Практични совети за домаќинките (I дел)

0

– Се случува по заминувањето на гостите, да ви останат исечени колбаси, шунка, суво месо и други слични сувомеснати производи, кои брзо ќе се исушат и ќе загубат боја дури и ако се чуваат во фрижидер. Меѓутоа можат да се искористат за премачкување на леб. Сето тоа, може да се сомеле на машина за месо, се додава малку путер, топено сирење или кајмак и добро се меша. Може да се декорира со домат, пиперка и навистина изгледаат декоративно и вкусно.

– За да не се развари оризот, во водата во која се вари треба да се додадат неколку капки лимон.

– Мајонезот ќе има попикантен вкус, ако покрај другите состојки, му додадете и малку шеќер.

– Овенатата зелена салата можете да ја освежите на следниот начин: исчистете ја и исечете ја на ситни парчиња и потопете ја вода, која не треба да биде студена, а во која претходно сте додале сок од лимон. Салатата треба да остане во водата околу половина час.

– Кромидот пред пржење варете го малку во врела вода.

– Доколку морковите, коренот од магдонос, ротквичка или целер, се исушени и омекнати, па тешко се рендаат, ставете ги накусо во замрзнувач да се замрзнат. Потоа брзо изрендајте ги уште додека се цврсти.

– Термосот повремено измијте го со жешка вода, во која сте ставиле сода бикарбона. Кога сакате напитокот во термосот да остане што подолго топол, пред да ставите нешто внатре, загрејте го на тој начин, што до врв ќе го наполните со жешка вода.

– Мали калапи за слатки можете да направите и сами, така што ќе превиткате алуминиумска фолија неколкупати и ќе ја обликувате по желба.

– Ако во рерната се задржале непријатни мириси, ставете во неа неколку кори од портокал, вклучете ја на висока температура и така оставете ја десетина минути.

– Штом ќе го исечкате зеленчукот за салата веднаш прелијте го со мешавина од масло оцет и зачини. Така ќе спречите поголемо губење на витамини. Од истата причина не се препорачува салатата од свеж зеленчук да се подготвува многу порано, туку непосредно пред оброкот.

– Ако во водата која сте ја ставиле во калапот за мраз додадете капка или две сируп од портокал или ментол, ќе добиете обоени коцкички од мраз, кои убаво изгледаат и му даваат на пијалокот специфичен вкус.

– Кашкавалот и другите видови сирење не треба да се држат во најстудениот дел од фрижидерот затоа што го губат вкусот. Меѓутоа, ако сакате парче кашкавал да исечете во многу тенки парчиња, ставете го десет минути во замрзнувач да се стврдне.

– При печење риба на скара, често се случува голем дел од кожата да се залепи. За да го избегнете тоа, претходно посипете ја со пченкарно брашно.

– Џигерот ќе биде помек и повкусен ако на секое парче пред пржење попрскате со неколку капки вински оцет. Немојте да го солите пред пржење оти ќе биде жилав.

– Крлушките од рибата полесно ќе ги извадите, ако внимателно ја триете со ренде, но пред чистење, треба да се стави во врела вода.

– Силниот мирис на рибата ќе го ублажите, доколку добро истриете лимон или оцет во водата во која ја варите рибата или пак налејте малку млеко, а можете и садот во кој ја варите да го покриете се крпа натопена во оцет.

– За рибата да биде повкусна, а и нејзиниот мирис многу помалку да се чувствува, во маслото во кое ја пржите, ставете лист од магдонос.

– Во пресолената супа, ставете еден или два, на парчиња исечени компири. Тоа ќе ја неутрализира солта. Пред да ја служите супата, извадете ги компирите и никој нема да забележи што се случило.

– Ако сте ставиле премногу сол во сосот, повторно ќе ви помогне компирот. Можете во сосот да спуштите и корка од леб. Ќе постигнете ист ефект, а сосот ќе добие убав кашест изглед.

– Ако е пресолен варениот зеленчук, измијте го со вода, а потоа прелијте го со растопен путер или павлака.

