Прва Македонска западна трансверзала

0

По инсистирање на татко ми, ќе се обидам да напишам некој ред за трансверзалата, иако си реков дека таа приказна ќе остане само за мене и никогаш нема целосно да ја споделам со другите.

Што да се каже за турата која целосно ми го промени животот, начинот на размислување, погледот на светот?

20160708_072714За почеток, имам да кажам дека да се нафатиш да тргнеш на таква тура, е одлука подеднакво будалеста на тоа да се фрлиш во океан од некоја висока карпа или да одлучиш да леташ со падобран, а немаш некое претходно искуство за истото и не си баш свесен што те чека… тоа е скок во непознатото, нешто што со години посакуваш да го направиш, ама не си сигурен дека си спремен, се додека не го направиш првиот чекор. Нашиот прв чекор беше направен утрото на втори јули, од Планинарскиот дом Љуботен кон врвот Љуботен, нашата прва контролна точка и почетокот на нашата убава приказна. Сосема на почетокот, во главата ми се моташе само едно. „Свесна си што правиш? Спремна си за ова? Ајде, тргнав веќе. Еј, ова го сакаше одамна. Ако веќе тргна, ќе ја изодиш до крај.“ И тоа беше единствената, многу кратка дилема во однос на тоа дали ова е вистинската работа и дали сум решена да ја изодам до крај. Со Љуботен ми се случи љубов на прв поглед и после тоа веќе работите станаа многу полесни. Одев со лесен чекор, позади нашиот водич Мијалчо и како низ сон чекорев до првиот дел каде требаше да ги поставиме шаторите и да преноќиме, некаде на Езерско. Наредниот ден и пол бев во некое бунило, се јавија првите проблеми и тешкотии, за кои постојано повторувам дека доколку не беа моите другари немаше толку лесно да ги пребродам, за на крај на третиот ден да стигнеме на Караниколичко. Тоа место и тој момент го гледаме во филмовите, тоа е онаа сцена кога после тешките мигови на главните ликови им излегува сонце, им се отвараат видиците и им следи некоја награда за се’ што издржале до тогаш. После долгото одење и одење и одење, одеднаш пред нас се појави најубавата глетка што некогаш сум ја видела. Го видовме езерото осветлено од сонцето, сонцето што ни се криеше изминатите денови и срамежливо ни пушташе само по некој зрак, а овојпат несебично го осветли тој простор пред нашите очи и не направи среќни и безгрижни како во ниеден момент дотогаш. Откако ги поставивме шаторите, сфативме дека го имаме целото време на светот за нас и дека можеме да си дозволиме да се опуштиме, со оглед на тоа што претходно бевме постојано во брзање. Откако убаво се оладивме и освеживме во езерото, седнавме да закрепнеме со топла супа, некоја скромна закусна и по една чашка ракија, колку што и имавме. Колку бев среќна во тие моменти навистина не се опишува.

