Практични совети за домаќинките (II дел)

0

– Ако имате замрзната риба, пред употреба ставете ја неколку часа во студена солена вода.

– Ако сте го пресолиле јадењето, особено ако е во прашање сос, вкусот можете да го спасите ако додадете една коцка шеќер. Но, може и една лажичка обичен кристал шеќер.

– Вишокот мрснотија од топлата супа ќе ја отстраните, ако ја прецедите низ влажна крпа натопена во студена вода, или пак ако во супата ставите неколку коцки мраз. Мрснотијата ќе се обвитка околу мразот, а него брзо извадете го додека не се стопил.

– Месото кое имате намера да го пржите е далеку повкусно и помеко ако претходно извесно време го оставите во млеко.

– Малку напукнато јајце можете да го сварите ако во водата додадете 1-2 лажици оцет.

– Ако при пржење ви прска маслото, ставете во садот во кој пржите малку сол, зрно грав или сув грашок.

– Посното месо е многу повкусно ако се шпикува со сланина т.е. ако на повеќе места на месото се направат мали дупчиња со врвот на ножот, па во тие отвори се стават тенки парчиња сланина.

– Ако за време на пржењето ви се запали масло, веднаш покријте го садот со капак. Во недостиг на воздух, пламенот брзо ќе згасне. Запаленото масло никогаш не го гаснете со вода.

– Кромидот пред пржење треба малку да се обари во врела вода. Така ќе биде повкусен.

– Овошната салата ќе биде повкусна и поароматична ако во неа ставите една-две лажици рум или коњак. Исто така подобро е да не ја засладувате со шеќер, туку со сируп од малини или вишни, по вкус.

– За мекиците да не впијат премногу масло при пржење, во тестото ставете половина чаша ракија.

– Гравот и зелката нема да бидат само поароматични и повкусни, туку и ќе предизвикаат помалку гасови кај чувствителните ако се варат со два ловорови листа или нане.

– За да не ви загори путерот, кога го загревате на оган, во тавата пред тоа, додадете малку масло, а потоа путерот.

– За маслото за пржење да не ви потемни, во тавчето ставете неколку чепкалки и по неколку секунди извадете ги.

– Подзасушен и тврд лимон полсно ќе се исцеди, доколку набрзина го натопите во врела вода. Потоа, на работната маса, се валка како тесто. Ќе се изненадите колку сок ќе истиснете од лимонот.

– При варењето и печењето, компирот зачинете го пред, а при пржењето на крајот на термичката обработка.

– За подготовка на јадењата користете бели вина без изразена арома и киселост.

– Динстаните или печени пиперки можете да ги користите во комбинација со рани сосови од домати, моцарела или маслинки како фил за пица.

– Салатата од компири ќе биде повкусна доколку се уште топлите компири ги зачините со масло, а дел од оцетот го замените со бело вино.

– Црниот пипер најдобро е да се користи во зрно и да се меле на крајот на готвењето, бидејќи брзо го губи вкусот. Ја подобрува аромата на јадењата од месо, морски плодови и јајца.

– За рибата да не се лизга од рацете, кога ја чистиме, рацете треба да се посипат со сол. Доколку пак лушпите тешко се чистат, доволно е рибата да се потопи една минута во вода што врие, во која има додадено оцет.

– За крем супите да не се таложат на дното, треба да им се додаде малку млеко. кога се сервираат во чинија, треба да се додаде и малку путер што во голема мерка ќе го подобри вкусот на супата.

– Сенфот во тегличката нема брзо да се исуши ако се стави тркалце лимон.

– За сосовите што се приготвуваат од брашно да бидат без грутчиња, брашното треба да се пржи во повеќе маснотија загреана на тивок оган, додека течноста што се додава (супа, буљон, млеко и сл.) треба да бидат млаки, а не врели. при тоа сосот треба постојано да се меша.

– Печурките полесно ќе се исчистат доколку се накиснат во вода во која има измешано една рака брашно. Во таа брашнеста каша печурките се тријат со раце, додека да им падне налепената нечистотија. Потоа убаво се плакнат со студена вода во која има додадено малку оцет за да не потемнат.

– Пред да се стават во тестото разни додатоци за мирис и вкус, како зашеќерени кори од лимон и портокал, суво грозје и други зашеќерени овошја, треба да се извалкаат во брашно. На овој начин додатоците нема да паднат на дното на тестото, што секогаш се случува ако не се постапи на овој начин.

– Слатките и тортите што се преливаат со чоколадна глазура треба прво да се остават на собна температуре за чоколадото да се стегне, а потоа да се стават во фрижидер.

– Преварениот ориз, исцедете го и подолго време плакнете го со студена вода во цедалка. Потоа, ставете го 15 минути во многу загреана рерна (исклучена). Кога ќе го извадите оризот ќе биде онаков каков што можете да посакате, секое зрно ќе биде одделено.

– Жолчката од јајце многу побрзо ќе се измати со шеќер, ако длабокиот сад, во кој што матите, го ставите во друг сад полн со топла вода.

– Еклерите ќе бидат посебно воздушести, ако во рерната за време на печењето ставите сад со малку вода. За да нараснат еклерите никако не треба да се отвара рерната во текот на првите 20 минути од печењето.

– Ако во метална кутија со бисквити, ставите малку ориз, тие подолго ќе траат и ќе бидат свежи и мирисни.

Share.

About Author

Остави коментар

Powered by themekiller.com