Маратонецот Томи Стефановски в петок ќе влезе во „Куќата на славните“

0

За првпат во историјата на македонскиот спорт еден Македонец ќе стане член на некој „Хол оф фејм“. Пливачкиот маратонец в петок, во Лос Анџелес, САД, ќе влезе во елитата пливачи со посебни заслуги за овој спорт, а во избор на ИМСХОФ (Куќа на славни во меѓународното маратонско пливање), која оваа манифестација ја одржува од далечната 1963 година.

tomi-stefanovski-1
Стефановски со тоа ја круниса низата успеси на лавовите на морските бранови од ова поднебје што се ниже од далечните 50-ти години на изминатиот век. Годинава, кога му кажа збогум на еден од најнапорните спортови воопшто, тој стана победник на Гран-при серијата на Меѓународната пливачка федерација (ФИНА) во својата 45. година од животот. Всушност, само стави печат на почестите што му беа укажани уште во март годинава, пред почетокот на сезоната на маратони под отворено небо. Понесен од големото признание, Томи ја имаше и својата најуспешна сезона досега – победи на Охридскиот маратон, лаври што ги немаше во своите витрини, а на крајот ја освои и паричната награда од 15 илјади долари како севкупен победник на светската серија.

tomi
Во срцето на Холивуд, нашиот Томи ќе го добие својот спортски „оскар“ поради неговата спартанска стаменост. Ниту шесте операции на рамениците и лактите, ниту двете ќеркички, ниту бремето на годините не го поколебаа во борбата со брановите. Хемингвеески можат да се опишат сите негови пркосења – на студените, некогаш загадени води, на морските струи и животинки, на две децении помладите противници…

78821-tomi-stefanovski-vo-kukjata-na-slavnite-za-maratonsko-plivanje-foto
Покрај него, признанието ќе го добијат и Клои Мекардел (Австралија), Атила Мањоки (Унгарија) и Чарли Гревет (Велика Британија), кои ќе им се приклучат на досегашните 248 членови на оваа „Куќа на славните“.

Стефановски е севкупен победник на Гран-при серијата на ФИНА за маратони под отворено небо за 2016 година, вицешампион е на серијата од 2014, а го преплива и Ла Манш во 2009 година. Најстар учесник во серијата кратки и долги маратони на ФИНА досега, постојано фален за својот карактер, упорност и издржливост.

tomi-1
Со оваа награда,Стефановски им се придружи на легендите од регионот што ја имаа таа чест да бидат лауреати на ИМСХОФ, како Вељко Рогошиќ и Вицко Шољан (Хрватска), Мартин Стрел (Словенија), Воислав Мииќ (Србија) и рекордерот на Ла Манш, Бугаринот Петар Стојчев, инаку добар пријател на Стефановски.

Стефановски пливаше четири децении. Тренираше и ватерполо. Сега го пренесуцва своето искуиство на помладите. Најстар победник на еден маратон од Гран-при серијата на ФИНА (на 43 години славеше во Лак Сен Жан, Канада); а во 2014 година учествууваше на сите седум трки на три континента. Има три победи на маратони од светската серија (вкупно 16). Ла Манш во 2009 година го преплива на 38-годишна возраст, и тоа за седум часа и 42:32 минути.
Секоја чест, мајсторе! Каде ќе ти беше крајот да не беше современик на најдобриот пливачки маратонец на сите времиња, Петар Стојчев! Тој што те нарече учител!

Share.

About Author

Остави коментар

Powered by themekiller.com