИЗ СО ЖОЛЧКА

Во длабока чинија се става 1 лажичка маст, се додаваат 2 жолчки и на крајот 60 грама гриз, малку вегета и изматена цврста пена од 1 белка. Во процедената супа, која врие на шпоретот, се ставаат со мало лажиче кнедлите да се варат. Прво се става една, па ако не се распадне се ставаат и останатите. Во случај првата кнедла да се распадне, во смесата се додава уште малку гриз. Лажичката со која се ставаат кнедлите секогаш да се накваси во супата за смесата да не се лепи за неа. Овие кнедли со маст се варат обично во послаби бистри супи, кои не се прават од мрсно месо, туку од коски или јазик. Таа маст во кнедлите ја дава јачината на супата.

КНЕДЛИ ОД БРАШНО

Во длабока чинија се става една лажица маст, пенасто се мати, се додава 1 јајце и толку брашно, колку да може со лажичка да се вадат кнедлите.
Бистрата супа се процедува, па кога ќе зоврие со лажичка се земаат кнедлите и се ставаат во супата да се варта. Кнедлите се варат додека не нараснат и не испливаат на површината на супата.

БЕЛИ КНЕДЛИ ОД ГРИЗ

Се матат пенасто две белки и во нив постепено се додаваат 60 грама гриз. На крајот ова се посолува. Супата се остава да зоврие, па со лажиче се ставаат кнедлите во неа да се сварат. Овие бели кнедли се варат во т.н. зелени супи, како што се супите од зелје и спанаќ.

КНЕДЛИ ОД КОМПИРИ

250 грама изгмечени компири, 60 грама путер и 2 цели јајца добро се матат. Се додаваат 3 полни лажици брашно и малку сол. Се прават кнедли и се варат во зовриена супа.

ПРЖЕНИ КНЕДЛИ ОД КОМПИРИ

Шест поголеми компири се мијат и се печат во рерна. Им се вади средината и се гмечи. Посебно се матат 80 грама путер со 1 јајце И 2 жолчки. Се додава малку сол и на врв на ножот ситно сечен магдонос. Во оваа смеса се додава печените изгмечени компири, а потоа се добро се измешува. Половина час пред ручекот, се вадат мали кнедли од смесата и се пржат на загреано масло. Кога ќе бидат готови се ставаат во процедената супа.

КНЕДЛИ ОД МЕСО И ОРИЗ

На масло се пропржува една главица исечен кромид и кога ќе биде стаклест се додава половина килограм говедско мелено месо. Се пропржува малку и се трга на страна. Во таа смеса се додава 1 јајце, 1 шолјичка за кафе ориз и ситно исечен магдонос. Сето ова се посолува, се става црн пипер и се прават мали кнедлички. Се валкаат во брашно, малку се варат и се додаваат во чорбите без месо со густа запршка.

КНЕДЛИ ОД ПИЛЕШКО МЕСО

Остатокот од печеното пилешко се чисти од коски и ситно се сече. Една полна лажица маст се меша со 2 жолчки, се додава малку сол, па се меша со месото. Во таа смеса се додава ситно сечен магдонос 50 грама презла И на крај цврсто изматен снег од две белки. Смесата мора малку да отстои, а потоа од неа се прават мали кнедли и се пуштаат во супа која врие.

КНЕДЛИ ОД ШУНКА

Се мати 80 грама путер со 1 цело јајце, 2 жолчки и 2 резанки леб, претходно потопени во млеко и исцедени. Се додава сол, 200 грама ситно сечена шунка . За смесата да биде поцврста може да се додаде и малку презла. Се прават кнедли и се ставаат во супата.

KНЕДЛИ ОД МОЗОК

Во млеко се ставаат две резанки леб да постојат малку. Потоа се цедат и се додаваат 40 грама путер, 1 јајце, 3 жолчки, малку сол и претходно исчистен и исечен ситно телешки мозок. Сето ова се меша и се додава 1 лажица презла. Се прават кнедлички и се варат во супа која врие. Овие кнедли можат да се варат и во обична солена вода и да се служат како додаток.

КНЕДЛИ ОД РИБА

Помала риба се вари со зеленчук за супа. Кога ќе биде готова, се вадат коските и заедно со зеленчукот се изгмечува. Се додава малку црн пипер, сол, 1 лажица масло, 1 жолчка и презла. Се прават кнедлички, кои се варат обично во рибја чорба.

Share.

About Author

Остави коментар

Powered by themekiller.com