Оброк пред оброкот (I дел)

0

Во Европа предјадењата се служат со векови. Нивното потекло не е точно утврдено, но познато е дека Римјаните ги почнувале своите гозби, грицкајќи целер, зелена салата и друг зеленчук. Се претпоставува дека во античка Грција служењето на предјадење, веќе било влезено во обичај. Подоцна и другите народи во Европа ги прифатиле предјадењата, ги збогатиле и ги усовршувале.

Предјадењето треба да е вкусно и лесно. Неговата главна намена е да предизвика апетит, а не да заситува. Тоа го потврдува и стручниот готварски израз за предјадењето “хорс д оеуврес”, што значи нешто што е надвор од една целина, нешто попатно и споредно во однос на главниот дел од оброкот.

Има два вида предјадења: студени и топли.

Гастрономската традиција пропишува дека студените предјадења се служат пред, а топлите по супата, но тоа не се спроведува толку стриктно.

Студените предјадења обично се служат за ручек. Порано топлите предјадења биле составен дел на вечерата и се служеле по супата. Топлите предјадења сепак, можат да се служат за ручек, кога и студените, но во тој случај мораат да бидат од категоријата на “малите лесни предјадења”, како што се паштетите од лиснато тесто, штангличките, ролните питулици и слично.

Во последно време обичај е пред оброкот да се изнесе богат избор од студени предјадења, вкусно сервирани и украсени.
Франција усвои еден специјален начин на служење на предјадења по примерот на руската закуска.

Закуската е во извесна смисла “оброк пред оброкот”. Таа исклучиво се состои од студени предјадења, кои богато се залеваат со вотка.
Закуската порано во Русија се служела во помала соба пред трпезаријата.

Во Франција тој обичај е нешто изменет. Под името закуска, сиот тој избор од пикантни јадења се служи на масата во трпезаријата. Како предјадење за ручек често се служи ассиетте англаисе. Тоа е асортиман на разни студени меса (розбиф, сув јазик, шунка и сл.) украсен со сечен аспик, со ливчиња од зелена салата и кисели краставички.

По примерот на оваа чинија, во нашите ресторани може да се најде убав избор на наши специјалитети (пршута, разни колбаси, салама, кајмак, сирење, кашкавал и сл.) украсени со маслинки, трупки, пиперчиња и други додатоци.

ПОХОВАН КАШКАВАЛ

Кашкавалот се сече на тенки листови и се остава половина час да постои во студена вода. Потоа се валка во брашно, јајца и презла и се пржи на силен оган.

Посебно се сервира сосот, кој треба да се состои од мајонез, разреден со малку бело вино и сок од лимон. Внатре се додаваат ситно исецкани кисели краставички и малку капри. Сето ова се меша убаво и се сервира како додаток на кашкавалот.

МОЗОК СО ЈАЈЦА

Мозокот најпрво се исчистува од ципите. Потоа се става да се вари во солена, закиселена вода. Кога е сварен, се изладува и се сецка на ситни парчиња.
Посебно се запржува ситно сецкан кромид и во него се додава мозокот. По вкус се става сол, црн пипер, магдонос и на крајот му се додава едно јајце за една порција.
Се сервира како топло предјадење.

БИТОЛСКИ ПИТУЛИЦИ

1 кг. брашно, ½ литар топла вода, една лажица сол.

Од сето ова се прави смеса како за палачинки, но малку поретка. Се пржат во тавче за палачинки и излегуваат тенки корички. Кога ќе бидат готови се ставаат во тркалезно тавче, се премачкуваат со претходно подготвената смеса од половина шолја вода, три до четири лажици масло и една ипол главица лук, кој убаво се толчи. Оваа смеса се става да зоврие и се премачкуваат корите. По желба се ставаат и малку мелени ореви. Вака приготвени питулиците се сечат како торта и се потпечуваат на 250 степени околу 15 минути. Се служат топли.
Забелешка: Наместо смесата од лук, може да се употреби и сирење или било кој друг фил.

БРЗА ПИТА

1 чаша јогурт, или 200 грама кисело млеко, ½ чаша масло, 2 чаши брашно, 3 јајца, 1 прашак за печиво.

Сето ова се замешува со вилушка. Во него се додава сецкана салама(спанаќ) и се става во подмачкан плех бр. 30. Се расплескува во дебелина колку еден прст. Се прелива со три изматени јајца , а одозгора се ренда сирење. Се пече на 200 степени.

ДОМАТИ ПОЛНЕТИ СО РЕНДАНО ЦВЕКЛО

6 домати, средна големина, 1 главица младо цвекло (200 грама), 1 павлака, половина лимон, сол, црн пипер.

Се отстранува горниот дел на доматот, се вади средината, малку се посолува и се свртува наопаку за да се исцеди.
Цвеклото се лупи и се ренда.
Павлаката добро се мати со сокот од лимонот, се става малку црн пипер и се меша со ренданото цвекло. Доматите се полнат со оваа смеса, а на врвот се декорираат со павлака со помош на со шприц за торта.

