Од дневникот на една планинарка

0

Викенд на Пелистер

Изминатиов период патот се почесто ме носи накај Битола. Ама не за да седам на Широк Сокак, туку за да си го посетам бисерот на Битола, прекрасниот Пелистер. Овој викенд прочитав дека моите другари планинариподготвуваат целодневна тура на планината, ретко одена, а сепак интересна, па одлучив да им се приклучам.

20161024_064152
Започнавме во рани зори од преубавото село Маловиште, планинско село во подножјето на Баба Планина. Селото има прекрасна архитектура, со куќи изградени од камен. Откако се екипиравме сите, започна нашата прошетка, најпрво до манастирот св.Ана, на околу час и половина движење низ шумата нагоре. Тука ја направивме првата пауза, се фотографиравме и продолживме понатаму, кон Чуките (така Битолчани ги нарекуваат со заедничко име врвовите Мала и Голема Чука).

20161024_163701
Одејќи по патот, не можев да се изнагледам во сите бои на есента и целата убавина што се појавуваше пред нашите очи. Веројатно затоа и одиме по планините, заради сите тие глетки од кои застанува здивот и сакаш што подолго да ги впиеш и да ти останат врежани во сеќавањата. Некој ми имаше кажано дека одејќи по патот ќе имаме поглед на Преспанското Езеро, што многу ме израдува, но за жал (или за среќа), наместо тоа маглата беше спуштена под нивото на планината и го имаше покриено целиот поглед, што повторно даваше впечаток како да сме под некое езеро или огромно бело пространство.

20161024_111217
Првата поголема пауза ја направивме на врвот Голема Чука –Гарван, на 2.179 метри надморска височина. А таму, весела атмосфера и радост помеѓу планинарите, секој од ранецот да извади и да сподели што понел со себе нагоре и да се јаде и пие како едно големо семејство. Тоа е уште една од големите причини поради кои го правам ова веќе неколку години наназад – пријателствата што се јавуваат на планината се многу длабоки и траат вечно.

20161024_073342
Оттаму, почна спуштањето (па пак качувањето, па пак спуштањето) кон ,,Ловечка”, нов планинарски дом кој се надевам наскоро ќе се пушти во употреба и ќе може да ни биде прибежиште кога сме на Пелистер, а потоа откако поминавме поголем дел од шумата и ги почувствуваме преубавите мириси на Моликата, падна ноќ. Имавме уште час и половина до два одење, но тоа не не обесхрабруваше, бидејќи одеднаш небото се ,,наполни” со милион ѕвезди кои даваа сосема нова димензија на нашето патување. Прекрасната дружба заврши како што обично се завршуваат планинарските тури, со седнување пред кооперација, овојпат во селото Магарево, во непосредна близина на Битола.

Турата беше долга околу 30 километри, а траеше околу 15 часа, но на крајот уморот се губи, а остануваат само убавите моменти од сликите на природата и дружбата со луѓето.

До следна прилика

Share.

About Author

Калина Велевска

Остави коментар

Powered by themekiller.com