– Ако меленото месо сакате да го сочувате во фрижидер најмногу 12 часа, не го оставајте во хартија, туку ставете го во сад покриен со чинија.

– Тенџерињата во кои храната загорела, не смеат да се гребат, туку се потопуваат во вода, се ставаат да вријат со солена вода, или со вода во која е додадена сода бикарбона

– Путерот или маргаринот, што треба пенесто да се измати, не смее претходно да се загрева. Доколку е тврд, може само садот во кој ќе се мати да биде исплакнат со топла вода.

– Кремот од путер што се згрутчил внимателно загревајте го на пареа, а потоа мешајте го додека не се изедначи смесата.

– Белтокот, кој не можеме да го изматиме цврсто, го накапуваме со неколку капки сок од лимон или го посолуваме со малку сол.

– Рибата, која за време на варењето се распаднала, ја двоиме од коски и од месото можеме да направиме крокети со соодветен сос.

– Похуваната риба ќе биде уште повкусна ако на лебните трошки им се додаде и малку рендано жолто сирење.

– Во водата за варење риба треба да додадете еден филџан млеко и малку оцет или сок од лимон. Месото од рибата нема да се распадне и ќе биде уште поубаво.

– Мекото брашно треба да се користи за подготовка на пити, леб, погачи и слатки, додека острото е посоодветно за јуфки, кисели штрудли, запршки сосови и кремови.

– Кога месото ќе загори, загорените места ги отстрануваме, а остатокот од месото го приготвуваме во друг сад.

– Компирот со црни дамки го вариме во благо закиселена вода.

– Непријатниот мирис на мрснотијата и загорени остатоци од храна од рерна ќе ги отстраните ако на дното ставите еден грст сол, додека рерната е топла. Подоцна рерната измијте ја на стандарден начин.

– Ако пудингот не се стегнува, во малку вода растопуваме малку желатин и го вмешуваме во смесата, а потоа го оставаме на студено место.

– Кога печете месо кое долго стоело во замрзнувач, покрај него ставете неколку парчиња корен од целер и печете заедно. Така месото ќе биде повкусно.

– Ако сами месите кори (јуфки) на секое јајце кое сте го ставиле во тестото додајте по половина лушпа млака вода. Јуфките ќе бидат одлични и нема да се кршат.

– Пресоленото јадење може да го разблажиме, ако во истото ставиме малку вода или млеко и на врвот на ножот ставиме шеќер. Уште подобар ефект се постигнува ако во јадењето обариме компир исечен на парчиња.

– Сосот од домати што го подготвувате за поливање на шпагетите, ќе биде многу повкусен ако му додадете една чаша кисела павлака.

– Калапот за торта најлесно ќе го измиете ако веднаш додека е топол го истриете со хартија од весник и ги отстраните сите остатоци од тестото. Потоа измијте го на вообичаен начин.

– Вкусот на загореното месо може да се поправи ако покриениот сад веднаш го ставите во сад со студена вода. По десетина минути јадењето префрлете го во чист сад и јадењето ќе добие нормален вкус.

– Слатките, јуфките и кремовите ќе имаат поубава жолта боја ако жолчката ја посипете со малку сол и оставете две до три минути да постои. Потоа месете ги на стандарден начин. Не грижете се, солта нема да се забележува во слатките.

– Ако сте го пресолиле јадењето ставете малку сода бикарбона. Таа ќе го неутрализира вишокот на сол.

– Похуваните кременадли и шницли ќе бидат повкусни ако на изматеното јајце му додадете малку сув босилок и едно гмечено чешне лук.

– Колачот од листесто тесто подобро ќе се разлистува и ќе биде поубав и воздушест, ако го ставите во рерна да се пече на 250 степени, а покрај него плиток сад со топла вода.

– Ако печеното месо сте го пресолиле свиткајте го во чиста салвета претходно натопена во вода, потоа сето ова покријте го со поголем сад и држете го така околу половина час пред да го одвиткате.

Share.

About Author

Остави коментар

Powered by themekiller.com