Интернационален детски фестивал на театар на сенки „Сонот на облачето“

0

Со задоволство Ве известуваме дека Интернационалниот детски фестивал на театар на сенки “Сонот на облачето” по 4-ти пат ќе се одржи од 21-ти до 23-ти ноември 2016г. во просториите на Младинскиот Културен Центар (сцена Фросина).

Програмата вклучува претстави од Грузија, Шпанија, Грција и Македонија, 2 работилници за сенки, уметнички инсталации и по некое изненадување.

Фестивалот започнува во понеделник на 21-ви ноември со претставата “Четири годишни времиња” на BUDRUGANA GAGRA Државниот театар од Тблиси, Грузија. Авантурите на едно мече низ природните промени од пролетта до зимата се одиграни само со сенки со раце од страна на 10 актери, со што публиката ќе има можност да ужива во префинетата мелодична стилистика.

14519923_959252590851044_1693280224218190430_n
Во вторник на 22-ри ноември Театарот СЕНКИ И ОБЛАЦИ од Македонија ќе одржи креативна работилница за театар на сенки, каде сите учесници ќе се запознаат со изработката на кукли и играта на платно истражувајки ги ликовите од басните на Езоп. Веднаш потоа Театарот FOSTIRES од Грција со претставата “Сенките на Езоп” вешто ќе ги расплетка ликовите од мудрите басни со своите сенки во боја на сцената Фросина.

Во среда на 23-ти ноември на последниот ден од програмата на фестивалот “Сонот на облачeто” ќе бидат прикажани две претстави. Први се НАШ МАЛ ТЕАТАР од Македонија кои со претставата „Девојчето со дрвото во портокаловото кралство“ ќе ја одведат публиката на Портокаловата Планета.

Фестивалот ќе биде затворен со претставата “Бубачки”, која ќе произлезе од дводневната работилниица за театар на сенки предводена од актерите на TEATRES DE LA LLUM Театарот од Шпанија. 20 дечиња ќе ја имаат несекојдневната можност да бидат дел од креативниот процес на создавање на една претстава како и нејзиното прикажување пред публиката во МКЦ.

13418973_885947878181516_4375990514665921711_n
Како и секоја година, пријатниот простор во фоајето на сцената Фросина за време на фестивалот ќе биде дом на Изложбата на лампи со сенки, рачно изработени од неколку локални уметници кои решија да сонуваат во боја.

“Сонот на облачето” е фестивал кој децата, како најискрена публика, ги доближува до суштинското значење на уметноста наречена театар, а тоа е постојаната игра на тенката линија помеѓу реалноста и имагинацијата. Можноста за запознавање и со техничката реализација на оваа уникатна форма, ја вметнува задолжителната нота на едукативни елементи кога станува збор за правилен раст и развој на најмладите. Темите на претставите зборуваат за традиции, културни вредности но и добро познати ликови и приказни. Фестивалот во својата публика редовно вбројува и деца кои припаѓаат на одредени општествено маргиналиизрани групи. Изминатите години дел од дружбата беа децата од СОС Детско Село, Трисомија 21, децата од Шутка центарот, а годинава таа можност ќе ја имаат и децата од Заводот за рехабилитација на деца и младинци.

Организатор на фестивалот е Здружението „Сенки и Облаци“ од Скопје, кое со поддршка од Министерството за култура на Р.М., градот Скопје и Младинскиот културен центар во Скопје по четврти пат ќе ѝ овозможи на најмладата публика да ужива во магијата на театарските претстави со сенки.

Билетите се во продажба на билетарницата на Младинскиот културен центар по цена од 120 денари, а за организирани посети (+10 посетители) цената на билетот изнесува 100 денари.
Цената за работилницата со театарот од Шпанија изнесува 300 денари.
______________________________________________________________________________

ПРОГРАМА НА ФЕСТИВАЛОТ:

21-ви ноември, понеделник

19:30 ч. „Четири годишни времиња “ BUDRUGANA GAGRA – Грузија (Сцена Фросина)
20:30 ч. Коктел и изложба на лампи

22-ри ноември, вторник

17:00-19:00 ч. „Бубачки“, Работилница под водство на TEATRES DE LA LLUM – Шпанија (Сцена Фросина)
18:00-19:00 ч. „ЕЗОП“, Работилница под водство на ТЕАТАР СЕНКИ И ОБЛАЦИ – Македонија (Горно фоаје)
19:30 ч. „Сенките на Езоп“, FOSTIRES – Грција (Кино Фросина)

23-ти ноември, среда

17:00-19:00 ч. „Бубачки“, Работилница под водство на TEATRES DE LA LLUM – Шпанија (Сцена Фросина)
19:00-19:30 ч. „Девојчето со дрвото во портокаловото кралство“ НАШ МАЛ ТЕАТАР – Македонија (Горно фоаје на Сцена Фросина)
20:00-20:30 ч. „Бубачки“, Претстава произлезена од работилницата со TEATRES DE LA LLUM – Шпанија (Сцена Фросина)

Share.

About Author

Остави коментар

Powered by themekiller.com