„Цоцев Камен“- Од квазинаучно тврдење до софистицирана праисториска мегалитска опсерваторија

0

За некои теми, настани или поводи вреди да се пишува тристотини шеесет и пет денови во годината сe со цел вистината да излезе на виделина. Една таква тема или подобро вечна дилема, барем што се однесува на последните десетина години произлезе од прашањето дали локалитетот „Цоцев Камен е навистина првата комплетна праисториска мегалитска опсерваторија на тлото на Македонија , или пак станува збор за квазинаучно тврдење.

14937393_1292910567425941_5452910428768309882_nПа така Душко Алексовски, претседател на Македонскиот центар за карпеста уметност, основач на Светската академија за карпеста уметност и пензиониран професор по палеолингвистика на универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, сево ова време упорно тврдеше и докажуваше дека “Цоцев Камен” е најимпозантниот и најзначаен домашен споменик на културата од времето на праисторијата. Наспроти неговиот научен и професионален габарит и неговите оценки, одделни припаднци на македонските научни кругови жолчно полемизираа и изнесуваа спротивставени ставови дека тврдењата на Алексовски не се научно фундирани.

„По се што во последно време се случуваше и говореше за „Цоцев Камен“, за мене повеќе нема никаква дилема дека станува збор за првата комплетна и софистицирана праисториска мегалитска опсерваторија на Балканот. Ме радува што конечно излезе на виделина комплетната вистина за овој Локалитет, за кој во минатото непотребно се крена доста прашина“, вели можеби најоспоруваниот научник на овие простори во моментот во Македонија, Душко Алексовски.

– Ве молам за посетителите на порталот „Мис“, изнесете ги постулатите на кои го базирате тврдењето дека Македонија благодарение на овој проект бележи уште еден значаен плус на мапата на светските културни и историски збиднувања?

„ Упорноста конечно се исплатеше. Признанието за Локалитетот „Цоцев Камен“, дојде од врвни светски експерти од оваа област, како што се: д-р Пол Вердје, поранешен ректор на Академија; Dr Bruno Ancel, археолог; Dr Findling Nathaniel од геолошката лабораторија во Париз, и д-р Емилија Масон, доктор на Сорбона. Овие експерти реализираат проекти и за една од најголемите светски научни институции, француската CNRS. (Centre National de la Recherche Scientifique). Toa е една од најимпресивните научни институции во светот, која има свои дисперзирани пунктови во повеќе земји.

Шематската претстава на Локалитетот изработена од д-р Вердје, е последната коцка во мозаикот наречен: Праисториска Мегалитска опсерваторија „Цоцев Камен“. Материјалот од овој вид експертиза е презентиран два пати на конгрес во Италија и еден пат на конгрес на Родос, во Грција и објавен во најпрестижното и најстаро српско списание за наука, „МАТИЦА СРПСКА“. Ова високо признание за овој маркантен македонски Локалитет, од така влијателна научна институција, значи многу на планот на афирмацијата и популаризацијата не само на овој Локалитет, туку и за афирмацијата на македонската нација, наука и култура во светски рамки. Според проф. д-р Стефан Чохаџиев пак од Универзитетот во Старо Трново, за прв пат светот дознава за постоење на еден архео астрономски локалитет, локалитет кој е еден и единствен на оваа планета“ вели Алексовски.

duko-2

-Соопштете ни повеќе детали за самиот Локалитет на чие што истражување и докажување на неговото значење „потрошивте“ над 15 години?

„Цоцев Камен претставува една импресивна голема карпа, долга околу 250 и широка околу 150 метри, во атарот на селото Шопско Рударе, целосно обработена од праисторискиот човек. Карпата од вулканско потекло е стара неколку милиони години и е висока стотина метри,а искачувањето по нејзините стрмнини е еднакво на некој екстремен спорт бидејќи местото не е заштитено и само еден погрешен чекор може да биде фатален.. “Животот” на карпата почнал во старото Камено време, а продолжил во Неолитот и Бронзеното време. Локалитетот содржи бројни придружни елементи. Така, на еден километар на исток од локалитетот се распоредени мегалити кои го определуваат летниот и зимскиот солстициј (краткодневица) и еквиноксот рамнодневицата Сонцето се набљудувало во специјално изработена просторија опкружена со Мегалитска конструкција, додека месечината се набљудувала од самиот врв на карпата од строго определена позиција, преку одлично подготвен нишан.На источната страна од карпата изработена е импресивна просторија која служела за ритуално капење на луѓето во определен ден на годината, а над самата пештера е добро сочуваниот базен за света вода изработен по препорака на свештениците и е во извонредна состојба без никакви оштетувања.