20160709_092001
Наредниот ден Шара ни ја покажа својата моќ и големина и ни го приреди најстрашното невреме што некогаш сум го доживеала на планина. Лежевме во шаторот со Александар и Бобан, кога почна да паѓа град. „Не се грижи, град обично трае пет до десет минути”, ме успокојуваше Боби. Овој град, проследен со страшни грмотевици кои ни беа во непосредна близина, траеја час и половина. И како никогаш до тој момент, почувствував страв дека нема да излезам од шаторот, дека ќе останеме засекогаш на Шар Планина. Помислив на моите родители и мојата сестра, на нивната тага и загриженост што ме нема, на нивната лутина што сум тргнала на ваков пат од кој нема враќање. Одеднаш станав верник како никогаш во животот и верував дека Шара сепак нема да дозволи да ни се случи ништо лошо, со оглед на тоа што ние сме дојдени кај неа на гости зашто ја сакаме и сакаме да и се восхитуваме на убавините. Откако невремето заврши, имав само една грижа на ум. „Дали се сите добри? Дали нечиј шатор пропушти вода? Дали сите ќе имаат каде да преноќт вечерва?” Срипав да излезам и да ги проверам сите дали се добри и откако се уверив дека се’ е во ред, многу се успокоив. Излеговме сите еден по еден, како печурки после дожд и не ни се веруваше на каква епизода бевме сведоци. Времето за средување впечатоци беше кратко, со оглед на тоа што за кратко почна ново невреме. Овојпат бев многу помирна и само влегов во шаторот, се засолнив во вреќата, си реков ,,што биде нека биде” и цврсто заспав. После петтиот ден, дојде моментот да ја напуштиме нашата прекрасна Шара и да се упатиме кон Маврово. ,,Најтешкото помина”, постојано не уверуваше Боби, кој вторпат ја минува трансверзалата. И навистина, кога стигнавме во Галичник, веќе турата доби друга димензија. После сите тие денови минати јадејќи јаткасти плодови и без некој посебен апетит, кога седнавме во селското меанче си дозволивме убав одмор и богата гозба, со пита, сирење и кисело млеко, по што е и познат овој крај. Ноќта ја поминавме во куќата на Александар, на кого сме му бескрајно благодарни што дојде од Скопе само за да не смести и да ни понуди кров над главата и кој утредента ни приреди гозба за каква што можевме само да сонуваме до тој миг. А јас, иако вечерта се убедував себеси дека утрото нема да станам во шест часот наутро за да одам на Меденица, кога заѕвони алармот на Александар срипав и без размислување потрчав да се спремам за искачување на врвот за кој има посебно место во моето срце, со оглед на тоа што ми е првиот искачен врв во животот (ако не се земат во предвид Водно и врвовите во околината на Лазарополе кои сум ги шетала со дедо ми кога бев многу мала). За многу брзо време со Александар и Мијалчо бевме горе, а како награда за тоа што одлучивме да ја посетиме и Меденица беше прекрасно отворениот поглед кон сите околни врвови и чистото небо. Мијалчо почна да ми покажува каде се наоѓаме и да ме испрашува ,,кој е сега оној врв?-Кораб.- А оној?-Крчин. -А чекај сега да те прашам. Знаеш ли кое е она село онде?” И тогаш видов и ми се јавија солзи радосници. Мијалчо ми го покажа Лазарополе.

