Живко Поповски Цветин – човекот со најголема цветна градина на планетата

0

Писателот и академик Анте Поповски, во едно свое пригодно писание кое датира од самиот крај на декември 1993-та година, настојувајќи да го опише и долови во вистинско светло творештвото на Живко Поповски Цветин, меѓу другото, запишал:„ Има еден човек кој ги поплави и просторот и времето околу нас со цвеќиња: ги распраќа по континентите, ги лепи врз писмата, ги става врз плакатите, од цеќиња им ѕида градинки на децата…

И навистина во оваа една и единствена реченица на академикот Поповски, филигрански прецизно е вткаен и напластен 30 годишниот творечки и животен пат на ликовниот уметник Живко Поповски Цветин, за кој ќе си доволам да речам дека е човекот со најголема цветна градина на планетата, во која виреат илјадници цвеќиња во сите бои на спектарот и во најразновидни облици.

untitled-3
Низ разговорот кој со него го водевме во едно ноемвриско саботно утро во култното кафуле „Челик“ во скопската населба Капиштец, само се потврдија најголемиот број премиси и судови врзани за името за овој вреден како мравка, тивок, ненаметлив и скромен човек. Во најголемиот дел од денот, барем што се однесува во последните 30 години другарува со уметничиот штафелај, шпатулата и мирисот на боите, кои го маѓепсуваат и инспирираат неуморно да твори, создава и да се остварува на начин на кој само можеме да му се восхитуваме.

Поврзаноста на популарниот Цветин со уметноста и уметничкото, датира од неговата 12-та или 13 –та година кога покажал афинитет да се посвети на овој позив. За тоа во голема мера придонесол тогашниот воспитувач во интернатот при основното училиште „Гоце Делчев“ во Демир Хисар Коста Хаџи Антоновски.

„Идејниот творец и основоположник на сега веќе надалеку етаблираната манифестација „ Мал битолски Монмартр“ во мене препозна дете со развиен талент и сенс за ликовната уметност. Слободно можам да кажам дека тој ме „инфиицира“ со вирусот на уметноста, вели Цветин, кој во шега додава дека гледано од временски аспект денес е неговиот највозрасен ученик. Се сеќава, до детал – се почнало во пресрет на одбележувањето на 29 ноември, државниот празник на Социјалистичка Федеративна Република Југославија, кога од Хаџи Антоновски добил задача пред присутните да го нацрта државниот грб на СФРЈ.

„Со оглед дека стануваше збор за вечерен настан, Хаџи Антоновски, во стил на искусен педагог, а со цел да не дозволи да ме обземе трема, на општо изненасување на присутните побара да биде исклучено светлото. Потоа вклучи батериска лампа, зеде едно столче, го постави пред таблата, ми рече да се качам и со креда да почнам да го цртам државното одличје на СФРЈ“ . Тогаш јас интимно знаев дека уметноста ќе биде мојот најголем предизвик, иако во почетокот работите не одеа во посакуваниот правец, раскажува Цветин, кој за себе вели дека е највозрасниот ученик на Хаџи Антоновски.

Поради тоа што родителите од финансиски причини не биле во состојба да му овозможат школувањето да го продолжи во Средното уметничко училиште во Скопје, Цветин во знак на протест една година по звршувањето на осмолетката не посетувал образование. За тој период од животот, додава на своја сметка дека шарената револуција, ја започнал многу поодамна од денешниве учесници на протестите! Но кога таткому му рекол да пресече и да одлучи дали засекогаш ќе остане во родното село Брезово, или пак ќе продолжи со наобразба на Вишата земјоделска школа во Битола, ја избрал втората варијанта, по што завршил и студии за инженер агроном. До неговото заминување во Југословенската народна армија во 1970-та година се бавел, но без поголем интензитет со правење на колажи и мозаици.

Вистински пресврт во неговата свест настанал кон крајот на март 1984-та година, кога една преписка со големата хуманистка и светица по потекло од Македонија, Мајка Тереза му дала силен импулс и поттик да се вклучи активно во мисијата на хуманоста и љубовта. Всушност од тогаш датира и зародишот на мисијата „Цвеќе на мирот“ за време на која македонскиот уметник досега создал, но и подарил над 50 илјади цветни аранжмани низ целиот свет. До 1998 -та година доминантна била маслената техника, а во `втората творечка фаза акрил на платно, хартија, камен, кожа и слично.

