Од дневникот на една планинарка

0

Жеден

Ова планинарењево дека е тешка зависност. Ама дека секоја наредна тура ќе има се’ повеќе ,,зависници”, навистина не очекував. А токму тоа се случува. Браво дечки, браво за сите што барем овој еден ден во неделата одлучувате да го поминете на планините.

Нашата недела започна во 7 часот. Ме собраа со комбето и почнавме да возиме кон Кондово. Мојот поглед беше постојано вперен во Љуботен, кој се отвораше пред нас со целата своја големина и убавина, каква што нема ниеден врв за мене. Го гледав и му се восхитував, го фотографирав и се радував дека наскоро пак ќе одам да го видам и да го поминам времето таму. По патот забележав уште многу комбиња како нашето, ама си реков – ајде, сигурно се некои луѓе што патуваат некаде. После некое време сфаќам дека сите се за турата, за накај Жеден. Кога стигнавме во селото Радуша, од каде и започнавме да одиме, видов дека сме околу 200 луѓе 🙂

20161204_112058

По патот погледот ми беше насочен кон прекрасната Шар Планина, која целосно ни се отвори и се гледаше многу чисто и јасно, а уживав и во убавите разговори со моите пријатели со кои постојано одиме на овие тури и со кои многу убаво се разбираме кога зборуваме со љубов и восхит кон планините. Не одевме долго, или така ни се чинеше зашто зборувавме цел пат, па не ни осетивме кога пристигнавме на врвот. А горе, кочан ладно 🙂 Побрзавме да се пресоблечеме и да направиме некоја фотографија и седнавме да јадеме и да се освежиме. Благоја како и секогаш носеше ракија, Томи ми даде сендвич што си го поделив со Теа, Мартина ми донесе кроасан што остана кај неа… Како што знам секогаш да кажам, ние сме едно големо, среќно семејство 🙂

20161204_124029

Потоа почнавме да се спуштаме надолу и наидовме на едно бачило каде мирисаше на лепешки, а јас се смеев дека нема поубав мирис од тој…па со Томас разговаравме за опцијата да се живее на село, што тоа подразбира и што се’ е потребно за човек да се одлучи на таков чекор. Одејќи забележав огромна депонија и навистина се нажалив што некои луѓе немаат друга можност да го фрлаат ѓубрето во канти за отпадоци, или немаат доволно свест па го прават тоа бидејќи не знаат за друго, па го замолив Маки некоја наредна прилика да дојдеме и да спроведеме една акција за чистење на теренот, а доколку некој сака, може слободно да ни се приклучи. По патот имавме можност и за посета на пештерата Дона Дука, што беше уште еден интересен момент на турата, за на крај да се упатиме кон селото Рашче, на кафе и чај во локалната кооперација. На враќање во автобусот Маки ни раскажуваше за книгата „Материјали по изучувањето на Македонија“ од Ѓорче Петров, која самиот тој ја преведе и која ни следи како награда на крајот на овој предизвик ,,12 врвови”, што го минуваме секој прв викенд од месецот.

20161204_113609

Кога излегов од автобусот, а и во моментов додека го пишувам текстот имам една голема насмевка од убаво поминатиот ден, се чувствувам исполнета со убави емоции и вистинска среќа.

И бидејќи денес е светски ден на планината, да ни е среќен на сите, а до следна прилика ве поздравувам многу и чувајте се 🙂

20161204_112110

Share.

About Author

Калина Велевска

Остави коментар

Powered by themekiller.com