Без многу размислување, викендот одлучив да го поминам повторно со битолско-скопска екипа, овојпат на прекрасната Јакупица. Се’ започна во рани зори, со патувањето во воз до едно од најубавите македонски села, селото Богомила. Бидејќи патував сама, по патот имав време да размислувам и да уживам во преубавите глетки на природата, „зачинети“ со музиката за филмот „Пред дождот“, па за миг и самата да се почувствувам како да сум во некој филм на Манчевски. Во Богомила ме пречека еден другар од Битола, со кој имавме прилика да прошетаме низ селото и да поразговараме со мештаните за начинот на живот на село и за тоа зошто младите се’ почесто се одлучуваат да ги напуштат родните огништа и да заминат во градот, барајќи подобра и постабилна иднина. Едно мило бабе од 87 години застана да си позборува со нас и да не потсети дека само работата и движењето го одржуваат човекот во живот и дека најважно е да не престанеме да шетаме и истражуваме.

Денот беше сончев и топол, без ниедно облаче на небото, а откако пристигна и останатиот дел од екипата, нашата прекрасна прошетка продолжи кон селото Папрадиште, едно од ретките мијачки села во овој дел од Македонија. Во селото седнавме да одмориме на моето омилено место таму, Планинарскиот дом Папрадиште, кој е стратешки позициониран да има поглед на целото село и сите околни планини кои го опкружуваат.

1
Тука седевме подолго време и со другарите планинари кроевме планови за наредните тури што следат, за на крај да дојдеме до заклучокот дека наместо тоа треба да уживаме во сегашниот миг и да не се оптеретуваме многу планирајќи ја иднината. Папрадиште не испрати како што не дочека, со топло сонце и пријатно време, а нашето патување продолжи кон последната дестинација предвидена за тој ден, планинарскиот дом Чеплес. Крајот на оваа патека што води до домот ги прикажува најубавите бои на небото и сите планински масиви од југозападот и е слика за која вреди да застанеш и да ја уживаш долго време.

2
Кога стигнавме во Чеплес не пречека нашиот пријател Тоше и останатите гости кои беа веќе таму, а атмосферата беше толку пријатна што знаевме дека не чека вистинска забава и убав одмор од долгиот и исполнет ден. Како и секогаш, неизоставен дел од нашата седенка беше топлата супа, по некоја чашка ракија и храна приготвена на оганот кој беше запален надвор во дворот. Дружбата кулминираше кога сфативме дека некој од дечките во домот носи звучник, а ние можеме да му нарачуваме песни и да ги пееме колку не држи глас, иако сите сме тешки антиталенти за пеење 🙂
Неделата повторно започна рано, но сите бевме многу среќни бидејќи знаевме дека не чека посета на еден од највпечатливите врвови во нашата земја, Солунска Глава. Шетајќи низ шумата, со нетрпение очекував да стигнеме до местото Долна Бабина дупка, кое маѓепсува со убавината што ја поседува и што се отвара пред тебе по едночасовното движење низ шумата, на првиот дел од патот.

3
Со цимерите стоевме занемени и гледавме во пејзажот пред нас, упорно ловејќи агли од кои ќе имаме подобар поглед за да чкрапнеме со мобилните, иако сигурно го имаме фотографирано местото повеќе од 100 пати. Од таму продолжи искачувањето, ама тоа одеше многу споро и смирено, зашто е невозможно да ја ,,претрчаш” планината, а да не застануваш на секои 100-тина метри за да се изнагледаш во сите убавини што ги нуди. На врвот беше ладно, па така и нашата пауза беше кратка, колку да направиме по некоја фотографија и да јадеме. Но, одеднаш плавото небо се изгуби, силниот ветер донесе густа магла и повеќе немаше ништо пред нас, освен големите бели облаци пред кои се наоѓавме и кои дадоа сосема нова димензија на планината.

4
Тука само немо седев и гледав во хоризонтот пред себе, без да имам потреба да разговарам со некој или да слушам други звуци освен оние на планината. Тука се јавува она внатрешно чувство заради кое одам на овие тури, чувство што ослободува и сакаш да трае што подолго, кога не постои ништо друго важно на светот освен она пред тебе. Затоа и секојпат и се враќам на планината. Тоа е силата што ме тера полесно да ја издржам работната недела и сите предизвици кои ги носи, силата што ми доаѓа за да станам рано наутро кога целиот град спие и да тргнам на пат и поривот да одам со ранецот на грб без да сакам да запрам никогаш.

Share.

About Author

Остави коментар

Powered by themekiller.com