Oops! It appears that you have disabled your Javascript. In order for you to see this page as it is meant to appear, we ask that you please re-enable your Javascript!

Денот на планината

0

,,Kakav radostan dan” пееше Милан од ЕКВ. А нам секој ден и секој момент поминат на планина ни е радосен и среќен. И тоа не е само еден ден во годината, туку секој ден кога ја имаме привилегијата да сме горе. Сепак, со одлуката на Генералното собрание на Обединетите Нации 11-ти Декември да е ден на планината и ден на кревање на свеста за значењето на планините за целиот жив свет, Федерацијата на планинарски спортови на Македонија и сите планинарски друштва секоја година организираат две планинарски акции со цел одбележување на овој ден. Бевме поделени да се движиме по две планинарски патеки, едните одеа од Водно до Матка, а другите се одлучивме за полесната варијанта, да одиме по манастирската патека и да поминеме четири манастири на Матка.

Иако претходниот ден истураше во Скопје, овој ден ни се насмеа на сите и силно сонце сјаеше уште од раните утрински часови. Голем број планинари влеговме во автобусот број 60 и се упативме кон почетната точка. Таму веќе имаше пристигнати учесници, па по кусото поздравување и разменет збор, тргнавме кон првиот манастир, „Успение на Пресвета Богородица.“ Согласно податоците кои ги најдов на Википедија на македонски јазик, тој е активен манастир во кој постои женско монашко сестринство. Многу е веројатно дека кањонот и пошироката област го добиле името Матка токму поради овој манастир посветен на Мајката Божја, чие име на старословенски (црковнословенски) е мать (мат).

Продолживме нагоре, одејќи по снегот кој свежо наврнал и му се радувавме како деца зашто ги накитил дрвата по патот. Стигнавме до видиковецот, едно прекрасно место од каде се гледа целата околина, се потсетив како на ова место пред три години ги запознав сега веќе драгите пријатели од ,,Тетекс”-Тетово и ,,Димитар Илиевски-Мурато” од Битола. А потоа се приближивме кон вториот манастир, св. Спас, каде не чекаше чичко Дуле. ,,Направете кратка пауза и внимателно нагоре. И немој некој да се враќал по друга патека од таа што ќе одите”. – ,,Нема чичко Дуле” 🙂

Манастирот го памтам од првиот пат кога го посетив, пред три години, на истава планинарска акција. Сончев, со жолти листови во дворот и зраци што паѓаат низ гранките. Тука ја купив и првата книга посветена на движењето во планина, чекајќи ред да земам чај.

И кажав на Дана да не седиме долго туку да се упатиме кон св. Недела, за потоа на раат да си поседиме овде. Дана инаку секогаш ме охрабрува да пишувам, а сега е и тазе планинарка со голем потенцијал, па ја користам приликата да ја поздравам и да и кажам никогаш да не се откаже од планините 🙂

Патот нагоре се сеќавам дека беше стрмен и имаше делови што не се поминуваат многу лесно, а посебно сега, во услови на тазе паднат снег кој на места се заледил. Одевме внимателно, цела колона еден позади друг и стасавме. Има некоја магија ова место, ова разрушено светилиште, а тоа го чувствувам секогаш кога сум тука. Според податоците до кои дојдов, овој средновековековен православен христијански храм во урнатини, сместен високо во кањонот Матка во месноста Марков Град од левата страна на реката Треска, се смета дека е изградена во XIII или XIV век, истовремено со изградбата на блиските околни цркви и манастири и тоа Свети Никола Шишевски (од спротива), Свети Андреја (југоисточно во долот), Свети Спас (непосредно северно) и Успение на Пресвета Богородица

На една од карпите има поставено и спомен плоча во чест на прерано згаснатиот живот на Димитар Боцевски, кој во 2011 година загинал на ова место. ,,Благодариме што беше наш. Црвен крст на Град Скопје. ПК Кораб.”

