Ема Кушевска и полни очи езерска убавина

1

Препознатлива по уметничката фотографија со која го одзема здивот и те воодушевува секогаш, повторно со секоја нова фотографија или нов албум , Ема Кушевска, име кое го читаме како автор на фотографии, кои ги гледаме на многу фото-сајтови и не’ прави горди што и ние имаме светска, а наша уметница. Ако некој намерно или случајно ја посети викенд населабата „Елен Камен“ крај Струга, невозможно е да не ја сретне, зашто таа и нејзиниот сопруг се можеби единствените жители кои не го напуштаат местото на крајот на летната сезона, туку се постојано таму, живеејќи во спој со природата помалку “робинзоновски”, вљубени во езерото, флората и фауната како неицрпнна инспирација за нивната уметност. Погледот кон езерото од малата тераса пред нивниот дом е единствен, тука би можеле со часови да седите и да гледате кон езерската шир и да ја впивате убавина пред вашите очи и со неа да ја полните вашата душа. Заради топлината и непосредноста со која домаќините ме пречекаа , имав чувство дека се знаеме со години, а тукушто се запознавме…

Вие сте родена во Скопје и до пред неколку години живеевте и творевте таму. Што беше пресудно да го напуштите градскиот живот и да се доселите овде?

-Љубовта кон езерото ги поттикна моите родители да ја изградат оваа куќа, а сонот им беше да живеат постојано во неа, кога ќе се пензионираат. Истата љубов и желба ми ги всадија и мене. За жал, тие не дочекаа, но сега јас го живеам нивниот сон. Далеку од градската врева, стресот и тензијата, кои се неминовни во урбаните средини. Луѓето се’ повеќе се оттуѓуваа, на нивните лица гледав повеќе загриженост отколку радост, а дружењата станаа се’ поретки. Скопје се претвори во град на мртви души и веќе не го чувствував како свој. Тоа многу помогна да созрее мојата конечна одлука за бегство во природата. За моја среќа, маж ми со воодушевување ја прифати. Моите блиски беа многу изненадени, знаејки ме како „урбана“ жена и со недоверба гледаа на овој наш чекор. И еве, веќе 7 години сме тука и ниту еден миг не сме се покајале. Единствено што ми фали е мојата ќерка, но за среќа, далечината не е преголема; често доаѓа и тогаш срцето ми е полно и се’ е на свое место.

14-feb-i5-obj-gozde

Имавте ли потешкотии, со оглед на големата разлика во начинот на живот, навиките, снабдувањето со храна, огрев, другите потреби од градот? Дали ја доживувавте населбава како дивина, особено во зима кога се е замрено и кога е пусто?

-Како што реков претходно, оваа куќа моите почнаа да ја градат уште 1971/72 година. Беа пионери, основополжници на денешната населба. Најтешкото беше тогаш, бидејќи немаше ни струја, ни вода, ниту пристоен пат. Денес далечината од 4-5 км до Радожда или Струга не е проблем, особено ако имаш возило. Еднаш неделно одиме да испазариме што ни’ треба. Убавината на животот во помалите места, е во тоа што тука луѓето се сеуште луѓе, како сто велат овдешните – убави луѓе. Во секој поглед. Во Скопје исчезна блискоста, хуманоста, подготвеноста да се помогне. Таму веќе првите соседи не се познаваат, едвај се поздравуваат. Тука е сосема поинаку. Првото нешто што не’ одушеви е навиката познати и непознати да се поздравуваат, да кажат “на здравје”, ако видат дека пиеш кафе, или јадеш. Духовити се и секогаш насмеани, иако имаат егзистенцијални, но и други инфраструктурни проблеми . Тука времето како да застанало. Од друга страна, борбата за опстанок во вакви услови ги очеличи овие луѓе, ги здружи, ги направи сочувствителни. Заедно се во добро и зло; дали се верски празници, свадби, болести или умирачки.

Затоа и нашето привикнување на овие услови не беше травматично. Секој ќе ти даде совет и ќе ти понуди помош за се’ што ти треба. Така беше и со набавка и складирање дрва за огрев; како единствен начин на загревање зиме, бидејки (како што реков), струјата е нестабилна. Но, греењето на дрва има посебна магија и покрај ангажманот околу ложењето. Мирисот на дрва и огнот кој пламти во печката ја прави домашната атмосфера уште потопла, поромантична. А погледот на езерската шир, неминовно носи мир и спокој. Најголемата придобивка во овие, често отежнати услови за живот, е тоа што учиш да бидеш снаодлив во секакви ситуации.

Кој беше најтешкиот дел од приспособувањето кон новиот живот? Како ги преживеавте средбите со тукашните жители, мислам на животните во вода и на суво, птиците и инсектите со кои изобилува оваа крајезерска населба?