Без присуството на Цветин, денеска кај нас не може практично да мине ниту еден поголем настан, манифестација ,изложба. Секогаш и секаде присутниот уметник, без разлика дали е во прашање делник или празник, како во транс, за само неколку минутки, со одмерени движења создава маестрални цветни аранжмани, прецизни до максимум, а чија што убавина и мајсторство побудува силни и пријателски насмевки и симпатии кај луѓето кои ги дарува.

Овој ликовен фанатик на неповторлив начин комуницира со цвеќето, води љубов и дијалог со него, гледајќи во него непресушен извор на љубов, соживот ненасилство… Ако сепак интимно го прашате кое цвеќе преферира да го нацрта, без двоумење ќе ви одговори дека доминантно и суверено место во неговото творштво има розата, која е присутна во разни форми и варијанти и во пет бои колку што има континенти.

Крајниот резултат на неговата посветеност на мисијата која ја остварува преку цвеќето на мирот се над 300-те изложби кои биле поместени на сите меридијани на планетата земја. На некои од нив се навраќа со нескриено задоволство ,навлегувајќи и во најмала поединост.

„Во Седиштето на Обединетите нации во Њујорк, се претставив со изложба на 45 цвеќиња, кои ја симболизираа 45-годишнината од формирањето на Светската организација. Во 1987 година, за време на универзијадата во Загреб се претставив со самостојна изложба на слики, кои потоа им беа подрени на 30-те најуспешни спортисти. Во својство на претседтел на Црвениот крст на Република Македонија, во 1995 година присуствував на Меѓународната конференција за хуманитарно право во Сан Ремо, Италија, каде што беше поставена и мојата самостојна изложба насловена „Цвеќе, мир хуманост“, вели Цветин.

untitled-2
За изложбата поставена во 1989-та година во конгресниот Сава центар во Белград во чест на деветтиот Самит на неврзаните, според појаснувањето на уметнтикот, врзан е и еден посебен куриозитет. Имено, промовирајќи ја својата мисија, Цветин подготвил 9 посебни слики кои го симболизирале редниот број на Самитот, и 101 слика наменети за претставниците на сите земји учеснички на овој голем меѓународен собир. Иако било најавено доаѓањето на тогашниот ирачки претседател Садам Хусеин, тој не допатувал во Белград, а земјата ја претставувал неговиот заменик Тарик Азис. По враќањето во Багдад, тој по протокол сликата од Цветин му ја предал на Хусеин, кој во знак на благодарност, преку ирачката амбасада во Белград по неколкумесечна потрага по авторот, на Цветин му предал персиски килим на кој бил вткаен симоболот на Ирак „Вавилонски бик со харфа“. Килимот бил закачен на ѕид во домот на македонскиот уметник, но откако на 2 август 1990-та година во Крушево, Цветин разбрал дека Ирак извршил инвазија на Кувајт, веднаш го симнал на подот за да „се гази“ во знак на негодување за воената интервенција која била спротивна со неговата генерална мисија за мир, пријателство, разбирање, хуманост…

Особено успешна за него во меѓународни рамки била 1986 година, кога со самостојни изложби се претставил пред југословенските иселеници во Шведска (Малме, Гетеборг, Хелсинборг, Скара и Стокхолм), потоа во Германија (Бамберг, Нирнберг и Бремен) во Лубин Полска, каде подарил 40 слики по повод 40 годишнината на УНИЦЕФ, како и во Канада (Торонто), односно во државите Невада и Бафало во САД.

Мисијата Цвеќе на мирот, а со тоа и заложбата за меѓусебно разбирање, пријателство и толеранција, Цветин на својствен начин ја шири меѓу најмладите македонски поколенија, организирајќи изложби и работилници во над 150 Основни училишта и 50 детски градинки.

Битисувајќи катадневно цели три децении овој неуморен ликовен неимар овозможи цветните аранжмани во вид на изложба да бидат достапни, а потоа и подарени на рударите во рударското окно на 400 метри под земја во рудникот Добрево во Пробиштип. Цветин е веројатно единствениот жив уметник на планетава зад чие што име е запишано дека насликал и подарил цвеќиња за сите, буквално за сите соседи од неговата поранешна улица („Црвена Вода“ во Дебар Маало).

