Да се искачиш на Љуботен

0

После долгите планови како ќе се качуваме на Љуботен, дали да спиеме, дали еднодневна, со кое возило ќе одиме натаму, колата на Војо откажување во 90-та минута, дојде и тој долгоочекуван ден, сабота, 12.11.2016 година. Горан беше најголемо сонце и се понуди да не однесе до Старо Село, каде се екипиравме 7 луѓе, пиевме кафе во селската кооперација и тргнавме кон Вила Љуботен. Војо по пат ми збореше дека е супер, ама искрено не можев ни да замислам дека вилата така позитивно ќе ме изненади, прво со гостопримливиот и домаќински однос на Васе и неговите пријатели, а после и за условите за престој и спиење. Кога тргнуваш на планина во зимски услови, многу ти е важно кога ќе се прибереш да ти е топло и удобно, да има каде да се истушираш и средиш, а ваму го имаше сето тоа и многу повеќе. Дури и добив желба да отидам некој ден на подолг престој, па да се опуштам дишејќи чист планински воздух и да си го качувам Љуботен секоја слободна прилика. Седнавме, веднаш испославме на маса се’ што носевме, многу се смеевме за музичкиот избор, се смеевме што ли ќе кажат металците на Васе, се смеевме за мојот ориз што никој не го проба… се смеевме зашто бевме безгрижни, зашто бевме горе, ослободени од сите грижи и проблеми. После некоја чаша вино, со Војо тргнавме нагоре, но стигнавме само до знакот и сфативме дека силниот ветер ќе не одува ако продолжиме понатаму. Легнав во раните утрински часови и после само 3 саати сон, со неколку пријатели тргнав нагоре, кон врвот. Пријателите веднаш ги изгубив, затоа што како по обичај застанував на 2 минути да направам фотографија или да се поздравам со некој, па излезе најголемиот дел од патот да го поминувам сама, што секако не ми е проблем, дури и си има некоја посебна убавина. А нагоре, еден куп луѓе што се обидуваа да ме предомислат, едни ми кажаа дека врвот е затворен на 2.100 метри, други ми кажаа дека предоцна тргам и ќе ме вратат, многу луѓе ми кажаа дека ги предомислил ветрот и ладното време и не се качиле до крај.. а јас само одев, климав со главата и си велев во себе ,,нема теоретски шанси да не се качам на Љуботен.” 🙂

20161113_150703
Ветрот беше навистина прејак, на моменти ме клатеше лево-десно, снегот иако прекрасен го отежнуваше качувањето, но ништо од тоа не ми претставуваше проблем. Одев нагоре и си размислував ,,сега можеше да останеш со сите што решија да не качуваат, сега можеше да пиеш чај и да си уживаш во вилата…ама не, ти одлучи да се измачуваш тука како будала некоја”. И си се смеев самата на себе, бидејќи знаев дека сите тие мисли се неважни и дека мојата цел е врвот Љуботен, мојата најголема љубов и ќе се качам таму горе без оглед на сите околности. Дури и си мислев дека колку е потежок патот за нагоре толку повеќе среќа и исполнетост ќе чувствувам кога ќе се симнам, што се докажало многупати досега. По патот ги видов скоро сите омилени луѓе, со кои разменив некој збор и што се чудеа каде сум тргнала сама да се качувам на тие временски услови и магла. Ништо од тоа не ми значеше, бевме јас и Љуботен, одев насмеана нагоре и постојано си повторував колку ја сакам Шар Планина и какви чуства буди во мене. Видов и неколку луѓе што морам да признаам дека ги поздравив затоа што ме повикаа по име, но бидејќи беа ,,маскирани” со огромни наочари за скијање и капи, не успеав да ги познаам кои се, а тие можеби ќе се пронајдат во текстов. Го сретнав и Дени со кој никако да се начекаме на тура после Митикас и што ми рече ,,Спомни ме во текстот за викендов”, па еве го и него во овие редови. 🙂

Некаде на пола пат ги начекав другарите битолчани, па со нив продолжив натаму. Ветрот беше суров и не маваше во лицето, буквално како да ни влепува шлаканица, а Кире тогаш ја кажа мислата на денот – ,,ветрот мава, ние крепиме. Тој уште појако мава, ние уште повеќе крепиме” 🙂 Мислам дека во тоа е целата суштина и тоа многу кажува какви луѓе сме ние планинарите.

20161113_142612
На врвот немаше многу време за останување, само по некоја фотографија и честитки и одеднаш во таа магла се појави Мијалчо да ми посочи дека сум меѓу последните и мора веднаш да тргаме надолу затоа што ќе не фати мрак ако не побрзаме. Се симнувавме полека но сигурно, а тој повторно ми кажуваше совети за тоа како да се движам по снег, како да ги користам планинарските стапчиња и други животни мудрости. Долу немаше многу време за чекање и директно се упативме кон Старо Село, а од таму и за Скопје. Во автобусот Игор ми даде една убава масажа, а со него и Дамјан правевме планови каде ќе одиме наредниот викенд и колку е убав Титов Врв во зимски услови.

20161113_112640
Од емотивните доживувања, имам да кажам неколку работи. Прво дека Љуботен е мојот омилен врв. Една од причините е тоа што ни го разубавува градот со неговиот маркантен изглед во далечината. Другата причина е дека Љуботен е врвот кој целиот живот сум сакала да го посетам затоа што го гледам скоро секој ден од мојот дом и тоа дава посебно убав поглед од терасата каде живеам. Но сепак, со текот на годините упорно ги прескокнував турите што се организираа за искачување, затоа што си зацртав дека првата средба со врвот ќе ми биде кога ќе одам на трансверзалата, желба што ми се исполни оваа година и доживување што не се споредува со ниедно друго. Така што отсега не планирам да испуштам ниту една тура за Љуботен, а тој може да не пречека со магла, со ветер од 60 км/ч, со снегови што на моменти замрзнале и го отежнуваат одењето, но мене секогаш ќе ми биде најголема љубов и радост што сум таму. Ете тоа е за мене да се искачиш на Љуботен.

Share.

About Author

Калина Велевска

Остави коментар

Powered by themekiller.com