Анте и Македонија. Македонија и Анте –ТОА Е МАКЕДОНСТВО- ГЛАСНО МАКЕДОНСТВО

0

Во неповторливиот амбиент на хотелот Александар Палас, (фоајето) на 17 ноември се случи незаборавен културен настан –Омаж со кој беше одбележана 85 годишнината од раѓањето на современиот македонски поет, академик Анте Поповски. Овој мултимедијален настан собра многубројна и секаде посакувана публика, (академици, поети, писатели, научни и културни работници, лекари, правници и претставници од уште многу фели), беше отворен со песна на видео бим во интерпретација на самиот автор. Низ програмата што потоа следеше водеше Ирина Поповска, внука на поетот, а прв беседник за неговото творештво, беше професор д-р Кристина Николовска со речта на тема ИМАЈТЕ ИСТ ВЕК СО СОНЦЕТО!(Анте и Македонија. Македонија и Анте.)

Говорејќи со пиетет за есеистичкиот опус на Поповски, како помалку познат и засега нерастајнет во македонската јавност, Николовска рече дека Поповски триумфира и блеска со раскошна херменевтика, со густина на мисла, со брилијантна реченица и врвна стилистика. „Во овој блескав опус, Анте го откриваме како суштински теоретичар на литература, но и литературен и лингвистички научник кој никогаш не се етаблираше како таков“, додаде Николовска.

Правејќи компарација на поетовото творештво, не штедејќи суперлативи, таа констатирше:

Во поетологијата – извиши „планини“.
Во Ars Poeticata – триумфираше!
Во филозофија на творештвото – остави рудници и рудници…
Затоа оваа есеистика е – дијамантска есеистика. Есеистика-ремек дело.

Според Николовска од неговите монументални есеи, може да се изродат и да се постават на сцена драми, оти како што рече „драма е есејот на Анте, а ремек-дело на жанрот есеј е есејот негов“.

Грандиозниот есеистички опус на Поповски, промоторката Николовска, како што самата рече го доживеала како Вечна ода за Македонија. Пред Величеството Македонија, Анте гради монументи- оцени Николовска и додаде „Ја следи уште од древнини кога таа била во „морето“ на плодовата вода, па кога била дете, па мома итн. Истата мома за која Анте се грижеше како за родена ќерка, да не ја обесчести никој“!

Говорејќи за Македонството, кое во секоја прилика се врзува за името на Поповски, професор Николовска додаде дека нема повисок монумент на Македонството од неговата – потресна љубов кон Македонија. „Анте и Македонија. Македонија и Анте. Тоа е македонство. Вистинско македонство. Гласно македонство. Возвишено и чисто македонство. Македонија за него е Книга од која ненаситно читаше и не учеше и ние да читаме“, порача таа.

„Анте е големиот филозоф на македонската историја!
Анте е врвен мислител на македонската литературна историја и културологија,
Анте е филозоф на македонската култура,
Херменевтичар и филозоф на уметностите и културите,
Фундамент и есенција на нашата култура, нејзин клуч и знак…“

Поет – за кого највисока светлина е зборот… “ смета Николовска. Својот емотивен настап кој наиде на воодушевување кај публиката, таа го заврши со зборовите:

„Вечерва, Сите ние сме завет,
сите ние сме збор…
можеби сон…
А неговото писмо е чиста сончевина – оти е брат-близнак со Сонцето…
А земјата врз него – е небо… со ѕвезди од букви и зборови…„

Професорот д-р Венко Андоновски, кој важи за еден од најдобрите познавачи на творештвото на Поповски, во својата реч, поезијата на Поповски ја окарактеризира како поезија на силна поента, поезија на проблесокот, поезија на Зенот,..

Поголемиот дел од своето излагање, Андоновски го посвети на способноста на Поповски, содржана како што рече и во неговото поетско писмо, да се проникне во најситното, најмалото, најдребното, најдецималното. Ваквата негова оптика, според Андоновски, го трансформира Поповски во автор кој невидливите нешта ги правеше видливи, како што е трагедијата на една ситна мушичка заробена во смолата на борот.

Критичарот Андоновски со почит говореше и за натприродната, како што ја нарече моќ на Поповски да го запре времето, илустрирајќи ја со пример од нивната дружба за време на заедничкиот престој во Варшава, што потоа му помогнал да детектира и ликови за неговите романи.

Публиката со симпатии ги ислуша и поддржа импресиите од долгогодишните заемни релации, соработката и пријателството со поетот, кои ги изнесоа Љупчо Арсовски, дипломат од кариера и поранешен амбасадор на Република Македонија во Грција и во Романија, доајенот на македонското новинарство, Ерол Ризаов и Страшо Ангеловски, директор на “Прифатниот центар за баратели на азил“.

Со долготраен аплауз беше поздравен и убедливиот настап на артистот Славко Нинов, кој вдахновено говореше стихови од Анте Поповски. Со сплет стихови од Поетот, подготвени специјално за оваа прилика во улога на рецитатор се претстави и професорот Павле Стојанов од Струмица.

Хуманистот Живко Поповски Цветин за целото времетраење на настанот сликаше цветни аранжмани кои потоа ги подаруваше на присутните, давајќи сопствен удел во чествувањето на поетот.

Инаку во рамките на одбележувањето на јубилејната годишнина од раѓањето на Поповски, досега се одржаа неколку настани. Во март 2016 година беше издаден и промовиран (во Културно информативниот центар на РМ во Софија) избор од неговата поезија на бугарски јазик под наслов „Ѕвезден корен“. Во мај се одржа чествување на поетот во Друштвото на писателите на Македонија на кое беа промовирани книги со есеи од поетот, а во рамките на „Охридско лето“ се случи проекција на играниот филм „Планината на гневот“, работен по сценарио на Анте Поповски. Ликовниот уметник Живко Поповски-Цветин имаше ликовен хепениг во родното село на поетот – Лазарополе, а во чест на поетот, во октомври годинава во Струмица, исто така, се одржа омаж и рецитал.

ЗА ПОШИРОКАТА ПУБЛИКА ИСТО ТАКА МАЛКУ Е ПОЗНАТО ДЕКА ВО ГОДИНАВА КОГА СЕ ОДБЕЛЕЖУВА ЈУБИЛЕЈОТ 85 ГОДИНИ ОД РАЃАЊЕТО НА АНТЕ ПОПОВСКИ, НА СКОПСКИОТ УНИВЕРЗИТЕТ „СВ. КИРИЛ И МЕТОДИЈ“ БЕА ОДБРАНЕТИ ЕДЕН ДОКТОРАТ И ЕДНА МАГИСТЕРСКА ТЕЗА НА ПОЕТОВОТО ТВОРЕШТВО!

Share.

About Author

Остави коментар

Powered by themekiller.com