Запознајте ја добрата самовила – Дула

0

Дула е жената која верува во способноста на секоја бремена жена да го роди своето бебе, жената која знае колку вреди радоста на породувањето , жената која е во состојба да и верува на родилката дури и ако таа и другите околу неа, се сомневаат во неа.

Дула е збор со грчко потекло и означува жена која служи.

Дулата ќе и помогне на жената да заземе положба која нејзе најмногу и одговара, ќе ја масира за да и ги олесни трудовите, ќе и става облоги, ќе и ја држи раката цврсто, убедувајќи ја дека таа може да го направи тоа, или доколку жената сака, дулата само ќе седи покрај неа и ќе биде тука за неа.

dula-ii
Постои верување , дури и кај жените , дека жената треба да раѓа сама. Сепак, кога ќе се најдат во моментот на породувањето, повеќето жени ќе посакаат да имаат поддршка, или да имаат на кого да се потпрат.

Дулата на пороѓајот ја дава токму таа, толку посакувана и потребна присутност. Таа бдее над жената, ја охрабрува и бодри, помагајќи и така да помине низ единственото искуство на раѓањето на своето дете. Покрај дулата, жената не е оставена сама да го пронајде излезот од евентуалното страдање и болка во кои се наоѓа, туку има сојузничка која верува во неа со сето свое битие.

Истражувањето Кохрен (Cochrane) кое е спроведено во 15 земји во кои се следени 15000 породувања го потврдило големото значење на дулата на породувањето. Се покажало дека :

    – покрај дулата се зголемува (12%) веројатноста дека породувањето ќе биде природно
    – ја намалува можноста на медицински интервенции, како царски рез (28%) , користење на индукција (40%) или епидурална анестезија, форцепс или вакуум екстрактор
    – го забрзува породувањето за 25% (или за три часа)
    – го зголемува задоволството од искуството на раѓањето (34%)
    – го зголемува бројот на мајки кои успешно ги дојат своите бебиња
    – ја намалува веројатноста за појава на болести како што се постпартална депресија, родителите се чувствуваат посигурни, и поради тоа се подобро и со поголема самодоверба се прилагодуваат на новиот семеен живот.

Додека дулата во светот е присутна веќе со децении при породувањата и во породилиштата, кај нас тоа сеуште не е случај. Првата жена –дула која се занимава со оваа благородна професија во нашата држава е Маја Трајковска која беше расположена да не запознае со нејзиното драгоцено искуство како дула.

dula-iii
Терминот Дула за повеќето родители во Македонија е непознат. Која е или што е, всушност, дула?

    – Дула е жена, која избрала да служи на родилката и семејството како подкрепа во моментите на чекање младенче, за време на породувањето и периодот потоа. Оваа професија е прилично непозната затоа што постои како таква во последните 40-тина години, а кај нас дури две ☺ Слична улога во минатото, кога породувањето било домашно, би имала најдобрата пријателка на родилката, сестрата или постара личност која за родилката е прибежиште и од каде може да црпи снага за да мине низ процесот.

Вие се занимавате со екологија, театар и пермакултура. Што ве поттикна да станете и дула?

    – Пред 8години на моите патешествија се запознав со една девојка, сега мајка на 3 дечиња, која беше дула. За мене беше мистерија целиот тој поим и слушав со огромно внимание за нејзините искуства и објаснувања околу оваа професија. Имаше потполна смисла во мојата глава и моето срце сето тоа што го слушнав. И од тогаш среќавав уште многу дули и сите носеа квалитети од кои се инспирирав. Желбата раснеше во мене се додека не се отвори можноста да се нурнам директно во овие води.

Вие сте и мајка на двегодишно девојченце, колку време се занимавате со помагање на трудниците?

    – Малку повеќе од 2 години и во овој период најголем дел од мојата енергија, околу оваа професија, ја вложив во ширење на информацијата за дулите преку медиуми и предавања. Исто така имав и две искуства со родилки кои ја побараа мојата помош и беше незаборавно искуство. Би сакала се помалку да зборувам околу оваа тема, а се повеќе да бидам со родилките низ процесот.

Каде ја поминавте обуката?

    – Обуката беше организирана во Белград од страна на една од првите дула институции DONA International. Се обидов да организирам и кај нас да се спроведе истата обука, но немаше интерес. Сега уште две дули се обучија по истата програма и веќе има поголема надеж и инспирација да се работи.