ЈАЈЧАНИК

½ кг. пченкарно брашно, 3 јајца, малку млеко, 2 – 3 лажици свинска маст.

Пченкарното брашно се става во сад за месење, се посолува, постепено се додава малку топла вода, растопената свинска маст и едно по едно јајце, постојано мешајќи со дрвена лажица. Тестото треба да биде малку погусто од она за палачинки.
Се става во подмачкан калап и потоа се пече во претходно загреана рерна на умерена температура (200 степени).
Се служи топло или студено со кајмак или сирење.

СУФЛЕ ОД КАШКАВАЛ

150 грама рендан кашкавал, 100 грама брашно, 120 грама путер, 40 грама млеко, 5 јајца, сол, црн пипер.

Се прави сос-бешамел и тоа по овој редослед: се загрева путерот на оган, се додава брашното, малку се промешува, па се налева со зовриено млеко. Се става кашкавалот, сол, црн пипер и се вари уште 5 минути. Се трга од оганот и се остава да се излади.
Потоа се додаваат една по една жолчка и цврсто изматениот снег од белки. Се става смесата во подмачкан калап или огноотпорен сад и се пече во умерено топла рерна (200 степени). Се служи топло.

КРОКЕТИ ОД КАШКАВАЛ

90 грама брашно, 80 грама путер, ½ литар млеко, 150 грама рендан кашкавал, 2 жолчки, трошки од леб, масло.

Од брашното, путерот и млекото се прави густ бешамел. Се додаваат жолчките, кашкавалот, солта, црниот пипер. Се остава да се излади. Се прават крокети со дебелина на прст, се валкаат во трошки од леб и се пржат на врело масло. Се служат топли.

ЗАПЕЧЕНИ ЈАЈЦА СО САРДИНА

3 јајца, 3 сардини, 30 грама путер, 2 лажички кисела павлака, 1 лимон, сол, црн пипер, магдонос.

Тврдо варените јајца се сечат по должина. Се вадат жолчките и се пасираат со сардините. Се додава сечен магдонос и 15 грама иситнет путер на парченца. Кога смесата ќе се изедначи се додава сок од лимон. Со оваа смеса се полнат белките и се преливаат со павлака.
Во тепсија или огноотпорен сад се растопува преостанатиот путер, се редат јајцата и се запекуваат околу 5 минути во претходно загреана рерна.

ТОПЧИЊА ОД КОМПИР СО КАШКАВАЛ

1 кг. компири, 70 грама путер, 2 цели јајца, 2 жолчки, 100 грама брашно, 100 грама рендан кашкавал, сол, црн пипер.

Компирите се лупат, се сечат на четвртинки и се варат во посолена вода. Кога ќе бидат готови, се процедуваат и додека се уште жешки се пасираат, се додаваат јајцата и жолчките, 50 грама путер и брашното. Се посолува, се става црн пипер. Се замесува и се прават топчиња во големина на јајце. Лесно се притиснуваат и се барат во вода која тивко врие околу 3-4 минути. Се вадат со решеткаста лажица и се редат во тепсија. Се посипуваат со ренданиот кашкавал и парчињата од преостанатиот путер. Се запекуваат во претходно загреана рерна околу 15 минути.

ПАШТЕТА ОД ПЕЧЕНИ ПИПЕРКИ И СИРЕЊЕ

1 кг. зелени или црвени пиперки, 100 грама кравјо сирење, 200 грама кромид, една китка магдонос, по желба и луто пиперче, 2 – 3 домата за украс.

Пиперките се печат, се чистат од лушпи и семе. Потоа се сечат на ситни парчиња. Лукот и магдоносот исто така се сечат ситно, сирењето се дроби и сето ова се става во дрвен аван и со дрвениот толчник, добро се толче. По желба може да се стави и лута буковска пипер и да се украси со парчиња од домат.

ПОПТПЕЧЕН ПРАЗ

12 струга праз, средна големина, ½ литар бел сос, 50 грама рендан кашкавал, 30 грама путер, сол, црн пипер.

Белиот дел од празот се вари околу 30 минути. Се цеди и се става во тепсија или во огноотпорен сад. Се прелива со белиот сос, се става одозгора ренданиот кашкавал и парчиња путер. Се пече во претходно загреана рерна околу 20 минути.
Бел сос: 30 грама путер се растопуваат во помал сад, се додава 40 грама брашно, тоа се меша околу 2-3 минути и на крајот постепено се додава ½ литар вода или бистра супа.

ОРИЗ СО СЛАНИНА

250 грама ориз, 150 грама сланина, 1 главица кромид, 50 грама масло, 60 грама кашкавал, 1 литар бистра супа, црн пипер, сецкан магдонос.