-„Најтешкиот“ дел од приспособувањето траеше неколку месеци. Тогаш се запознававме со природата и живиот свет кој не’ опкружува; со должна почит, како немо извинување што им го узурпираме нивното природно живеалиште. Со тек на време, тие сфатија дека не им се заканува никаква опасност од нас, дека сме пријатели, а единственото “оружје” што го имаме в рака, се нашите камери, со кои го ловиме секој миг од денот. И ни го дозволуваат тоа. Сега, речиси секојдневно се дружиме со гуштерчињата, кои без проблем застануваат на нашите нозе; пеперутките и вилинските коњчиња, кои слетуваат на подадениот прст; рибите и водните змии неретко од љубопитност се огледуваат во објективот; ласици, лисици и мечиња без страв претрчуваат низ нашето маало; а лебедите…е, тие се посебна приказна. Нив ги чувствуваме како домашни миленичиња, бидејки секојдневно доаѓаат пред нашата куќа, да ги нахраниме. Дури и нашите кучиња се прилагодија на овој живот, а тука соживотот функционира беспрекорно.

uw

Дали уметничката фотографија го замени во потполност сликарството, кое е вашата прва професија?

– Сликарството е мојата прва љубов. Во тоа време и седатив, со оглед на семејните трагедии што ги преживеав. По физичкото заминување и на мојот татко, заминаа и моите “обврски” зад затворени врати. Воздухот, надворешниот свет се јави како насушна потреба. Замената на кистот со фото-апаратот ми дојде како нормален след. Уметноста ми е врежана во генетскиот код, само го сменив начинот на изразување.

Со фотографијата се дружам од мали нозе, благодарение на мајка ми, која ми ја всади таа љубов. Но посериозно, да кажам професионално, се занимавам последниве 15 години. Од оваа љубов се роди уште една – познанството со мојот сопруг, кое за кратко време резултираше со брак и заеднички живот. Благослов е кога ќе најдеш животен сопатник, со кого имаш безброј допирни точки. Затоа и нему не му беше тешко да го напушти родниот Загреб, да стане Македонец кој одлично го владее нашиот јазик, за само 7 години престој тука. Тој, како професионален фотограф и нуркач, ми ги откри и подводните убавини; еден нов, за мене дотогаш непознат свет и морам да признаам, „ме навлече“.

Уредник сте и на неколку онлине портали специјализирани за фотографија. Како започна сето тоа?

– Прв пат се осмелив мојата работа да ја презентирам во јавноста пред некои 11 години, на инсистирање на еден мој другар. Се зачленив прво на една, а потоа и на многу други фото-страници. Интернетот е навистина моќен медиум. Не само за презентација, туку и за учење. А мене ми беше потребно, бидејки тогаш сеуште ги учев различностите меѓу аналогна и дигитална фотографија. Првите критики од искусните колеги, на почетокот ми беа шокантни. За среќа, суетата не ми е карактерна особина. За неа нема место во уметноста и творењето, воопшто. Татко ми велеше: кај што се раѓа суетата, умира креативноста. Затоа сите критики ги прифатив како неминовен дел од учењето и надградбата. И сеуште учам, затоа што фотографскиот занает е бунар без дно, со оглед на секојдневниот развој на техниката и технологијата. Колку успевам во тоа, ќе каже публиката.

Популарниот портал „National Geographic“ има објавено многу Ваши фотографии кои меѓу другото, изобилуваат и со теми од подводниот свет, флората и фауната. Исто така вашите фотографии се и наградувани. Која награда ќе ја издвоите од останатите како особено важна за Вас?

– Објавувањето фотографии на „National Geographic“ беше престижно и вид на признание првите години од неговото појавување на интернетот. Со тек на време и таму критериумите опаднаа и веќе ја нема истата важност. Тоа се случува и со другите страници. Така што, денес не е проблем да се стане уредник на некое од нив и тоа не го сметам за признание. Исто важи и за некои награди. Оние, кои доаѓаат од професионална фела, ми се навистина драги и ги чувствувам како признание. Но, најголемата и најдрага награда ми е од луѓето, кои редовно ме следат, внимателно ги гледаат фотографиите и реагираат од срце.

Автор на фотографии : Ема Кушевска

ema

Share.

About Author

Виолета Јакимовска

1 Comment

  1. Си припомнувам на ова парче од езерото.
    И јас поприлично живеев со него.
    Животот во голата природа сигурен сум носи бесценето духовно богатство.

    Уметноста на Ема често ја пратев.
    Убави фото доживувања.

    Си припомнувам и на тоа време од 70-тите и нејното семејство.

    Ми будат чувство на слободна радост.

    Александар

Остави коментар

Powered by themekiller.com