Ликерот е женски пијалок!

0

Ликерот отсекогаш се сметал за женски пијалок. Веројатно поради тоа што вообичаено во себе содржи како основен додаток, нешто што жените со задоволство го конзумираат, а од друга страна во себе содржи доволно шеќер, што овој пијалок го чини многу полесен за пиење. Производителите на алкохолни пијалоци секојдневно на пазарот нудат нови видови ликери, но зошто да не се обидете на едноставен начин овој познат пијалок да си го приготвите и дома.

ЛИКЕР ОД ДУЊИ

Еден килограм зрели дуњи се рендаат и се ставаат во еден сад, се покриваат со чиста крпа, се врзува крпата и се оставаат да стојат на студено место пет до шест дена. Потоа, се процедуваат дуњите и во сокот што ќе остане се додава 1 литар лута ракија, 200 грама шеќер и една шипка ванила. сето ова се става во еден стаклен сад и добро се затвара. По еден до два месеца течноста се процедува, се става во шишиња и се остава до употреба.

ЛИКЕР ОД ПОРТОКАЛ

Осум портокали, тенко се лупат, само жолтиот слој, се сечат на ситни парчиња и се потопуваат во половина литар алкохол. Се оставаат да стојат 8 денови на студено место и секој ден добро се промешуваат. Се вари 1 кг. шеќер и 1/2 литар вода како за слатко. шербетот се остава да се излади. Алкохолот се процедува и се меша со шербетот, се филтрира и се става во шишиња.

ЛИКЕР ОД КАФЕ

Се става да зоврие 300 грама вода и во неа се вари 100 грама мелено кафе, па се остава 15 минути, да се таложи кафето, а потоа внимателно се процедува преку крпа. Во процеденото кафе, се става 1/2 кг. шеќер во коцки и се остава да стои преку ноќта. Ако не се стопи целиот шеќер, се става малку на оган. Кога ќе се излади се ставаат 3 дл. алкохол или иста количина коњак и се тура во шишиња.

ЛИКЕР ОД КОЊАК

Се меша 1 литар коњак, 250 грама слатка изматена павлака. Посебно се матат 3 жолчки, со 3 лажици шеќер во прав. Се меша оваа мешавина со коњакот и се тура во шишиња.

ЛИКЕР ОД ЦРНО ПИВО

Се вари погусто отколку за слатко 400 грама шеќер, 2 пакетчиња ванилин шеќер со четврт литар вода. Кога ќе се излади, се додава едно шише црно пиво и четврт литар чист алкохол (може и лута ракија). Многу е вкусен и може веднаш да се служи.

ЛИКЕР ОД ВИНО

Еден литар црно вино, 1 килограм шеќер, една шипка ванила, се мешаат и се варат околу 10 минути. Потоа, кога ќе се излади се додаваат 250 грама алкохол. Добро се меша се тура во шишиња и се затвара. Треба да отстои два до три дена.

Share.

About Author

Остави коментар

Powered by themekiller.com