20160705_201219

20160705_193042
Од тој момент веќе ништо не беше исто. Ми дојде некоја сила што дотогаш ја немав почувствувано, зашто знаев дека тоа е нашата следна дестинација. Бев нетрпелива да тргнеме од Галичник за Селце, иако сите тие мијачки села ми се многу драги и убави, но сепак ме чекаше мојот дом, моето најомилено место на целиот свет. Кога стигнавме во Тресонче, се слушаа звуците препознатливи за овие краеви, звукот на зурли и тапани. Селото славеше селска слава. Моите другари имаа голема желба да останат и да поседат малку подолго таму, но мене нозете ми трчаа нагоре, од знакот Лазарополе час и половина, пат што мислам дека го истрчав за помалку од еден час, кога ранецот не ми тежеше, уморот го снема и постоеше само желбата да стигнам што поскоро дома. Влезот во Лазарополе беше како да сме направиле некој таен пакт да ни се покаже во најубавото издание, со сонцето кое паѓаше над селските куќи, времето пријатно, коњите растрчани по ливадите… Кое чувство… после толку денови со ранецот на грб, после сите епизоди, сега сум своја на своето. Првата работа што ја направив секако беше посета на комбинатот за да купиме сирење, а потоа во самопослугата по намирници за вечерата која ја спремавме. Тука се видов со моите драги луѓе што седеа и пиеја пиво како што обично се прави на средсело, па седнавме и ние „на по едно”. Којзнае како сум изгледала, ама памтам дека Мијалчо ми рече ,,полека, многу си еуфорична, а еуфоријата не е добра работа.” Тогаш не бев свесна, а може и не сакав да бидам, сакав да бидам еуфорична зашто емоциите што ги имав не можеше да се скријат или намалат туку-така. Се упативме кон мојата куќа, Боби и Зоки веднаш почнаа со подготовки на вечерата, другиот Боби беше задолжен за музиката, а сите заедно бевме пресреќни и зборувавме за сите убави работи што ни се случуваа дотогаш по патот. Вечерта помина во прекрасна атмосфера и расположение, а јас сакав да го запрам времето и тој миг да трае уште многу, многу долго. Рано утрината се разбудивме, доручкувавме повторно на средсело и од таму тргнавме натаму. Гари е прекрасно село и ресторанот каде направивме пауза доста не освежи бидејќи е сместен до водопади што го разладија тој топол летен ден. Следното застанување беше на Гарска река, пред да почнеме да се качуваме на Стогово. Тука сите се силевме дека ќе влеземе да се избањаме, но водата беше премногу студена за да си го дозволиме тој „луксуз”. Кога стапнавме на Стогово ме фати можеби најголемата криза зашто таква топлина немам досега почувствувано и правев се за да се разладам, но сонцето сјаеше се појако и веќе почнав да се осеќав како да се движам низ пустина и дека во секој момент ќе се струполам некаде  За среќа тоа не се случи, а наскоро го најдовме и местото каде преноќивме таа последна ноќ, точно спроти врвот Биг Дорук. Квечерината беше нестварно убава, небото ги распосла своите најубави бои, а ние не можевме да си поверуваме дека сме на самиот крај… Каснавме, легнавме и утредента со измешани емоции тргнавме кон последната контролна точка, врвот Бабин Срт. Таму спокојно си седнавме да одмориме, водејќи не мислата дека не чека уште патот до Црвена Вода и доаѓа крајот на нашето патување… Одевме, одевме долго низ шума и одеднаш, ете го комбето. Стигнавме. Стигнавме, ја завршивме трансверзалата! Следеа честитки, искрени прегратки, а кај мене секако и по некоја солза  А таму разладување во езерото, весели ликови и насмевки на лицата на моите другари, неизмерна среќа. Седнавме да се почастиме за она што го поминавме и после толку денови поминати на тој отворен, безграничен простор, не бев ни самата свесна колку ќе ми пречи кога ќе влезам во цивилизација и кога наместо звуците на птиците и ветрот ќе слушнам првпат гласна музика од огромниот звучник поставен точно до нас. Здравица, некоја фотографија и полека е време да се пакуваме и да си заминеме…

20160703_052214
Од трансверзалата до денес се поминати четири месеци. Тоа е прилично долг период, каде јас упорно се обидувам да се вратам во нормала, се обидувам да функционирам во склад со сите општествени норми, сите правила на однесување својствени за животот во градот… ама реалноста е дека ми оди многу тешко, дека турата на мене остави многу силен печат, дека од тогаш ништо повеќе не е исто, дека мојот светоглед е целосно променет, дека повеќе не ми се важни материјалните добра, општествените удопства, дека за мене има нешто многу позначајно од тоа, а јас успеав да го доживеам бар за миг. После толку време, се потсетувам на зборовите на Мијалчо и сфаќам што сакаше да ми каже, дека после такви силни емоции, следи период на некоја чудна меланхолија, некое враќање и соочување со реалноста кое не е ни малку лесно. Сепак, не смее да се заборави на најважната работа која ќе ми остане од оваа тура -силното пријателство кои се роди меѓу десет луѓе кои тие денови живееја во хармонија, сплотени и спремни да си помогнат меѓусебно во секој миг, меѓусебната грижа и подадена рака, љубовта.

20160711_153437
И сосема за крај – знам дека ќе има уште многу тури, уште многу врвови, уште многу патеки, уште многу згоди и незгоди. Но трансверзалата во мене секогаш ќе има посебно место и ќе биде настан на кој целиот живот ќе се потсетувам со насмевка на лицето и топлина во срцето.

20160711_172640

Share.

About Author

Калина Велевска

Остави коментар

Powered by themekiller.com