Грозјето како „овошно млеко“

0

Виновата лоза е една од најстарите културни билки за чие потекло не се знае баш многу, но најверојатно потекнува од Азија. Ја познавале сите антички народи, а кај Грците била култна билка.

Има повеќе видови винова лоза, а се разликуваат според обликот, големината и бојата на плодот (грозјето).

Грозјето во свежа состојба претставува извонредна храна – лек, која благодарение на значителната содржина на овошни шеќери и други хранливи и заштитни состојки, како што е антоцијан, го јакне организмот.

Црно, црвеникаво или бело, секое грозје има свој вкус и мирис, а сите видови се сочни, вкусни и слатки.

Одделни сорти, како што се афусали, мускат, хамбург, смедеревка и кардинал се многу хранливи со изобилство на корисни состојки, меѓутоа не треба да се потценат ниту некои вински сорти прокупец и пловдин.

Грозјето е овошје на сонцето и топлината, се смета за едно од најквалитетните прехрамбени продукти, лесно е сварливо и се препорачува на децата и рековалесцентите, но и на здравите лица, освен на дијабетичарите, бидејќи содржи големи количини на шеќер. И дебелите лица треба да го јадат во помали количини поради неговата диететска и терапевтска вредност, како и хранливост поради што уште се нарекува и “овошно млеко”. Грозјето е богато со јаглени хидрати, а сиромашно со масти и белтачини, додека воопшто нема холестерол. Од минералните состојки има фосфор, железо, магнезиум и натриум, а од витамини најмногу А и Ц и одделни витамини од групата Б.

Грозјето помага за варење на храната, ја регулира работата на бубрезите, го спречува расипувањето на забите и ја успорува работата на некои вируси. Се смета дека благодарение на присуството на танин и полифенол има и антиканцерогени својства. Врз основа на некои студии, утврдено е дека во краевите во кои се користи многу сувото грозје процентот на заболени од рак е многу мал. Се препорачува во сезоната на грозје еден ден да се јаде само грозје што овозможува прочистување на организмот од наталожените штетни материи. Во народната медицина сувото грозје се користи против кашлица, заболување на бубрезите и тоа по 100 грама трипати на ден.

Како начин за слабеење се препорачува 500 грама свежо бело грозје трипати на ден и тоа наутро, пред појадок, и еден час пред ручек и вечера, се разбира покрај диеталната исхрана. Кај заболените од простата треба да се изеде трипати на ден по 300 грама црно грозје во траење од 10 дена, а против заболување на црниот дроб трипати на ден по 200 грама грозје или сок.

Листовите од винова лоза се користат кај хроничниот пролив, за запирање на крварење и подобра циркулација на крвта. Се препорачува и во климактериумот.

Кога го купувате грозјето треба да обрнете внимание на неговиот изглед: гроздовите треба да бидат формирани, добро прицврстени на гроздот.

Грозјето треба добро да се измие, бидејќи се прска неколкупати, а во замрзнувачот се чува неизмиено во кеси до употреба.

Сите делови од виновата лоза можат да се користат за приготвување на готварски специјалитети. Покрај тоа што се јаде свежо, грозјето се преработува во сокови, вино, коњак, оцет, џем, слатко и мармалад. Во комбинација со разни миризливи тревки се приготвуваат освежителни и лековити напитоци.

Исушените зрна, сувото грозје е многу калоричен прехрамбен продукт, што покрај присуството на целулоза се додава во каша од житарици или со него се приготвуваат слатки, но и солени јадења.
Од листовите од винова лоза се приготвуваат вкусни јадења како што се сарми или специјалитети со суво месо.

ГРОЗЈЕ СО НАНЕ

Потребно: 400 грама бело грозје, 7 лажици течен мед, 3 лажици сок од лимон, 5 лажици сируп од нане, листови свежо нане.

Начин на приготвување:

Измијте го грозјето, па одделете ги внимателно зрната од гроздовите. Измешајте го медот, сокот од лимонот и сирупот од нане, па прелијте го преку грозјето што сте го разделиле по чинии. Оставете го да стои во ладилник најмалку два часа. Сервирајте го украсено со листови од нане.

ГРОЗЈЕ ВО РАКИЈА

Потребно: 1 кг бело грозје, 500 грама шеќер, 5 дл. овошна ракија, 1 лимон, цимет.

Начин на приготвување:

Измијте го грозјето и одделете ги внимателно зрната од гроздот. Сварете шеќер со 5 дл вода така да добиете густ сируп. Секое зрно грозје дупнете го со чепкалка, па прелијте го со врел сируп. Оставете го да стои до наредниот ден, а потоа зрната ставете ги во тегли, а сокот измешајте го со цимет. Варете го додека не изврие до половина. Изладете го, додадете ракија, сок од лимон и прелијте го преку грозјето. Затворете ги теглите и користете ги по два месеца.

СЛАТКО ОД ГРОЗЈЕ

Се прави од специјална сорта грозје – афусалија. Ова грозје има крупни жолто зелени зрна и цврста лушпа која лесно се отстранува со нож. За слатко треба да се изберат зрели крупни гроздови, а зрната приближно иста големина. Грозјето добро да се измие, а потоа да се отстрани лушпата, па со мала шнола за коса да се извадат внимателно семките..

На килограм грозје се става 8оо грама шеќер. Се прави прво густ шербет, а потоа се спуштаат во него зрната грозје и се вари. Десетина минути пред да биде готово слаткото се додаваат два големи лимони исечени на тркалца и на врв на ножот лимонтус и две шипки ванила исечени на парчиња. Од готовото слатко се отстранува пената, тенџерето се покрива со влажна салвета и се остава еден ден да отстои. Слаткото се става во тегли. На половината од секоја тегла се става по неколку тркалца лимон, а во средината парче од ванила. Теглите се затвараат со натопен целофан во ракија.

ГРОЗЈЕ ЗА ЗИМА

Се земаат 3 килограми бело грозје и добро се мие. Големите гроздови се расподелуваат на дршките за да можат подобро да се наредат во теглите. Посебно се варат 800 грама шеќер со литар вода и тој раствор додека е уште жежок се става во тегли со грозје. Одозгора се додава сосема малку салицил и се затвараат теглите со целофан.

Share.

About Author

Остави коментар

Powered by themekiller.com