Наскоро ќе се одржите презентација на фестивалот „Конект“ за улогата на дулата во породувањето?

    – Да фестивалот ќе се одржи следниот викенд во кампот Ливадишта –Струга во организација на НВО Калин. https://www.facebook.com/events/212882972458023 Фестивалот содржи повеќе работилници групирани во три тематски целини – Природа, Креативност и Личен развој.

Кажете ни за поддршката што дулата ја обезбедува за бремената жена.

    – Како што секоја жена е различна така и потребите за подкрепа се различни. Дулата е обучена да биде флексибилна и многу техники се на располагање за секоја жена да го добие она што и треба. Пред самото породување неколку средби се пожелни за да се стекне взаемна доверба и да се одговорат некои клучни прашања за желбите и потребите на родилката и семејството. Низ самиот процес една од клучните идеи на оваа професија е токму таа непрекината присутност на познато лице кое има познавања за процесот низ кој минува родилката и семејството. Разни техники на дишење, масажи, акупресура, позиции, медитации и емпатија можат да бидат дел од помошта за родилката и семејството. Исто така и само нежни допири, погледи и создавање на атмосфера на спокојство и доверба се некогаш доволни. Една друга страна која дулата ја застапува е и практично да се најде како комуникатор меѓу родилката и болничкиот персонал. Во постпородилниот период дулите се обучени да помогнат околу доењето, да се најдат за одговорање на практични прашања за сите детали околу периодот на првите денови со младенчето. Откога мајката е дома, дулата има обврска барем еднаш да ја посети и во зависност од семејството да понуди потребна помош.

Во нашата средина главна улога при породувањето има лекарот. Какво е вашето искутво кога треба да се наметнете за да и помогнете на жената при пороѓај ?

    – До сега сум имала убава соработка со болничкиот тим и најчесто се создава атмосфера на соработка и делување за најдоброто на родилката и семејството.

Важно е да се знае дека дулата не е исто што и бабица.Бабицата е здравствен работник, таа има знаење и вештини за да биде со жената за време на раѓањето и се грижи породувањето од медицинска гледна точка , да помине во ред.
Дулата не е медицинско лице, иако многу ја знае физиологијата на породувањето. Дулата исто така и помага и на бабицата, но никогаш не е замена за неа.

Со вистински информации и добра поддршка, дали мислите дека природното породување е најдобро за секоја жена?

    – Секако, доколку целата бременост се одвива здраво и сите услови се создадени за природно породување, тогаш секогаш најдобро е да се дојде до тоа.

Кои методи за намалување на болката, по ваше мислење се најефикасни при природно породување?

    – Одржување на свесност за ситуацијата, масажа, техники на дишење и пронаоѓање на најудобната позиција во моментите на контракции. Атмосфера на разбирање и доверба, музика или нешто што ја релаксира родилката.

Според вашето искуство, што за семејството значи присуството на таткото за време на породувањето?

    – Немам преголемо искуство, но од моето скромно искуство значи многу. Секако зависи и од подготовката на партнерот да биде присутен и соземен во текот на процесот. Би рекла најмногу од се дека помага за зацврснување на односите во семејството и пречекување на младенчето во атмосфера на силна посветеност еден на друг.

Каков е ставот на официјалните институции во државава како општите болници и клиниките кон дулите и нивната улога во породувањето?

    – Сеуште немаме овозможена подкрепа на дула во државни институции, се надевам дека набрзо ќе се овозможи ваква соработка. Верувам дека дулата може само да помогне во целиот процес и да ја олесни работата на болничкиот персонал, а не зазема премногу простор, доволно е едно столче. Нека ова воедно биде и апел за државните институции да ни дадат шанса да се вклучиме активно во подкрепа на родилките и нивните семејства.

Каков е ставот на приватните болници за улогата на дулата?

    – Со приватните болници има убава соработка и голема поддршка за оваа професија да се развие.

Колку дули има во Македонија. Дали сте поврзани во некое здружение?

    – Сега за сега сме три, наскоро ќе има обука во Нови Сад, па еве ако некоја жена е заинтересирана нека ме исконтактира за повеќе информации. Не сме оформиле здружение, сеуште не се појавила потреба.

Ако бремена жена се одлучи за услугите на Дула, каде може да Ве најде?

maja-1

Share.

About Author

Виолета Јакимовска

Остави коментар

Powered by themekiller.com