Ситно исечете го кромидот, сланината на коцкички и пропржете ги на масло додека не поруменат. Додадете го исчистениот и измиен ориз и мешајте три минути. Потоа налејте го тоа со супа и варете го околу 25 минути. Пред служење посолете го, ставете црн пипер, одозгора посипете го ренданиот кашкавал и со ситно исечениот магдонос.

ПОХОВАН ГОВЕТСКИ МОЗОК

1 говедски мозок, 1 јајце, 50 грама брашно, 1 лажичка масло, половина чаша млеко, магдонос, ½ литар сос од домати.

Мозокот се обарува, се вади на чиста крпа, се цеди и се сече на парчиња. Секое парче се става во претходно подготвената смеса направена од јајце, брашно, млеко и масло. Се пржат парчињата во жешко масло. Кога ќе бидат готови се посипува ситно сечен магдонос. Се служи со сос од домати.

ЌОФТИЊА ОД КОМПИР

500 грама сварен компир, 1 јајце, 50 грама гриз, 100 грама сецкана сланина или шунка, 100 грама рендан кашкавал, магдонос.

Компирот се вари со лушпа, се пасира, па се додава јајцето, гризот, шунката, кашкавалот, магодносот и малку сол. Се прави векна и се сече на тркалца, а потоа се пржат на жешко масло.

ЈАЈЦА ВО ТЕСТО

9 тврдо варени јајца, 2 жолчки, 1 дл. густ бешамел, 500 грама лиснато тесто.

Јајцата се сечат на коцкички и се помешуваат со претходно приготвениот бешамел сос. Смесата повторно се враќа малку на оган и со постојано мешање се додаваат жолчките и сол по вкус. Потоа ова се остава да се излади.

Лиснатото тесто се развлекува во кора со дебелина од половина сантиметар, па се сечат квадрати од 10 сантиметри и во средината од секое се става лажичка од приготвената смеса од јајца. Работ на тестото се навлажнува со вода, се витка во вид на полумесец и од страната се притиснува. се пржат во многу жешко масло, а кога ќе бидат готови, се посипуваат со сецкан магдонос и се служат со кечап.

МИЦИНА ПИТА

3 јајца, 3 шолјички за кафе масло, една голема шолја млеко, 1 прашак за печиво, сол, ½ кг. брашно.

Од сите состојки со дрвена лажица се меша смесата и по желба се става ситно сецкано сирење, или салама. Се става во подмачкано тавче, а одозгора се посипува со сусам. Се пече на умерено загреана рерна (200 степени) и кога ќе биде готово се сече на коцки.

РОЛАТ ОД СПАНАЌ

2 големи шолји млеко, 1 кафена шолја масло, 250 грама брашно, ¼ кг. спанаќ или зелје обарено или исечкано. Фил: 300 грама сирење, малку кисела павлака и 200 грама салама.

Маслото и млекото се ставаат да зовријат, се додава брашното и убаво се меша. Кога ќе биде готово, да се одлепува од садот, се додава спанаќот или зелјето. Се става во подмачкан плех од рерна да се испече. Кога ќе биде готово се витка во намокрена крпа, како за ролат. Кога ќе се излади се мачка со филот и се завиткува како ролат. Најчесто при сервирање се комбинира со ролатот “Гасеница”.

ГАСЕНИЦА

100 грама вода, 100 грама масло, 80 грама брашно и 4 јајца. Фил: 300 грама шунка, 300 грама сирење, 1 тегла краставички, 1 китка магдонос, 2 павлаки.

Водата и маслото се стават заедно да зовријат, се тргаат од оган и се додава брашното. Смесата убаво се меша и потоа се додаваат едно по едно јајце со постојано мешање.
Оваа смеса се става во подмачкан плех да се пече, во претходно силно загреана рерна. Кога ќе биде готов ролатот се витка во влажна крпа. Кога ќе се излади се филува со филот, се премачкува со мајонез, а одозгора се посипува со крупно рендан кашкавал. Се сервира цел, но се засекуваат парчињата, а измеѓу се ставаат тркалца од чајна салама.

ПОЛНЕТИ КЕЛЕРАБИ

12 помали келераби, 200 грама мелено месо, ¼ литар вода, 200 грама кисела павлака, 1 јајце, една главица кромид, сол црн пипер, малку масло.

Прво се приготвува филот: кромидот ситно се сече и се пропржува на маслото. Се додава месото и се пржи 5 – 10 минути. Се става сол и црн пипер по вкус.
Келерабите се лупат се сече одозгора како капаче и со мала лажица внимателно се отстранува средината. Потоа се барат во зовриена солена вода околу 10 минути. Средината од келерабите ситно се сецка, па се пропржува на масло додека не омекне, а потоа се додава на месото. Исцедените келераби се полнат, а потоа се редат во огноотпорен сад или тепсија. Се налеваат со вода. Се мати јајцето со павлаката, а потоа со лажица се прелива преку секоја келераба. Се пече во рерна околу 30 минути.

Share.

About Author

Остави коментар

Powered by themekiller.com