Oops! It appears that you have disabled your Javascript. In order for you to see this page as it is meant to appear, we ask that you please re-enable your Javascript!

ЗАБРАНЕТО И ДОЗВОЛЕНО

0

Тема како создадена за правници – дали е дозволено,  се што не е забрането? Меѓутоа, јас нема да ве мачам со границата на остварувањето на нашите права,  која ја поставува јавниот поредок, (уставот, законот,моралот и  добрите обичаи). Затоа што, овие мои размисли пред вас не се лекции по право, имам доволно часови за тоа!

Ќе појдам од една слика која ја носам во себе, повеќе од една деценија. На последниот кат на еден хотел во Вашингтон, месец дена  седев секоја вечер по два три часа покрај еден прекрасен базен. Седев и си велев еве денес тоа ќе се случи , ќе се случи но не се случи….. Оние кои ме познават или почнале да ме запознават преку моите текстови овде ќе помислат, чекала по кој знае кој пат,  пак. да се вљуби прв пат….Но не е тоа… Покрај тој базен чекав барем едно единствено дете, да направи нешто што беше забрането. Да премине преку линијата на базенот со црвена боја, покрај која беше напишано: забрането е децата да ја минуваат оваа линија. Мирен хотел две станици пред Пентагон. Една година по уривање на Близначките. Хотел во кој доаѓаа семејни луѓе. Секоја вечер имаше најмалку десетина деца, кои весело играа покрај и во базенот, но ниту едно од нив не ја преминуваше таа црвена линија. Нивните родители читаа книги, играа забавни игри, или работеа на лаптоп, без и малце нервоза дека некое дете ќе ја премине линијата. Одговорните лица, спасувачите ниту еднаш не беа во прилика да опоменат некое дете… А јас се надевав дека нечие прсте од љубопитност ќе премине преку линијата. Си замислував, како тоа би функционирало кај моите деца, или кај било кое дете од нашите простори? Љубопитни, тие би ја преминале линијата за да видат што е тоа што е забрането само за деца, а од што ги разделува таа црвена линија. Но, во овој мирен хотел американчињата се придржуваа на она што им е кажано и напишано  и настанот со кој сакав да ја разбијам монотонијата во вечерното одмарање покрај базенот не се случи! Дали е добро да сте така добро воспитани, и да се придржувате на упатствата,  дали дисциплината на нацијата, ја води напред  државата и дали затоа државата им е силна и богата, се прашувам и денес? Таму во САД понижувачки ми звучеа некои упатства од типот, отстранете го омотот на бонбоната не се јаде,  децата не смеат да се капат во машината за перење, домашните миленици не треба да се сушат во микровална печка и сл. Заштитата на потрошувачите како да го надминува чуството за почит, не  само кон образованите луѓе, туку и кон оние кои иако немаат образование, имаат искуствени перцепции за нормално однесување.

Се враќам кон забранетото и дозволеното и црвените линии,  кои често ви биле поставувани во животот со  или без оправдана причина според вас. Како што реков не мислам при тоа на она што значи кршење на закони . Туку, на забраните од типот излез до толку часот, не оди во тој дел на градот, не разговарај со тие луѓе, не разговарај со непознати,  не пливај далеку, не скокај високо , не трчај брзо, вози го велосипедот со две раце фатени за воланот, и сл.

Мојот Мика  Антиќ.  би рекол на некого му забрануваат ѕвезди,  на некого крилја и ластовички, а јас не забранувам ништо, дозволено е се и дури и она што не е. Како да успеете да ги преминете црвените линии и дали е добро да ги преминувате? Кои тоа верува дека е можно и тоа што не е дозволено?  Единствено децата! Затоа еве ја повторувам молбата на  Мика  останете деца и немојте да пораснете, останете деца за да имате желба љубопитност и потреба да згазнете на црвената линија и живејте слободно , убаво и лудо. Единствено ако го сочувате детето во себе ќе можете да мечтаете и измислувате, пронаоѓате, да правите се наопаку и ниту едно чудо да не ви биде чудо. Единствено децата го имаат пркосот во себе и децата се лажат себе си, дека се смее и она што не смее да се прави. Децата веруваат дека може да се направи се, и повеќе од тоа.  А животот не е секогаш фер и црвените линии се појавуваат секаде и станува забрането и нешто што ви се чини дека секогаш било дозволено. Или пак возрасни и зрели си поставувате нова забрана, нова црвена линија – не смеам да јадам ова, не смеам да пијам толку, не смеам да се облакам вака… Животот како што растете, носи нови наметнати црвени линии и често наместо да ве пуштат да летнете чуствувате дека ве кршат. И секогаш кога ќе ве скршат, ако го сочувате детето во себе, тоа ќе создаде нов сон, и тој сон не го сонувајте во мрак, потрчајте поблиску до зората и сетете се на убавите песни на чиј праг така лесно се бори со се во животот. Насмејте се полека пред црвените линии, намигнете и избројте до десет и претворете го сонот во реалност. Се обидувам никому ништо да не забранувам, да ги учам моите деца на добрина, и  преку искуствени обиди да ме разберат дека претерано приближувањето до огнот и светлината може да заболи.

Но јас не го читам само мојот филозоф од детството. Читам јас и многу други. Добитникот на ловоровиот венец на струшките вечери на поезијата  Пабло Неруда, забранува нешта што и јас посакувам да им ги забранам на сите. Според него: забрането е  да се плаче, а ништо да не се научи,забрането ви е да се будите и да не знаете што ќе правите со самите себе и забрането е да се плашите од вашите сопствени спомени. Пабло забранува уште: да не им се смеете  на проблемите, и да се откажете од борбата за она што го посакувате, видно уплашени од остварување на  сонот . Забрането е да го оставите своите пријатели и при тоа да не се обидете да разберете се што заедно сте преживеале и да ги повикате само тогаш кога  тие ви  се неопходни. Забрането е уште да не бидете сосема свој пред другите, и да се преправате пред луѓето кои воопшто не ви значат, и да изигрувате кловн за да ве запомнат, и да ги заборавите сите на кои толку многу вие им значите. Уште дозволено е да се забрани да не направите се што можете за самите себе, да бидете исплашени од живототи од она на што животот ве обврзува да живеете до последен здив. Забрането е да ви недостасува некој без радост и да ја заборавите неговата насмевка и очи, а се поради тоа што тој избрал поинаков пат од вашиот, забрането е да го заборавите неговото минато и да го замените со неговата сегашност. Неруда вели забрането е да не се обидете да ги разберете другите, да мислите дека нивниот живот е повреден од вашиот, и да не осознаете дека секој има свој пат кон славата. Забрането е уште да не создавате сопствена приказна и да немате време за оние на кои сте им потребни, да не се обидете да разберете дека животот е оној кој дава но и зема. Забрането е да престанете да ја барате среќата и да не го живеете животот со позитивен став и да не сметате дека секогаш можете да бидете подобри. И уште една забрана која јас ја дозволувам а Неруда убаво ја кажува: забрането ви е да заборавите дека без вас овој свет не би бил ист.

Еве и старомодната девојка која посакува да дозволи се и ве моли да останете деца и сонувачи има десетина забранети нешта од кои не би се откажала и најстрого би ги забранила! Дали навистина е дозволено се што не е забрането?

Пишува: Проф.Д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска

Share.

About Author

Остави коментар

Powered by themekiller.com