Од самото подножје на карпата тргнуваат добро изработени скали во карпата кои водат до споменатата пештера и продолжуваат до површината на горниот дел од карпата, место за жртвување и други ритуални активности.
Од западната страна во Бронзениот период била организирана солидна населба, каде било развиено мануфактурното производство од типот на изработка на ткаенина.

Обработената Бронзеновременска пештера, местото за набљудување, местото на жртвување, базенот за света вода и ритуално капење, сликаната карпеста уметност, населбата од Бронзено време, темелите на неолитските куќи, местото за набљудување на месечината и другои ред други знаци покажуваат дека тука некогаш престојувале луѓе. Иако пештерите се отворени и се гледаат, речиси е невозможно да се открие како се стигнува до сите нив. Ова е локалитет каде не може да се оди без водич”, објаснува Алексовски.

cocev-kamen

-Интересно е што проектот „Цоцев Камен“ е реализиран со средства од Светска банка, која што, слободно може да се рече има значајна, ако не и пресудна улога за афирмацијата на Локалитетот?

„И покрај многуте котроверзи, врзани за „Цоцев Камен“, посетителите на Вашиот портал треба да знаат дека Светска банка се одлучи да финансира во реализацијата на овој проект бидејќи доби исцрпни податоци за вредноста на Локалитетот и за неговата реткост. Овие активности се реализираа пред 10 години. Благодарение на финансиите од Светска банка, успеавме целосно да го уредиме просторот во самиот Локалитет и во неговата блиска околина. Работевме околу 6 месеци со петнаесетина работници и притоа целосно беше отстранет дрвенастиот материјал од теренот. Подготвивме чисти пристапни патеки до секоја точка на овој Локалитет, а исто така изработивме показни табли за секој дел од него. Исто така, изработивме и показни патни табли кои се поставени на патот: Кратово- Шопско Рударе. Преку еден комплексен проект пак финансиран од Комисијата на Европската Унија, објавивме импресивна монографска студија за самиот Локалитет, со паралелен текст на македонски и англиски јазик„ појаснува професорот Алексовски.

IM000573.JPG

– Малку е познато дека Локалитетот и неговото блиско опкружување се купени од познати бизнисмени. Од кои побуди тие се решија на ваков чекор и кои се нивните планови и идеи околу натамошната иднина на Локалитетот?

„ Бизнисмените Гојчо и Марјан се цврсто решени целосно да го заштитат и ревитализираат Локалитетот во вистинска смисла на зборот, за тој наскоро да блесне во сиот свој духовно мегалитски сјај. Тие беа длабоко свесни за фактот дека преку ревитализација на овој проект Македонија ќе добие многу на планот на својата популаризација и афирмација, а тие ќе имаат исто така економски бенефит, по примерот на своите колеги од развиениот свет. На рака ни оди и фактот што патот од Скопје до „Цоцев Камен“ со новиот пат преку Бељаковци е скратен од 130 км на само 68 км. Во овој момент во фаза на асафалтирање е и патот до самиот Локалитет, со што тој автоматски станува подостапен за туристите. Пругата кон Бугарија ќе минува во непосредна близина на истиот и на наша иницијатива патната станица што тука ќе биде поставена ќе се нарече „Цоцев Камен“, кое нешто само по себе ќе биде провокација плус за туристите. Фактот дека на светот нема друг Локалитет од овој тип, е уште една гаранција за негов просперитет на туристички план“ тврди Алексовски.

cocev-kamen

– Наспроти сите досегашни оспорувања и ако така може да се каже опструкции, бенефитот од овој многу контроверзен Локалитет, сосема неочекувано, би можел да биде повеќестран и повеќедимензионален?

„Сосема сте во право. Локалитетот ќе игра значајна улога во развојот на туризмот, особено во овој дел на Републиката. Бидејќи карпестата уметност влезе образованието,( во учебниците по историја за прва година е внесена лекција под име карпеста уметност, а на Филолошкиот факултет во Штип пет години се предаваше предметот Палеолингвистика, како дел од карпестата уметност) овој Локалитет ќе биде во образовна функција на учениците и студентите, што ќе значи и развој на училишниот туризам. Локалитетот ќе биде достапен за истражувања на сите научни работници од светот, а сместувачките капацитети во неговата околина ќе бидат адаптирани за потребите на селскиот туризам. За омасовување на посетеноста сум на идеја за организација спортски народни игри со натпреварувачки карактер, а сопствениците на локалитетот размислуваат за организирање на Семакедонски олимписки игри, во околината на Локалитетот. Манифестацијата би се одржувала секоја година. Учество на овој вид игри би зеле сите македонски аматерски здруженија од Републиката и светот, каде живеат и работат македонци: Австралија, Европа, Африка, Азија, Северна и Јужна Америка. Во перспектива, се очекува Локалитетот да го добие својот првобитен изглед, да се изгради мал музеј на самото место, да се објави ново дополнително издание на монографијата за Локалитетот со новите податоци поврзани со неговото признавање за Праисториска Мегалитска опсерваторија„ вели Алексовски.

