Од дневникот на една планинарка

0

Одам викендов во Битола, без некој посебен план. Знам дека другарите од ПЕГ „Турни ме да кинисам“ ќе организираат некоја планинарска тура, што ја чуваат во тајност до сабота. Во сабота објавуваат, одиме до Бранејнца. Се обидувам да го најдам местово на Гугл, да видам што ме чека, ништо не ми излегува како резултат, освен дека е некое место по патот за Ресен. Се распрашувам по луѓево, викаат – уживај, убаво ќе ви биде 🙂 И нормално, не сум ни јас некој лик што не сака спонтани работи и што мора се’ да има испланирано, па си го местам алармот и оставам да бидам изненадена од Бранејнца. Околу моето станување исто има еден интересен момент, а тоа е следново: кога тура почнува во 5 сабајле, не ми е никаков проблем да станам во 4, да се спремам и секогаш сум дисциплинирана и не доцнам. Оваа тура започнуваше во 9:30. Јас станав во 10:17 🙂

Откако сфатив дека алармот најверојатно не ни заѕвонил, почнав да се јавувам по луѓево да ги прашам каде се и дали е доцна да им се приклучам. За среќа моја и на другарка ми Мартина, ми се јавува преЦеднико да ми каже дека Зоки и Васко ќе се вратат по нас да не земат. Се спремам за 25 секунди, се симнувам долу и тргнуваме. Одиме четворицата по широк колски пат, а јас се прашувам кога почнува искачувањето и кога ќе почне да ми се крева пулсот од некој стрмен успон. Тој момент, уште на самиот почеток да ви откријам – не дојде 🙂

15267839_10210985966555742_1946101063916415207_n

Одејќи по патот, стигнавме до прекрасна шума, каде на многу дрва имаше закачено знак ,,за чиста природа”, како потсетник каде се наоѓаме и колку е важно да ја зачуваме природата. Зоки и Васко ни раскажуваа како порано на училиште имале работни акции за пошумување на истата таа шума, а како подоцна некои други се обиделе да ја уништат, намерно предизвикувајќи пожари и крадејќи ги дрвата. Откако се издигнавме на околу 1000 метри надморна височина, низ густите облаци почна да ѕирка сонцето, а и возухот почна да мириса убаво и чисто. Интересен момент беа и куќарките за птици поставени на дрвата, кои ги имаше во голем број, а досега не сум ги сретнала на ниедно друго место.

После час и половина одење, започнав да се прашувам каде ли се наоѓа тоа место каде се нашите пријатели и одеднаш почнаа да се слушаат звуци и како пристигнуваме ја гледаме Елена како снима, а преЦеднико не пречекува како прав домаќин, со песната ,,домаќине, добри гости ти дојдоа” 🙂

15230672_10210985967195758_3622264750392789593_n

Се поздравивме со сите драги луѓе и забавата веднаш започна. Се пееше, се играа ора, некој точеше ракија, некој принесуваше салати, Марта беше главната скараџика за што веднаш си доби почесно место во клубот , владееше една многу весела и убава атмосфера. Јас не бев навикната после толку кратко пешачење да стигнам на одреденото место и тука да се стационирам, ама денот ме разубеди дека понекогаш не е важно само да испешачиш долга километража или да искачиш што повисок врв, туку е важно да ти е убаво, да си со убави луѓе, да дишеш чист планински воздух и да се препуштиш на моментот. Се правеја некои планови околу куќарката каде седевме, се пееја песни, Марта, Кире и Тозо влегоа во елемент и направија вистинска забава, Благојче ни држеше говор каков што доликува на еден претседател и имаше многу, многу смеење.

15230541_10210985966635744_8059773767995482621_n
После прекрасно поминатото попладне и желбата денот што подолго да трае, со тешко срце почнавме да се спуштаме надолу, назад кон Битола. Се враќаме во темница, со по некоја челна ламба и батерија, внимавајќи на браздите и нерамнините по патот. Како со нож да беше пресечен делот од каде престануваше чистиот воздух и почнуваше да се осеќа смогот и загаденоста на градот. Јас бев убедена дека Скопје е единствениот град на светот каде што мириса така чудно и неубаво, но овојпат сфатив дека и другите градови се соочуваат со истиот проблем. Разликата беше драстична, а она што ние го дишевме долу без никаков сомнеж е причинител број еден за еден куп белодробни заболувања, како што често не предупредуваат надлежните. И извинете што неделната идила мора да ја уништам и на овој начин да го завршам текстот, ама неопходно е. Мора да направиме нешто. Мора да направиме некој долгорочен план. Мора да престане да се гради, мора да престане да се урбанизира и да се бетонира целото зеленило, зашто ова што ни се случува не е нормално. И ова не го кажувам седејќи удобно во фотелјата во мојот дом, го кажувам како човек кој секоја слободна прилика ја користи да избега од градовите и кој може да направи разлика. Јас како единка секако дека не сум моќна да направам којзнае што, освен да тргнам од себе и да направам некои ситни промени во секојдневието, како што беше одлуката пред две години да престанам да возам автомобил и да го заменам со велосипед или градски превоз. Не може да дојде лето и да заборавиме на овој проблем, не може да замижуваме и да креваме раменици, да викаме ,,тоа е, ништо не може да се направи.” Секако дека може и секако дека зависи од сите нас.

На овој начин на сите ви го честитам овој голем ден, денот на дрвото, а на моите драги другари битолчани им се заблагодарувам за секогаш убавиот пречек и помин, убавата енергија и весели ликови 🙂

До следна прилика,

Share.

About Author

Калина Велевска

Остави коментар

Powered by themekiller.com