Полека се спуштивме низ процепот, кон прекрасниот видиковец  и тука си дозволивме малку подолга пауза, да се видиме и да поразговараме, да направиме фотографија за спомен со другите планинарски друштва. Следен за посета беше и последниот манастир за овој ден, св.Андреја. Скриен меѓу стрмните и високи карпи, тој претставува еден од ретките манастири во кој се зачувани повеќето натписи од времето на подигнувањето и живописувањето на црквата, значајни за нејзината историја. Во уметнички поглед фреските во манастирот, претставуваат новина во македонското средновековно сликарство. За да стигнеш до него, мора да поминеш од браната на Матка, да поминеш низ шарените чамчиња во водата и оној поглед на кањонот кој не остава без здив и кој секогаш го фотографираме кога поминуваме од тука, иако пишува дека фотографирањето е забрането.    

Дел од луѓето веќе беа пристигнати. Тука се сите, сите мои другари и другарки. Полека доаѓаат и останатите, кој преку езерцето спуштајќи се од Шишевски, кој од патеката која ја одевме ние. Претставници од Федерацијата имаа свое излагање и доделување на признанија на сите поединци и клубови кои оваа година оствариле успеси и врвни резултати во планинарството, меѓу кои Александар Кирковски, Иван Трпков и Неби Хоџа, награда за животно дело доби планинарот Гојко Геговски од ПК Бистра – Гостивар и клубот Кожуф од Гевгелија, а симпатиите на сите секако ги освои малиот Ване Бошев од Планинарското друштво Неготино, кој доби награда за млад надежен планинар. Церемонијата помина прекрасно, со греано вино и насмеани луѓе, а по поздравувањата и честитките, време беше да се упатиме кон автобусите кои беа организирани за превоз и да се прибереме дома.

А веќе наредниот ден повторно си имавме настан на кој се собравме сите планинари, за да ги чуеме најдобрите изминатава година и кои со своите презентации и видео материјали ни раскажаа како е да го поставиш македонскиот брзински рекорд на Мон Блан и Елбрус (Кирковски), како е да се качиш на насоката “Зидвандвехтер” на Гросглокнер и притоа да си заглавен на тенок мраз (Бојан и Саша), како ги искачуваш Елбрус и Кавказ и кога конечно мислиш дека патувањето ќе продолжи на море и плажа, двајца од тимот одлучуваат да го качат и Арарат (Марина, Здравко, Игор и милиот Ивица кој за жал оваа година прерано не напушти и на кого целата сала му оддаде почит со едноминутно молчење).

Посебен впечаток ми остави Бојан, кој раскажуваше како додека стоел со бајлата закачена во карпата и не знаел кој ќе му биде следниот чекор ги гледал дланките кои му се тресат почувствувал милион испреплетени емоции – прво жал за себеси, па страв, па помирување, за на крај да погледне посвесно и да сфати дека сепак има надеж и дека ќе успее. И успева.

За крај, церемонијата ја затвори скромниот Бојан Петров од Бугарија, кој има качено десет врвови над 8.000 метри и кој дојде кај нас со цел да ги сподели своите искуства и приказни од височините. Беше навистина интересен за слушање, со доза на хумор, доза на животни мудрости и многу работи кои направија целата преполна сала да го слуша со почитување и восхит. А презентацијата ја заврши со една многу убава реченица што сигурно долго ќе ја памтам. Кажуваше како на некоја манифестација за доделување на најдобрите спортисти во Бугарија бил најстариот меѓу нив. Ги ценел своите помлади колеги и им честитал, но сепак говорот го завршил со зборовите ,,Колеги, на вас ви ракоплескаат полни сали и преполни стадиони, но на нас ни ракоплескаат боговите.” 🙂   

Прекрасни луѓе, нека ни е среќен денот.

Share.

About Author

Калина Велевска

Остави коментар

Powered by themekiller.com