-Како дојдовте до сознание дека посетителите ќе треба да „потрошат“ дури три дена за целосно да го осознаат овој Локалитет?

„Еден ден е потребен да се посети само потесното подрачје на локалитетот (Обработената Бронзеновременска пештера, местото за набљудување, местото на жртвување, базенот за света вода и ритуално капење, сликаната карпеста уметност, населбата од Бронзено време, темелите на неолитските куќи, местото за набљудување на месечината и друго.
Вториот ден останува да се посетат мегалитите преку кои се набљудувале небесните тела: месечината, соѕвездието Власци и слично.Третиот ден би се искористил за посета на поблиската околина на Локалитетот кој изобилува со археолошки локалитети: Остатоци од античка урбана средина со своја акропола, рано христијанска базилика од типот на ротондите, единствена од тој тип во Република Македонија и многу друго. Античкиот град се откопува со помош на Американска фондација, со која раководи археологот Каролина од САД“.

– Можете ли врз база на досегашните Ваши искуства да повлечете паралела како ваквите ареали се уредени во светот, а како кај нас?

„Кога во некоја високоразвиена земја ќе се открие нешто ексклузивно, од областа што може да биде предмет на туристичка перспектива за тој крај и пошироко, институциите на системот реагираат експресно. Се формира тим од стручни лица кој се задолжува да изработи елаборат за севкупно дефинирање на Локалитетот и негово оспособување за потребите на туризмот. Институцијата која се задолжува да се грижи за тој Локалитет со помош на Министерството за култура (кое распишува конкурс доколку е тоа потребно) е обврзана да обезбеди стручен кадар. Швајцарија на пример, каде археологијата е би рекол развиена на највисок степен, нема доволно сопствен кадар, па секоја година во периодот од април до ноември, ангажира околу 8.000 странски археолози. Јас и многу други лица од Македонија веќе ја искористивме таа можност и работевме во различни краеви на Швајцарија. Сето тоа е толку добро организирано и поврзано со економскиот систем на државата, така што парите вложени во археолошките ископувања повеќекратно се враќаат во државната каса.

Тие од локалитет со помала вредност создаваат мит, како што е примерот со „Водопадот на самовилите“ каде редици туристи чекаат ред да влезат во пештерата и да видат како некоја дискретна светлина ја осветлува водата и се создава еден вид виножито во форма на женска фигура.

За ставање пак во функција на античкиот амфитеатар во Мартињи, биле потрошени милиони швајцарски франци. За само една година функционирање, Музејот во Мартињи ги повратил тие пари и заработил околу еден милион франци. Со други зборови, на запад ниту една музејска институција не е на товар на државната каса, а доколку државата помогне некоја институција, си има систем. да си ги поврати вложените пари“, посочува Алексовски.

– Со оглед дека се работи, како што тврдите за мошне раритетен локалитет, имало ли досега некакви размисли или уште поконкретно обиди за евентуално вбројување на „Цоцев Камен“во Листата на УНЕСКО, или пак треба да се очекува таква иницијатива допрва да уследи?

„Досега не е направен обид за впишување на „Цоцев Камен“ во Листата на УНЕСКО за Светско културно наследство, бидејќи не беа направени сите потребни истражувања. Сега е олеснета целата постапка, бидејќи тие што го признаа „Цоцев Камен“ за Мегалитска опсерваторија се со големо консултативно влијание во институциите на УНЕСКО. Тоа значи дека во секој момент Македонија може да аплицира пред УНЕСКО за негово запишување на Листата за Светско културно наследство. За жал, не верувам дека до тоа ќе дојде во ова време, бидејќи сега не се внимава на квалитетот на локалитетите, туку само дали тој што открил локалитет е „наш според политичко убедување, припаѓа на друга политичка опција-или пак е неопределен!!!“. За жал. Тоа е национална трагедија. Еден и единствен локалитет во светски рамки се маргинализира од ниски побуди“, го заокружува овој разговор професорот Душко Алексовски.

Share.

About Author

Остави коментар

Powered by themekiller.com