Малкумина знаат и дека за својата хумана мисија во 2009 –та година беше кандидиран за Нобеловата награда за мир. Неговата кандидатура, покрај другите тогаш била поддржана и од официјални претставници од Министеството за труд и социјална политика, Министерството за култура, Министерството за локална самоуправа, универзитетите „Св.Кирил и Методиј“ , Свети Климент Охридски„ и Американ колеџ, поранешни пратеници, академици, професори…

„Не е мала работа во конкуренција на 205 кандидати за Нобеловата награда за мир да се биде меѓу 30 –те кандидати, кои се најдоа во најтесен избор. Во анкетите кои тогаш можеа да се сретнат низ масмедиумите, јас го делев третото до петтото место, веднаш зад претседателите Обама и Саркози. Зад мене на шестото место се најде поранешниот американски претседател Бил Клинтон, а од 28 до 30 то место фигурираа имињата на еден Хелмут Кол, потоа на Владимир Путин, Џорџ Буш и Тони Блер“ појаснува македонскиот кандидат за Нобеловата награда за мир од 2009 –та година.

Минатата година конкурирајќи за Гинис, Цветин наслика слика долга 1001 метар, а посветена на 1001-та годишнина од ослепувањето на Самоиловите војници, со порака да прогледаат потомоците. Ја започнал на Цветници (5 април), а ја завршил на 5 август на роденденот на неговата мајка Цветанка. Сликата со широчина 20 цм на хартија, ја изготвил во период од четири месеци во една лабораторија на Машинскиот факултет, создавајќи секојдневно по 8 до 10 метри. Инаку, хипотетички, доколку човек би ги собрал во една лента сите 50 илјади цвеќиња на мирот колку што Цветин ги има подарено, , би исткајал „патека на мирот“ во должина од дури 10 километри.

Неуморниот амбасадор на мирот длабоко верува дека преку мисијата на Цвеќето може да ги облагороди луѓето, да им влее добрина и љубов ,но и да ги одмори, релаксира израдува…За Цветин едноставно цвеќето нема цена, тоа е нешто што не се продава, но затоа пак со задоволство се подарува, Само човек со таква широчина, таков светоглед и од таков маштаб впрочем е подготвен секогаш и секаде да го „искористи“ своето најсилно оружје ЦВЕЌЕТО за да ја шири и зајакнува својата мировна мисија.

Па така години наназад на денот на раѓањето на Исус, поточно на 6, 7 и 8 јануари народски речено на БОЖИК, тој ги посетува скопските гинеколошки клиники и им подарува цвеќе на мирот на новороденчињата! И официјално е запишано дека, освен цвеќиња од својата „градина “ на Хенрих Сокалски, полски дипломат, поранешен специјален претставник на генералниот секретар на ООН и шеф на превентивната мировна мисија во Македонија- УНПРЕДЕП во периодот 1995-1998, македонскиот сликар му подари 500 квадратни метри земја во демирхисарското село Брезово.

Потребен е уште многу поголем новинарски простор од овој кој ни е на располагање, само за да се нотираат активностите на македонскиот ликовен мировник ширум светот. Во оваа прилика само ќе споменеме дека негови слики со мотиви на цвеќе се инсертирани на 14 доплатни поштенски марки, на календари, разгледници, на 50 –тина насловни страни на книги, списанија… Македонската радио телевизија пак има снимено три документарни филмови за
Живко Поповски.

untitled-1
Сликата за неговото тридецениско активно уметничко битисување не би била докрај заокружена, како што самиот Цветин вели, доколку не се споменат со неколку зборови и книгите во кои се содржани реакциите на светски познати и признати личности за неговите творештво и мисија. Тој со гордост раскажува за Книгата со наслов „Цвеќе на мирот“, објавена во 1991-та година, а во која се содржани факсимили, песни –посвета од 69 поети од сите меридијани, на голем број светски јазици, собрани за време на одржувањето на струшките вечери на поезијата во периодот од 1986 до 1991 –та година. Меѓу другите, во книгата се содржани посвети кои Цветин ги добил и од еминентните поетски имиња Буалт Окуџава, Фадил Хисни Дагларџа, Ежен Гилвик, Блаже Конески, Андреј Вознесенски, Миодраг Павловиќ, Десанка Максимовиќ, Генади Ајги, Хусто Хорхе Падрон, Славко Јаневски, Матеја Матевски, Анте Поповски, Гане Тодоровски…
Во втората книга со идентичен наслов „Цвеќе на мирот“ излезена од печат во 2014-та година според Цветин, се содржани есеи и критики од 80- тина писатели, претежно домашни-македонски, кои настанале по разни поводи, изложби или јубилеи. Свои импресии за творештвото на Цветин, во оваа публикација изнесуваат Петре Андреевски, Анте Поповски, Ферид Мухиќ, Видое Подгорец Венко Андоновски, Бранко Цветковски, но и Паоло Куелјо односно Хусто Хорхе Падрон.

Share.

About Author

Остави коментар

Powered by themekiller.com