Радувај се Македонијо, имаш деца за славење

0

Во еуфорија е најтешко да се пишува, зборови нема доволно, главата врие од емоции, но сето тоа е премалку за да биде сериозна пречка за да се каже нешто на најубавиот ден за македонскиот фудбал.

Се пласиравме на Европско првенство за фудбалери до 21 година и тоа е круна на досегашната работа на селекторот Благоја Милевски и неговите избраници. Нормално, велам досегашната, бидејќи овие, не деца како што би било според годините, туку мажишта, зрели, созреани, достасани за големи дострели, допрва ќе и покажат на Европа што можат.
Во група со една велесила, како што е Франција, потоа со секогаш силните и за нас несовладливи Исланд, Украина, Шкотска, како и незгодната Северна Ирска, одигравме како никогаш во историјата. Сепак, статистиката ќе им ја оставиме на другите, кои надолго и нашироко ќе ги толкуваат бројките и рекордите што ги постигнавме притоа.
Нас многу повеќе не фасцинира начинот како е тоа постигнато.

Во ситуација кога сениорската репрезентација е дебело потоната на ранг-листата на ФИФА а спасот не се наѕира, младата репрезентација беше оставена сосема на страна и од фудбалската федерација и од медиумите. Го потценија и селекторот Благоја Милевски, кој ја искористи таквата ситуација и во мир и тишина, без многу помпа селектираше доволно фудбалери за да го оствари замисленото. Играа младите и победуваа во овие квалификации а односот кон нив не се менуваше, бидејќи фудбалската јавност беше далдисана по глупостите во сениорскиот фудбал, пред се околу преслабата А-репрезентација, потоа со игрите во и околу Првата лига, која на ништо не личи.

Но, да ги заборавиме сите глупости, децата пораснаа во мажи, море во мажишта и и покажаа на Европа дека не признаваат авторитети, не подлегнуваат на стравот од фаворити, туку мирно ги спроведуваат замислите на својот учител Милевски. Тие наши фудбалери ни ја приредија најголемата радост во последно време. Не само на фудбалски и не само на спортски план.

Затоа, целосно заслужија да ги славиме, да им се радуваме и да им посакаме и натаму да останат исти, да не подлегнат на глупостите што ги трујат нивните постари колеги. Светна ли можеби новото сонце на фудбалска Македонија? Ќе не огрее ли конечно и ќе се свртат работите кон подоб4ро. Бидејќи полошо, најверојатно, веќе не може да биде.

Share.

About Author

Остави коментар

Powered by themekiller.com